/ Прочитано:

3.758

Адвокатурата е интелектуална уметност чија инспирација е слободата! – НИКОЛА ГЛАВИНЧЕ, адвокат од Битола

Едно од имињата на младата адвокатска генерација кое неминовно означува спој на практиката со теоријата како монолитна комбинација на потрагата по правда и нови научни сознанија, е името на Никола Главинче, докторант на правни науки и адвокат, чиј лик и делување е препознатлив уште од студентските клупи кога беше студентски правобранител за да потоа и од другата страна на катедрата ги презентира своите познавања како демонстратор по кривично право, но секогаш непомирливо верувајќи во доблеста на адвокаурата како професија, што и било одлучно својот професионален пат да го зацврсти на корените на своите предци – познатите битолски адвокати од семејството Главинче.

Токму тоа, оној повик на традицијата и соочувањето со судбинскиот егземплар на адвокатската практика се клучни Никола да го продолжи патот на својот дедо и татко како угледни битолски адвокати, од чие воспитување, едукативна педагогија и животна наобразба научил многу – за правото, за законите, за судството, за адвокатурата, за животот…

Сакам да го продолжам огнот од факелот на предците, а не само да се поклонувам на пепелта

 „Секогаш велам, сакам да го продолжам огнот од факелот на предците, а не само да се поклонувам на пепелта“, со инспиративни зборови ни ја предочува Никола својата определба да се биде адвокат, како и неговиот дедо Сотир Главинче, со кој се коавтори на фантастичниот историско-правен приказ и труд „Адвокатурата и адвокатите во Битола“, која гордо ги краси полиците на неговата канцеларија, потсетувајќи го катадневно него и на неговите клиенти дека адвокатурата во Битола има длабоки корени – а тоа не само што е гордост, туку и обврска.

 „Се разбира со тоа што припаѓам на генерацијата млади адвокати кои ја продоложуваат славната интелектуална епопеја на битолската адвокатура, чувствувам и обврска да бидам адвокат во вистинска смисла на зборот и суштина. А, тоа пред се е да се трудам да бидам адвокат кој верува во правдата, кој чесно и доследно се бори за човековите праваи слободи, со сиот свој капацитет и сила. Не е во ред кога адвокатурата добива комерцијална конотација, затоа што примарно таа значи хумана професија“, вели Главинче.

 Лидер на битолските адвокати со амбициозни цели

Неодмана тој на изборното собрание е избран за челник на битолските адвокати, позиција што за него не значи професионален успех затоа што така не ја перцепира, туку ја гледа сосема во поинаков екстрем – како обрска за колективно организирање и заслуга и како обврска која ќе ги спои битолските адвокати во институционален унисон штит на заштита на своите интереси. „Како претседател на адвокатската заедница во Битола, веќе почнавме со активности и реализација на зацртаните цели. Имавме работни и конструктивни средби со претседателот на Апалациониот и Основниот суд во Битола и со Основниот јавен обвинител со кои разговаравме прашања од заемен интерес“, укажува Главинче.

 Како што вели, состојбата на битолската адвокатура не се разликува од општата состојба на македонската адвокатура и се соочува со проблемите кои се општо познати како губењето на довербата во вистинските вредности, зголемените трошоци на адвокатските канцеларии , новите правила, намалениот обем на работа и надриписарството.

Конкретни предлози за сузбивање на проблемите

 „Во Битола главен проблем е надриписарството. Постојат десетици објекти како книжарници, киосци, туристички агенции кои составуваат и продаваат правни акти, а тоа не само што оди на штета на адвокатурата, туку на уште поголема штета на граѓните. Непознавањето на правото секому штети, уште повеќе кога погрешно се применува или импровизира“, вели Главинче, кој предлага решенија за сузбивање на ваквите нелегални и штетни активности.

 За него, најефективен начин е тоа да се сузбие преку иницирање на законски измени со кои бараат поднесоците испратени до судот или договорите кои уредуваат лични права или имаат предмет со повисока вредност, задолжително да бидат составени од адвокат.

„Со тоа граѓанинот ќе добие професионална услуга, за која адвокатот е одговорен со професионално осигурување“ децидно вели адвокатот, според кого и тоа е показател на губење на вредностите во општеството, што одраз има и врз адвокатурата и правото.

„Јас сум адвокат кој се труди за секој предмет да даде се од себе, цело свое знаење и умешност. Верувам во правдата и чесноста и сум еден од оние адвокати за кои адвокатурата е симбол на борбата за правата на човекот. Затоа и ме вознемирува кога општествените вредности добиваат понаква конотација“, вели Главинче, кој посочува и дека во неговото формирање на личноста како човек и адвокат големо влијание имале и советите на неговиот дедои татко.

Како што медицината го штити здравјето, адвокатурата ја штити слободата

 „Адвокатурата е интелектуална уметност. Во целиот свет адвокатурата е коректив на неправадата и единствена која отворено укажува на државата и државните органи занедоследностите и погрешните одлуки. Како што медицината го штити здравјето, адвокатурата ја штити слободата. По здравјето, слободата е најбитна вредност човекот“, инспиратвно говори младиот адвокат.

 Тој во таа насока емотивно говори дека навистина му е жал што младите луѓе заминуваат од земјата, под јаремот на ропството од несигурноста.

 „Жал ми е што многу талентирани луѓе, млади ентузијасти, одлични студенти, извонредни правници заминуваат од земјва. За жал, тоа се случува и во Битола. За да се спречи тоа мора да се даде многу напор и енергија. Потребно е многу да се стори, да се внесе многу свежина и дух, но и да се даде неминовна жртва во име на квалитетот и новото време.Потребна ни е посилна адвокатска комора, која ќе се избори за својата уставна позиција“, вели Главинче.

 Ваквите состојби, како што објаснува Никола, имаат своја рефлексија и врз адвокатурата како професија, но исто така и открива дека и тоа било една од причините што решил да ја развива својата канцеларија во родниот град.

Легендарните битолски адвокатски имиња се професионален аманет за новите генерации

 „Ако не ја продолжиш дејноста во веќе започнатите професионални огништа тогаш нелогично е било каде. Битола е град на адвокатурата, не е само град на клавирите и конзулите. Традицијата мора да се продолжи, таа е мојот основен поттик. Во тој поттик постои морал, кој е иманентен за секоја млада генерација. Првенствено општествениот морал како поттик, па професионалниот затоа што професијата се гради низ позитивни општествени текови. Само со етичко и професионално однесување можеме да го одбележиме нашето време и да влеземе во аналите на нашата професија битолската адвокатура, покрај големите адвокатски имиња, кои со својата работа не задолжиле и сигурно во значајна мера не поттикнале да се определиме да се занимаваме со адвокатура“, вели Главинче, кој ветува дека неговиот непресушен интерес кон науката наскоро ќе заокружи уште едно поглавје кое ќе го внесе, примарно и во интересот на граѓаните затоа што добро едуцираниот адвокат е и „јавно човеково добро“.

 


Разговараше: Милчо Велјаноски

Објавено: 23. 05. 2014