/ Прочитано:

2.837

Адвокат Жикица Стоиљковиќ: МВР и судовите да внимаваат на законитоста на постапките

Секој може да рече „Жикица краде“, ама во недостиг на докази залудни се обвинувањата, вели кумановскиот адвокат и претседател на заедницата на адвокати на Куманово, Жикица Стоиљковиќ. Меѓу кривичните предмети во кои бранел поранешни директори за злоупотреба на злужбена положба и измама, тој е дел од одбраната на најголемиот судски процес запаметен во историјата на македонското судство, „Калдрма“.

Како претседател на адвокатска заедница Куманово, Стоиљковиќ вели дека Адвокатска комора на РМ се подготвува за најавената измена на Законот за парнична постапка и отпочнувањето на примената на новиот Закон за кривична постапка.

Бројката од околу 80 адвокати колку што има на на територијата на Куманово за него е прилично солидна.

„Со години работам парници, но каква стана ситуацијата морав да се впуштам и во други проблематики. Работам со лица обвинети за кривични дела со тешка квалификација“, вели Стоиљковиќ.

Meѓу неговите клиенти се вбројуваат и поранешни директори обвинети за злоупотреба на службената положба и измама. Во неговиот ред, пак, на стопански спорови се вбројува постапката против еден од најголемите градежни изведувачи во Македонија, „Алпине Бау“.

„Пред да се реализира стечајот во Австрија,  мене ми се реализира побарувањето со правосилна пресуда“, вели Стоиљковиќ.

Во однос на проблемите во домашното судство, адвокатот смета дека ситуација насекаде е иста.

„За условите можат повеќе да кажат судиите, условите не се докрај онака како што треба, во смисла на опременост, можеби Кумановскиот суд порано беше оптимален, но бројот на предмети секојдневно расте, сега судот е со проширена надлежност. Недостига оспособувањето на судниците, да се опремат во целост за ЗПП и новиот ЗКП“, вели Стоиљковиќ.

Тој е дел од одбраната во судскиот процес „Калдрма“. За најголемиот судски процес со 86 обвинети вели дека како професионалец со поинакви очи гледа на изведените докази. Случајот доживеа првостепена пресуда тешка 1000 страници, а адвокатите се во фаза на обжалување на одлуката. Обвинетите се во куќен притвор од нивното приведување пред речиси две години.

„Ако обвинетиот не признава дека сторил нешто, како професионалец со поинакви очи ги гледате доказите кои ви се презентираат и не сте докрај убедени дека тоа што го гледате е навистина тоа. Во „Калдрма“ на пример имаше видео записи снимени со посебни истражни мерки. Како адвокат можам да кажам, вие може да речете „Жикица краде“, ама ако немате докази не може неосновано да обвинувате, навредувате итн. Ако на снимките не можат да се видат некои суштински работи, тие докази се под основано сомневање, нивната веродостојност или доказна сила нема таква вредност како што ја претставува Обвинителството. Сметам дека има неправилности во постапката и оптимиста сум во однос на второстепената пресуда, а уште поголем, ако случајот дојде пред Врховниот суд“, истакнува Стоиљковиќ.

Што се однесува до судските постапки за организираниот криминал, спроедн него не можеме да спориме со определбата на државата во справувањето со организираниот криминал и корупција.

„Колку организираниот криминал е присутен во општеството не можам да коментирам, но мора да се внимава на законитоста на постапувањето на надлежните институции, пред се мислам на МВР и на судовите“, заклучува Стоиљковиќ.


Разговараше: Паула Божиновски Објавено: 28.10.2013