/ Прочитано:

2.973

Адвокатката Билјана Чакмакова: Континуитетот во учењето и практичното искуство го трасираат патот до успехот!

Не e важно брзо и многу да се заработи; важно е да постоиш и да работиш на долги патеки, мора да се чуваат угледот и достоинството на професијата, посочува адвокатот Билјана Чакмакова, основачот на Адвокатското друштво „Чакмакова адвокати“ од Скопје, која заедно со своите две партнерки, адвокатите Весна Гаврилоска и Оливера Гроздановска, се темелите на едно од најуспешните адвокатски друштва во земјава. На врвот на правната фела, трите партнерки-адвокатки се носат рамо до рамо со своите колеги-мажи. Адвокатскиот опус на овие жени е полн со модерен консалтинг на познати брендирани компании, со водење постапки на приватизација на најголемите компании во РМ, како и со спојување и со преземање на европски, па дури и на светски компании. Аналитични, целосни и одговорни, буквално се’ што ќе им падне в рака, не го пуштаат така лесно без да ја завршат работата докрај. Чесен и одговорен однос кон клиентот, а флексибилен и колегијален меѓусебен однос во друштвото — е рецептот за успех на предводничката Билјана Чакмакова. 

„Ние даваме малку поинаков вид адвокатски дејности, односно услугите што ги даваме не се класична адвокатура. Мислам дека во Македонија има само 4 или 5 вакви адвокатски друштва. Најмалку можеме да зборуваме за секојдневни судски парници како класична адвокатура. Нашиот ангажман е повеќе насочен кон модерен адвокатски консалтинг и кон насочување на фирмите. Без разлика дали работиме со компанијата од нејзиното основање, ние се фокусираме на подготвување и на средување на корпоративната документација и овозможување компанијата да расте и да се развива, да се спојува итн., за што пружаме комплетни услуги. Ние работевме на првите приватизациски процеси во Македонија, како на пример, оној на Стопанска банка АД Скопје, за кој ја подготвуваме целокупната документација на преземање. Потоа, Тутунски комбинат – Скопје, каде ја застапувавме германската тутунска компанија РЕЕМТСМА, која го купи комбинатот. Дел од нашата работа е и приватизацијата на Македонски телеком, каде  го застапувавме купувачот и сегашниот сопственик МАТАВ, односно Дојче телеком“, појаснува Чакмакова.

Освен најголемата приватизација во земјава, Телеком, во клиентелата на овие дами, кои веќе бележат две децении успех, се вбројува и успешното застапување во најсензитивните случаи и правни прашања и на EVN AG Austria, купувачот на некогашното Електростопанство на Македонија, чиј правен консултант биле во фазата на приватизација на ЕСМ.

„Секојдневно работиме на изготвување правни мислења, анализи и договори кои во најголемиот број случаи доаѓаат по барање или по препорака на нашите клиенти и колеги од странство“, посочува Чакмакова.

Покрај енергетскиот, адвокатките имаат огромно искуство и во банкарскиот сектор за кој велат дека 2007 година била најдинамична и најплодна додека во последниот период владее одредено затишје.

Победнички во машкиот свет — клиенти велат дека повеќе се потпираат на жените

Во нивната канцеларија нема задолжителен секојдневен колегиум: осумнаесет лица, меѓу кои се и тие три, девет адвокати, приправници и техничкиот персонал, го поминуваат денот во одлична работна атмосфера. Велат дека кај нив има ад хок работни состаноци и колегиуми по потреба, понекогаш можеби и по пет дневно; нема класична хиерархија и закажување кај партнерите со секретарки, туку ширум отворени канцелариски врати за да бидат постојано достапни за помладите колеги. Колегијалноста ја ставаат на пиедестал, како што велат, „најважно е секој ден со мерак да се иде на работа“. Во борбата со машкиот свет, велат, тие се победниците.

„Некако, жените сè повеќе се предводници; меѓу основачите на адвокатски друштва има многу жени. Од клиенти слушаме дека повеќе се потпираат на жените, затоа што ги сметаат за поаналитични и за построги. Има исклучоци во секоја професија, луѓе сме, меѓутоа ние сè што ќе земеме во рака, го сработуваме до крајна перфекција и професионално, и ништо не поминува така лесно“, укажува Чакмакова.

