/ Прочитано:

2.114

Адвокатката Наташа Бошкова за првите правни случаи и пресуда врз основа на Законот за прекин на бременоста

Први правни случаи и пресуда врз основа на Законот за прекин на бременоста во Македонија. Адвокатката Наташа Бошкова во интервјуто за Академик образложува за какви предмети се работи, какви проблеми постојат низ праксата, низ каков институционален пат поминале тужителките кои ги застапувала и што е потребно за да постои доследна судска заштита на нивните права.

За првите правни случаи

„Врз основа на Законот за прекин на бременоста досега до мене дошле три случаи каде што на жени им било ограничено правото на прекинување на бременоста или неправилно бил применет Законот за прекинување на бременоста и тоа на начин што во првите два случаи стануваше збор за жени кои се до десетта недела на бременост, но со мртов фетус. Во овие случаи, од страна на гинеколог беше констатирано дека носат мртов фетус и дека тој мора да се отстрани, без задолжително советување и истек на три дена по советувањето, пред да се прекине бременоста. Но, ова беше во период на непосредното усвојување на Законот, кога една од централните проблематични точки и новини беше воведувањето на многу строги казни за здравствените работници. Тоа некако влијаеше здравствените работници, чувајќи си го својот грб и работно место, и во овие два случаи да го применат рокот од три дена, па ги упатија жените да земат упат од матичен лекар, да почекаат да одминат трите дена од советувањето, па дури потоа да може да се отстрани мртвиот фетус. Во таква ситуација тие беа ставени во животозагрозувачка состојба. Според истражувањата, но и во консултација со други здравствени работници, тоа е состојба која е сериозна и може да го наруши понатамошното здравје на жената, но и да го загрози нејзиниот живот. За жал, овие две жени не беа заинтересирани да поведат постапка, и им беше битно дека сè се заврши добро по спроведувањето на интервенцијата“, ги објаснува адвокатката Бошкова првите правни случаи врз основа на Законот за прекин на бременоста.

За судскиот случај

Во таа насока, адвокатката го образложува и третиот случај врз основа на Законот за прекин на бременоста кој резултирал и со пресуда на Управниот суд.

„По само неколку месеци по усвојувањето на Законот се појави случај каде што жена во 26-та недела од бременоста доби информација дека нешто не е во ред со плодот. Таа побара мислења од три различни здравствени установи, од кои една приватна здравствена установа. Во сите три се потврди дека станува збор за малформации на плодот. Откако жената дознава за ваквата состојба, таа одлучува дека сака да ја прекине бременоста, и тоа е дозволено, во согласност со Законот за прекинувањето на бременоста, и по истекот на десетата недела, во конкретниот случај затоа што детето би се родило со малформации. Исто така, во подоцнежните наши аргументи во текот на постапката, беше посочено дека и здравјето на жената се загрозува со тоа што се присилува да носи плод и да роди дете со малформации и дека ваквата состојба влијае на нејзиното ментално и физичко здравје. Но, за жал, на оваа жена ѝ беше ограничено правото во неколку инстанци кои подоцна ги поведовме. Законот нема ограничување, тој вели: до десеттата недела одлучува матичниот лекар, советување, три дена задолжително чекање и се реализира абортусот. Над десет недели се пропишува во кои точно случаи ќе се одобри прекинување на бременоста.  И ова беше една од проблематичните точки со кои и пред Уставниот суд го предизвикувавме Законот, а тоа е можноста првостепена и второстепената комисија да одлучува дали ќе се дозволи прекинување на бременоста. Од праксата претходно и од мислењата на универзитески професори и специјалисти, не е непознато прекин на бременоста да се врши во 26-та недела од бременоста, како што беше во конкретниот случај.

Додека поминаа постапките пред комисиите во здравствената установа, постапката се развлече и жената завлезе веќе во 28/29 недела од бременоста и, по моја претпоставка, можеби здравствените работници сметале дека премногу недели се поминати. Но, тука нагласувам дека Законот не дава такво ограничување, кај нас таква граница не постои. Нам не ни е јасно, ниту пак во некоја од писмените одлуки е наведено, која беше причината на жената да не ѝ се дозволи прекин на бременоста. Со оглед на тоа дека станува збор за бременост по десеттата недела, жената поднесе писмено барање до првостепената комисија, која уште истиот ден усно ѝ забарани да ја прекине бременоста и веднаш ја упати жената на второстепената комисија. Првостепената комисија не донесе формална одлука, туку веднаш ја препрати на второстепената комисија“, појаснува Бошкова.

Непостоење на сензитивност за роковите

Адвокатката нагласува дека проблематично во имплементацијата на Законот е пропишувањето дека комисијата одлучува во рок од три дена по донесувањето на барањето.

„Во што е тука проблемот? Во конкретниот случај жената сакаше барањето да се поднесе во среда, но ѝ беше кажано да дојде во понеделник затоа што тогаш заседавала комисијата. Тоа значи дека не се почитува рокот од три дена, туку комисијата заседава еден ден во неделата, а не од поднесувањето на барањето. Иако Законот предвидува конкретен рок, здравствените работници не го почитуваат рокот, а станува збор за прашање кое е сензитивно на време, и во вакви случаи е од исклучителна важност веднаш и приоритетно да се реагира. Тоа е недостаток кој оди на штета на животот и здравјето на жената.

