/ Прочитано:

1.554

АДВОКАТ СВЕТЛАНА САВИЌ: Судот при оценка на законитоста на доказите треба да го цени и суштинскиот аспект, а не само формалниот

Судот при оценката на доказите во случајот „Прислушување“ освен формалниот, треба да го и цени материјалниот – суштинскиот аспект. Ова значи дека тие не го оспоруваат суштинскиот дел, а тоа е – вистинитоста на доказите, смета долгогодишна адвокатка по кривично право, и поранешна судијка Светлана Савиќ.

Поткрепа на своето тврдење, Савиќ, како што вели, наоѓа во домашната судска пракса, како и во праксата на Судот за човекови права во Стразбур.

„За законитоста на одлуката во смисла на тоа дали доказот прибавен на недозволен начин може да биде земен во предвид  во кривичната постапка, а кој содржи недостатоци од формална страна и дали на така прибавениот доказ може да се базира судска одлука, постојат становишта и одлуки на судовите во РМ, кои го примениле сопственото законодавство и законодавството на Европскиот суд во Стразбур. Тука пред сѐ мислам на Одлуката на Основниот суд Скопје 1 Скопје ,  КОК 54/10,  потврдена  со  пресуда  на Апелациониот суд Скопје и на Врховниот суд на РМ, која во јавноста е позната како „Фаланга 1“, и се водеше против Миодраг Готиќ и други. Судот во овој случај  образложува како постапил при приговорот за незаконито изведени дејствија од формална страна и ги појаснил причините кога ваквиот приговор може да биде основан, односно појаснува дека приговорот мора да биде поткрепен од формална и суштинска – материјална страна, за да истиот биде прифатен од страна на судот“, вели адвокатката.

„Отровно дрво раѓа отровни плодови“

Во пресудата за „Фаланга 1“, судот не го прифатил предлогот на одбраната да се издвојат како незаконити записниците од претресот.

Во пресудата се истакнува дека кога во правото се зборува за незаконитост во прибавувањето на доказите често се користи познатата изрека „Отровно дрво раѓа отровни плодови“, која во својата суштина го содржи правилото дека сите докази што произлегуваат од незаконито прибавен доказ и самите се незаконити, но во конкретниот случај ова правило не може да има свoја примена.

„Обвинетите воопшто не ја оспоруваат содржината, односно суштината на преземеното истражно дејствие, поточно не оспоруваат дека кај нив е извршен законит претрес при кој се пронајдени и со потврда одземени сите оние предмети за коишто потпишале потврда за привремено одземени предмети. По оценка на судот оспорувањето на формалниот аспект на претресот рефлектиран преку оспорување на записникот за претрес, поточно неговата употреба, а не автентичност, а при состојба кога странките не ја спорат содржината и суштината на истражното дејствие, судот изведува заклучок дека претресот е законито спроведен и сите докази кои од вака законито дејствие деривираат се докази прибавени на законит начин, поради што барањето за нивно издвојување не го усвои. Ваквиот заклучок на судот има своја реална потврда во јуриспруденцијата на македонските судови, но и во одлуките од поново време на Судт во Стразбур, како на пример одлуката на Европскиот суд во случајот „Шeнк против Швајцарија“  и во случајот „Кан против Обединетото кралство“. Во посочените случаи, Европскиот суд утврдил дека не е повреден член 6 од Европската конввенција за човекови права – правило на фер судење, образложувајќи ги своите одлуки со базичното правило дека правилата за доказите во начело се предмет утврдување од страна на Конвенцијата, а една од нив е дека незаконитоста во прибавувањето на докази треба да се анализира од аспект на нивната суштина, а не форма и притоа во своите одлуки судот оценил дека нема повреда на членот 6 од Конвенцијата затоа што апликантите воопшто пред националните судови не ја спореле суштината на доказите туку ги напаѓале од формален аспект“, се образложува во пресудата.

Според Савиќ, на сличен начин се одбиени приговорите на одбраната во предметот „Пајажина“, кој се водеше против Велија Рамковски и други лица, потврдена со пресуда на Апелациониот суд и со пресуда на Врховниот суд на РМ.

Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 пред околу една недела донесе решение со кое се уважува барањето на одбраната за издвојување на снимките од телефонски разговори и транскрипти, како незаконски прибавени  докази,  од предметите на ОЈО оформени по поднесена кривична пријава на СДСМ против Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Кирил Божиновски, Сашо Мијалков, Ирена Мишева, Мартин Протуѓер, Тони Трајковски и Коце Трајановски, што предизвика бројни полемики во јавноста.