Ако паднат правосудните реформи во рацете на Чакмакова: справување со несигурни судии и со адвокатската немоќ пред Судскиот совет на РМ

Она што како професионалци максимално ги исполнува е успешно склучен договор, успешно завршен проект и задоволен клиент. За нив, тоа е најголема среќа, бидејќи од нивното искуство се покажало дека секој задоволен клиент носи уште двајца или тројца нови. Освен задоволството од работата, на овие адвокати им пречи честата промена на законската регулатива без претходна јавна расправа, несигурните судии, нетранспарентноста на одредени органи за адвокатите и адвокатската немоќ пред Судскиот совет на РМ.

„Во однос на правосудниот систем честопати се судираме со немоќ и покрај нашето искуство и знаење да добиеме пресуда, која очекувано треба да се добие. Тоа се случувало и сè уште се случува — не навлегувам во подробности — независно дали тоа било од незнаење на судијата, од негова непрофесионалност, немарност, или од несакање да прочита, или се работи за некои други причини. Едноставно, не е допуштено да се добие пресуда контра од фактичката состојба и од правната регулатива. Предметот за кој зборувам е завршен, меѓутоа може да го дискутираме и анализираме како пример за погрешно и штетно правораздавање, вели Чакмакова.

За дел од државните институции велат дека се отворени, но кај дел од нив тешко допираат до административците од кои како адвокати им требаат консултации или документи кога се во фаза на прибавување докази. Она што им пречи, а не зависи од нив, е постојаниот избор и реизбор на судии, поради што се случува еден предмет да падне во рацете на неколку судии, па оттука се губат повеќе години. Адвокатите велат дека потоа им е тешко да им објаснат на своите клиенти  за одолговлекувањето на судската постапка кое не зависи од нив, туку станува збор за проблем од административната и од организациската природа на судовите.

Како адвокат, Чакмакова ги користи достапните правни инструменти за да го изрази незадоволството од судиското постапување, односно се случува да поднесе претставка до Судскиот совет на РМ, но за неа токму тоа тело докрај не си ја врши работата како што треба.

„Секоја чест на исклучоците, но се судираме и со непрофесионални судии, кои прекршуваат законски одредби. Како адвокат се жалам во Судскиот совет на РМ, но не можеме ништо да исправиме. Од моето искуство, оттаму досега ниеднаш не сме добиле позитивен и докрај издржан одговор. Како Судски совет, ова тело треба да го прегледа предметот, но не е така: Советот работи шаблонизирано. Советот, претставката ја  доставува до претседателот на судот, тој пак до судијата, судијата ќе си напише што ќе си напише, може и да си измисли, на пример дека адвокатот немал полномошно во предметот. До таму се оди! Потоа, се враќа назад до Советот, и тие одговораат дека  не стојат наводите од претставката за непрофесионално постапување на судијата и нема основа тие да поведат постапка, без аргументирано да побијат барем дел од наводите во претставката. Мојот обид за корекција на нештата завршува тука, не можам да оспорам дека судијата дал лажен податок. Не знам дали досега Судскиот совет по нечија поплака или барање прегледал предмети и одговорил на поплаката како што треба. Ги користиме единствените алатки и правни средства, друго ништо не можеме“, вели Чакмакова.

Лошо адвокатско правило: „Немој да одбиеш клиент, можеш сѐ да завршиш!“

Чакмакова вели дека и денес учи за својата професија. Нејзе и пречи тоа што младите мислат дека кога ќе завршат факултет, знаат сѐ, но за неа ниту една титула не е важна доколку не е поткрепена со вистинско знаење.

„Младите прават грешки, а особено очигледно е дека кај нас важи правилото  ’немој да одбиеш клиент, можеш сѐ да завршиш‘. Меѓутоа не е така. За успех е потребно да траеш, да постоиш на долги патеки; не е битна брзата заработувачка; не треба да работиш од денес до утре; мора да се чува угледот на професијата. Мора да се чита и учи во континуитет, а не да се трча по титули. Кај нас, денес сите млади се магистри, а она што вистински е потребно е стекнување практично искуство за вистинско познавање на правната материја“.


Објавено: 21.08.2013

Разговараше: Паула Божиновски