/ Прочитано:

1.104

Адвокатите премногу ветуваат или странките премногу очекуваат? – адвокат Жарко Стеваноски

„AUT VIAM INVENIAM AUT FACIAM“ – Јас и онака ќе најдам начин или ќе го создадам. Стара латинска изрека која би требало да биде патоказ кон усовршување и надградување на стручните квалификации на секој адвокат чија основна цел во кариерата е личниот успех. 

 Нема да погрешам ако кажам дека нашето законодавство остава широко поле за манипулација со законските прописи а на тој начин задоволување на барањата на клиентите, делумно или целосно исполнување на „ветеното“, или подобро кажано очекуваното како исход во било која постапка.

Во таа смисла нема да биде и погрешен заклучокот дека сегашната поставеност на правосудниот систем и легислативата во нашата земја нуди решенија кои ние адвокатите би можеле да ги користиме во полза на нашите клиенти и тоа само ако доволно добро прочепкаме низ лавиринтот од правни празнини во нашето законодавство.

Употребата на зборот „Ветувам“, или „Гарантирам“, го има изгубено суштинското значење, од причини што сплет на околности во нашата држава кои се поврзани пред со законодавството, правосудниот систем и неговата сегашна поставеност и функционалност, социо-економската состојба на граѓаните општо, не дозволува така лесно и самоуверено да биде изговорен од страна на колегите адвокати на своите клиенти, дури и за најбаналните правни прашања.

Практично, сите странки од своите адвокати би сакале да го слушнат „Јас ти ветувам и ти гарантирам дека овој твој проблем ќе биде решен“, впрочем сегашната атмосфера во државата на тој план на странките им влева лажна претстава дека постојат адвокати кои ги исполнуваат своите ветувања по однос на исходот на постапката која ја засега странката и можеби затоа настапуваат со не секогаш скромни барања пред своите адвокати.  Во голема мера и колегите се принудени пред своите клиенти да создаваат еден вид на виртуелна реалност по однос на очекувањата на странките, не затоа што сакаат тоа да го прават ами поради фактот што се убедени дека некој друг од колегите нема да има никаква дилема дали ќе може да го вети бараното од странката.

Навистина постои сфера на правна проблематика за која секој од нас адвокатите слободно и без колебање „би требало“ да можеме да дадеме ветување на странката за точниот исход на постапката а со тоа се разбира да ја задржиме и како клиент од кој и во иднина би очекувале материјална сатисфакција.

Иако се уште сме млада држава и системски не би требало да очекуваме дека легислативата во државата треба да е изградена како во најсовремените држави кои служат како пример за градење на правната држава, сепак сметам дека се движиме во погрешна насока во смисла на неуедначеност на судската пракса, грубо прекршување на основните човекови слободи и права за сметка на лични интереси и непотполната уреденост на законските решенија кои не кореспондираат со реалната состојба во државата како и нивното имплементирање.

Да! Постојат правни системи чија основна поставеност се базира на воедначеност на судската пракса, па со едноставно повикување на некоја таква одлука од друга судска постапка, предметното правно прашање станува чиста формалност во смисла на потврдување на претходно пресуденото а тоа се разбира претставува можност за адвокатот да може да вети а странката да го добие тоа што го побарала од својот адвокат.  За жал кај нас, иако судската пракса претставува извор на правото, сепак практично во нашиот систем на неа се гледа како на последната капка од изворот од кој странката би требало да почувствува свежина и сигурност во правниот систем.

Не би требало да има адвокат кој ветува, ниту да има странка која бара од својот адвокат исполнување на посакувата желба по однос на исходот на постапката а еве и зошто: Во состојба кога одделите на различни апелациони подрачја во нашата држава носат различни заклучоци и правни мислења по однос на едно исто правно прашање било од граѓанската било од кривично-правната материја, се поставува прашањето кое ветување за бараниот исход на странката би можеле да го дадеме а со тоа да не ја ставаме под знак прашалник својата стручност и компетентност по завршување на постапката.  Во состојба кога во државата сеуште постои приоритет на личните и политичките интереси кој се манифестира преку претходен јавен медиумски линч на обвинетите за потоа да следи срамна одлука на судската власт која брзопотезно ќе биде избламирана од страна на меѓународните судски инстанци, се поставува прашањето на кој начин би можел бранителот да изгради цврста одбрана за обвинетиот, заснивана на фактите кои го товарат или го ослободуваат од обвинение својот клинет-обвинетиот а да не го минат периодот од започнување на постапката до нејзино правосилно завршување под притисокот на клиентот дека ништо не се одвива така како што е пропишано со закон.  Во состојба кога во адвокатурата во нашата држава поради економската истоштеност на изворот на егзистенција на колегите-адвокати, кој не им дава слобода во изборот на правна гранка во која ќе ја насочат својата експертиза и од која исклучиво би можеле да црпат одреден круг на клиенетела, а со тоа и да чувствуваат материјална сатисфакција само од една гранка во правото, се поставува прашањето дали секој од нас адвокатите е доволно стручен да започне со реализација на ветеното и да го добие бараниот исход од постапката.

Имајќи ја во предвид реалната состојба и практикувањето на правото и правната држава кај нас, сметам дека сеуште сме далеку од достигнување на вистинските вредности на адвокатурата како основен столб на правото, и се додека трае таквата состојба во нашата држава ќе постојат адвокати кои можат да ветат исполнување на нереални барања на странките кои од своја страна здраво за готово го земаат фактот дека во нашиот правосуден систем се е можно.

 Адвокат Жарко Стеваноски

16.07.2014 , Академик Форум – реакции и писма