/ Прочитано:

2.356

Адвокат Мартин Петров за „Ровер“: Ако се виновни, зошто добија минимални казни?

Кривичниот суд пресече, обвинетите во бомбастичниот процес „Ровер“ се помагачи на двојно убитво, дело за кое минималната казна е од 10 години, па се до доживотен затвор. Судијата се згрозил на сликите од свирепото двојно убиство на Марјан Тушевски и неговиот возач, а досуди ниски казни, дури и под 10 години, колку што е минимумот за ова дело, вели адвокатот Мартин Петров, одбраната на шестообвинетиот Ивица Ристиќ, кој за помагање на двојното убиство што се случи пред 12 години во скопски Капиштец, заработи 8 години затвор. Вистинска енигма за Петров е образложението што допрва на писмено ќе го даде судскиот совет, зошто на обвинетите им се досудени ниски затворски казни кога за судот, тие се помагачите на Србите што го ликвидираа Марјан Тушевски и неговиот возач. Борбата за превласт е пресудна, Орце Коруновски ги најмил убијците од Србија за да го ликвидираат неговиот ривал Тушевски, а останатите обвинети се посредни и непосредни помагачи. За ова допрва ќе треба да одлучува Апелациониот суд, откако одбраната ќе ја обжали првостепената пресуда. 

На самиот ден на соопштувањето на судската одлука, освен солзи, пцовки и нервоза од страна на јавноста, видно незадоволна од казната беше и одбраната. Не помогна ниту образложението на судскиот совет зошто донел токму таква одлука, напротив, одбраната остана интригирана, па дел од неа е во исчекување да добие подетално образложение на пресудата. По првата бура од емоции, одбраната на шестообвинетиот Ивица Ристиќ, адвокатот Мартин Петров ги сподели првите впечатоци од она што го слушна во судницата.  

„Казната од 8 години е ниска доколку судот од изведените докази утврдил помагачко дејство за сторено кривично дело. Судот рече дека нашол помагачко дејствие на обвинетите во двократно убиство. Законот за тоа дело предвидува минимална казна од 10 години, меѓутоа со законски олеснителни околности казната може да се ублажи, она што всушност го направи судијата. Меѓутоа, мене не ми е јасно, а мислам дека и на останатите адвокати вклучени во овој процес, тоа што на почетокот судијата самиот кажа дека е извршено свирепо убиство и дека тој бил згрозен од сликите. Појасни дека без разлика на минатото на жртвите, никој не заслужува да му биде одземен животот, особено не на таков начин. Потоа, најде вина кај обвинетите, а по однос на казните и од предвидената најмала затворска казна, со законски олеснителни околности, судијата повторно ја намали казната. Од една страна е свирено убиство, а даде минимални казни. Не знам судијата како на писмено ќе образложи зошто ги ублажил казните, кога според него, тие се помагачите на свирепо убиство“, појаснува Петров. 

Кафеана која била во сопственост на обвинетиот Ивица Ристиќ директно го поврзува со Србите кои се во бегство, тие заедно со Орце Коруновски му биле чести гости. Тој самиот укажа дека Коруновски ги носел кај него, а често пати, според неговите кажувања, му земал и рекет. Летото, во 2001-та година, како што беше кажано за време на судењето, една вечер Србите дошле во кафеаната и му оставиле торба полна со пиштоли. Обвинителството најде поврзаност меѓу Ристиќ и оружјето со кое е извршено убиството, но Петров вели дека балистичкото вештачење не го докажува тоа тврдење. 

„Србите му ги оставиле пиштолите во неговата кафеана. Наредниот ден пиштолите ги пријавил во полиција, оттаму се сретнал со инспекторот по крвни деликти, Горан Станковски. Потоа, му било кажано пиштолите да стојат во кафеаната, а полицијата ќе се погрижела за нив. Толку е неговото дејствие, тука ОЈО го поврзува. Неговиот старосват дојде во судница и тврдеше дека Ристиќ му предал еден од пиштолите,  а дали со тој шиштол е пукано во Тушевски останува нејасно. Двократното убиство мислам дека е извршено со 4 пиштоли. Од балистичкото вештачење, според куршумите пронајдени во телото на починатите, не се утврди дека се испукани од оружјето што Ристиќ му го дал на неговиот старостват“, раскажува Петров. 

Досието „Ровер“ се отвори по 12 години и дури тогаш доби разрешница што предизвика и многу дилеми во јавноста. Одбраната во текот на процесот се држеше за „опипливите“ факти изнесени во судската постапка. 

„Поминато е доста време, оттогаш се смениле разни струкури и преовладувале секакви политички интереси. Меѓутоа зборувам за она што сум го видел и слушнал приложено како доказ во судница. По однос на тоа што Ристиќ пријавил во полицијата, открил факти за можните сторители, понатаму работата е препуштена на полицијата. Својата обврска како граѓанин ја завршил. Судијата образложи дека точно е тоа што пријавил, меѓутоа не заслужува да биде ослободен од одговорност. Во правото има два случаи, секој треба да открие она што го знае пред да биде сторено делото, тогаш се ослободува од одговорност, а доколку веќе е сторено дело, па откако ќе го соберат и кодоши сторителите, тогаш нормално не може да биде ослободен од одговорност бидејќи се разбира дека се фаќа за сламка за да се извлече. Меѓутоа, Ристиќ не знаел дали тие ќе бидат откриени, самиот кажува дека не можел да спие, бил вознемирен, постојано се потел. Затоа ја повикал полиција уште утредента откако Србите му ги оставиле пиштолите“, заклучува Петров. 

Адвокатот Петров ја чека судската одлука за да ја обжали пред Апелациониот суд. Во овој процес, 12 години затвор доби поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, четворицата обвинети Срби на кои им се судеше во отсуство добија доживотна казна затвор, 10 години затвор заработи Зоран Трајковски, по 8 години добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по 6, Гоце Митревски и Никола Негриевски. Во завршни зборови, обвинителството се откажа од гонење на 5 обвинети, тогашни помлади инспектори во Секторот за набљудување и документирање при МВР, поради недостиг на докази против нив. 


Објавено: 29.07.2013

Разговараше: Паула Божиновски