/ Прочитано:

1.681

Афера „Галеника“: Приведени нови 5 лица поради сомнение за финансиски малверзации од 34 милиони евра

Среда, 11 септември 2013 – Cрпската полиција уапсила пет лица поради сомнение за злоупотреби при продажба на лекови во фармацевтската компанија „Галеника“, соопштуваат српските медиуми.

Според првичните информации меѓу уапсените се наоѓа и сопственикот на компаниите „БГ Фарм“, „МГ Ремеди груп“, „Актробиотика“ и ланецот на аптеките „Хигија фарм“, Младен Газикаловиќ. Истрагата покажала дека преку фармацевтската компанија „Галеника“ е оштетена за 34 милиони евра.

Според полициските сознанија, двајца од осомничените се вработени во компанијата, тие наводно ја искористиле својата службена положба на начин што носеле незаконски правилници, продавајќи лекови на компанијата „БГ Фарм“.

Во мај оваа година, Миодраг Јеремиќ, сопственикот на српската леарница „Јеремиќ“ за мaкедонската јавност позната по тоа што го доби тендерот за леење на голем дел од скулптурите во рамки на проектот „Скопје 2014“, се најде меѓу осуммината уапсени во  полициската акција за случајот  „Галеника“.

Уапсените во тогашната акција, според полициските сонанија, во 2009 и 2010 година со набавката на суровини за фармацевтската компанија, со купување и продажба на споменици и лекови ја оштетиле „Галеника“ за 12 милиони евра. Потоа компанијата, „Галеника“, без да ја почитува процедурата, купила од Јеремиќ 12 споменици, чија цена ја надминувала реалната вредност и до 20 пати. Сопственикот на леарницата и неговите соработници заработиле 70 милиони динари, а „Галеника“ била оштетена за 200 милиони динари.

Покрај Јеремиќ, уапсени беа и генералниот директор на „Галеника“, сопственици на други фармацевтски компании, шпедитерски фирми, судски вештак и проценител.