Понатаму, второстепената комисија донесува писмена одлука, со која ја потврдува одлуката на првостепената комисија и одлучува дека нема да се дозволи прекин на бременоста. Во второстепената одлука нема ниту упатство за тужба. Законот за прекинување на бременоста вели дека одлуката на второстепената комисија е конечен акт, а знаеме дека ако е конечен акт, против актот може да се поднесе тужба пред Управниот суд. Пред Управниот суд беше поднесена тужба, со барање веднаш да се дозволи прекин на бременоста и со укажување на временската сензитивност во смисла на тоа дека судот мора веднаш да одлучи“, истакнува Бошкова.

„Најиронично е што Управниот суд ја прифати тужбата, но не ги прифати тужбените барања“

„Знаеме дека Управниот суд влече доста заостанати предмети со години наназад и дека постапките пред Управниот суд се бавни. Оттука, Управниот суд  претставува неефикасен механизам за заштита на правата на жената во вакви итни случаи. Пресудата за овој случај е донесена 5 месеци по поднесувањето на тужбата, а јас ја примив десет месеци по донесувањето на пресудата. Значи, на Судот му требале 5 месеци да го изготви писменото образложение и да го достави до странките. Друга причина зошто Управниот суд се покажа како неефикасен механизам е фактот што Управниот суд воошто не навлезе во анализа и одлучување во однос на тужбените барања. Управниот суд не се осврна на материјалниот дел од Законот за прекинување на бременоста, па даде образложение дека во конретниот случај одлучувала ненадлежна комисија. Најиронично е што Управниот суд ја прифати тужбата, но не ги прифати тужбените барања, туку, како што дозволува Законот, се впушти во одлучување за други прашања за кои по службена должност внимава во однос на процедуралните аспекти. Управниот суд најде дека второстепената комисија која одлучувала е ненадлежна за одлучување во конкретниот случај, туку е надлежна второстепената комисија на Владата за одлучување по спорни работни односи, а таа комисија, всушност, надлежна е да решава во втор степен по решенијата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат кога тој врши надзор на установите во спроведувањето на Законот за прекин на бременоста. Значи, ниту овој инспекторат, ниту второстепената владина комисија која одлучува во втор спепен, е надлежна или стручна за случаи во врска со прекин на бременоста“, посочува адвокатката.

За Бошкова несфатливо е зошто Управниот суд не се впуштил да одлучува во однос на битните и суштествени прашања, туку одлучувал за процедурални аспекти, или, како што истакнува, за сосема други работи.

Заштита на правата во граѓанска постапка и пред регионални и меѓународни тела за заштита на човековите права

„И ова е една, да не речам, смешна ситуација. Одлуката се носи десет месеци по барањето за прекин на бременоста и Управниот суд воопшто не се осврнува во однос на суштетсвените прашања кои се однесуваат на животот и здравјето на жената, туку одлучува за некоја трета работа, која во овој случај е и погрешна. Едноставно, Управниот суд погрешно го применил Законот. Иако е Законот лош, сепак е погрешно применет. Тоа за мене е голем проблем и несфатливо е зошто е вака одлучено. Ова е доволен доказ дека заштитата во управната постапка пред комисиите и Управниот суд не е соодветна. Ова е големо разочарување“, нагласува Бошкова, додавајќи дека за овој предмет, во зависност од желбата на странката, правдата треба да се бара пред Европскиот суд за човековите права или пред Комитетот за елиминација на сите форми на дискриманција врз жената.

Адвокатката аргументира дека во ваков случај поефикасно е да се оди кон тужба за утврдување на повреда на личните права, каде што може да се бара надомест на штета за жртвата.

„Доколку постои согласност, правдата ќе се бара на тој начин. Тоа важи и за следни вакви случаи. Значи, со тужба за утврдување на лични права или пред Европскиот суд за човекови права. Ваква судска пракса веќе постои за слични случаи, во однос на повредата на законите и повредата на достоинството на жената. Жените треба да се охрабрат да поведуваат постапки и тоа, во крајна линија, е еден од начините да се изврши притисок за измена на Законот“, потенцира Бошкова.

Таа додава дека оваа година, во врска со законското решение, имала и свое излагање пред Комитетот за човекови права, кој порачал да се измени Законот. Покрај нејзиното дејствување во однос на заштитата на правата на жената во поширока смисла, Бошкова како адвокатка работи и на проблематиките поврзани со маргинализираните заедници. Во таа насока,  таа посочува дека тоа се специфични категории за застапување, за кои потребно е добро осознавање на нивните проблеми и предизвици низ секојдневието.

За адвокатурата на маргините

„За жал, мал број од колегите работат на прашањата кои ги тангираат човековите права во овој контекст, односно во областа на заштитата на човековите права на маргинализираните заедници. Правниците и адвокатите некако избегнуваат да работат со овие заедници затоа што  тоа се тешко достапни заедници кои немаат пристап до правдата, работата со нив најчесто подразбира давање на бесплатна правна помош, познавање на комплексните проблеми на секоја заедница одделно, со цел ефикасно да им се даде правна помош и поддршка. Првенствено адвокатурата на маргините е спој на правото и здравството, односно користење на правото со цел да се подобри пристапот до здравје и воопшто унапредување на правата на маргинализираните заедници. Но, уште по завршувањето на моите студии и определбата да бидам адвокат, овој домен беше мој мотив да помогнам преку адвокатурата за подобрување на состојбата со овие заедници затоа што тие се дел од нашето општество, од светот, од борбата за правда!“, истакнува адвокатката Наташа Бошкова.

М. В. / veljanoskim@akademik.mk

30.9 2015