„Постапувајќи по барањето и ценејќи ја единствено законитоста на доказите без впуштање во содржината на постапката која ја води Јавното обвинителство, а имајќи го во предвид писменото известување добиено од ОЈО – Скопје, судија на претходна постапка го уважи барањето за издвојување на аудио записите содржани на ЦД и траснкрипти од истите како доказ од списите на предметите. Аудио записите и транскриптите се затвараат и се чуваат кај судија на претходна постапка при овој суд одвоени од другите списи при што не можат да се користат во постапка, бидејќи согласно Законот за следење на комуникации и измените на истиот, во зависност од периодот од кога се пријавуваат осомничените, посебните истражни мерки за следење на комуникации се издаваат по барање за донесување наредба за следење на комуникациите, до надлежен судија кое се поднесува од надлежен Јавен обвинител по сопствена иницијатива или друг овластен орган согласно овој закон и наредбата се издава со ограничен рок на траење наведен во наредбата.

При уважување на ова барање судијата на претходна постапка ги имаше во предвид чл. 93, чл 252 и чл. 12 од ЗКП како и чл. 9, чл. 8, чл. 7 и чл. 15 од Законот за следење на комуникации“, соопшти Судот.

До истекот на законски предвидениот рок за жалба, од страна на Основното јавно обвинителство беа обжалени вкупно 21 решение на судија на претходна постапка.

„Дали судијата имал надлежност да донесе вакво решение?“

Копјата во стручната јавноста се кршат и околу прашањето дали судијата на претходна постапка во оваа фаза на постапката имал надлежност да донесе вакво решение.

„Судијата на претходна постапка  во оваа фаза нема надлежност ниту ингеренции  да донесе вакво решение,од причини што се работи за предистражна постапка која е тајна и истата се наоѓа во рана фаза кога обвинителот  сѐ уште не донел одлука дали ќе го преземе гонењето врз основа на доказите кои ги прибавил“, смета адвокатката Савиќ.

 Од Судот, пак, категорично тврдат:

„Дали формално истрагата е отворена или не, не влијае на оценката на законитоста од причини што член 93 од ЗКП е јасен и прецизен бидејќи согласно овој член  предвидена надлежност на судија на претходна постапка кој одлучува најдоцна до завршување на истата, а не е предвидено до кога, што значи во секоја фаза од отпочнување со гонење до завршување на истражната постапка,  влегуваат во оваа надлежност на судија на претходна постапка, особено ако се има предвид да во сите фази на кривичната постапка до подигнување на обвинение, овој судија ја цени законитоста на дејствијата.

Воедно посочуваме дека претходната постапка е утврдена со чл. 272 од ЗКП и започнува со предистражна постапка, а може да продолжи со истражна постапка како дел од претходната постапка (чл. 291 од ЗКП) под услови пропишани со закон.

Во оваа насока на спектар на законски овластувања на судија на претходна постапка како основен гарант на заштита на кривичната постапка и човековите права е и член 290 од ЗКП кој предвидува судска контрола на законитоста на кривичната постапка, како и член 21 според кој судија на претходна постапка е судија кој во текот на претходната постапка одлучува за слободите и правата на обвинетите во случај пропишан со Уставот на Република Македонија, со закон и меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот на Р.М., и за други работи определени со овој закон.

Судот постапува исклучиво по барање за издвојување на докази доставено до судија на претходна постапка поднесено од бранител на осомничени лица за кои се води кривична постапка и кои се странки во постапка пред јавен обвинител кој согласно ЗКП ги води предкривичната и истражната постапка, а чл. 93 од ЗКП ја дава само фазата до кога како крајна фаза одлучува судија на претходна постапка“.

Во врска со прашањето дали за кој било од предметите што се предмет на донесеното решение, судија на претходна постапка до поднесувањето на предлогот од страна на бранителот има преземено какви било процесни дејствија, од Судот велат дека до оваа фаза, судијата немал допир со овие предмети, како дека и формално законски немал надлежност да одлучува за законитоста сè до иницирање на барањето од бранителот на осомничените, кога е оформен предмет од страна на судија на претходна постапка по кој законски бил должен да постапува и да одлучува. 

>> EКСПЕРТИ: Член 12 од ЗКП треба да се релативизира и да се овозможи под одредени услови да се земат предвид и незаконски прибавените докази

>> Обвинителството обжалило 21 решение за издвојување на снимените разговори од постапката

>> СЛУЧАЈ „ПРИСЛУШУВАЊЕ“: Основниот суд Скопје 1 ги издвои снимените разговори како незаконски прибавени докази  


 Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 5.9.2015