/ Прочитано:

1.403

Адвокатот Садик Кан – новиот градоначалник на Лондон

45-годишниот адвокат и досегашен пратеник на опозициската Лабуристичка партија Садик Кан е избран за нов градоначалник на Лондон.

akad 1

Во британската јавност Кан, покрај по својот политички ангажман како пратеник и како државен секретар во Министерството за локална самоуправа и во Министерството за сообраќај, познат е и како адвокат кој водел голем број судски случаи пред британските судови, но и пред Европскиот суд за човекови права.

За своето работење како адвокат Кан вели дека е период од неговиот живот на кој е многу горд, а адвокатурата ја оценува како прекрасна професија, насочена кон заштитата на правата и интересите на граѓаните. За своето работење како пратеник вели дека е голема предност бидејќи од таа функција директно може да се влијае врз создавањето на законите кои, пак, влијаат на целото општество.

„Да се биде адвокат е прекрасна работа. Преку адвокатурата можеш да влијаеш на животите на стотици луѓе, да ги застапуваш и да го подобриш животот на своите клиенти. Но, како парламентарец, преку донесувањето и изменувањето на законите, можеш да влијаеш на милиони животи“, истакнува Кан.

Раскажувајќи за британските медиуми во врска со неговите едукативни почетоци и за понатамошната одлука да студира право, Кан истакнува дека првенствено сакал да биде стоматолог, сè додека професорот по математика  не го посоветувал да стане адвокат.

„Ти постојано се расправаш и докажуваш нешто, ми рече професорот. Зошто не станеш адвокат?“, се сеќава Кан.

Но, како што додава новиот лондонски градоначалник, за љубовта кон адвокатурата како професија имале влијание и популарните телевизиски серии и филмовите за адвокатите, чии култни ликови биле голема инспирација за студентите по право. Како што навлегувал во правното образование и при почетоците во работата како адвокат, сфатил дека она што е особено значајно во адвокатурата е што преку неа „буквално може да се променат животите на клиентите“.

„Низ мојата работа како адвокат се посветив на многу предмети и добив многу предмети пред британските судови, но и пред Европскиот суд за човекови права. Голем дел од случаите се однесуваа на повреди на човековите права и слободи. Застапував и луѓе кои незаконски и неправедно беа избркани од работа, водев  случаи за незаконски полициски постапувања и расна дискриминација“, вели Кан, додавајќи дека, сепак, низ практиката бил соочен и со тоа да застапува  клиенти со „непријатен карактер“.

М.В