/ Прочитано:

2.072

АКАДЕМИК одржа дводневна практична обука на значајни теми од областа на работните односи

Вторник, 5 март 2013 година – Масовно присуство проследено со многу прашања предизвика дводневната обука на АКАДЕМИК на значајни теми од областа на работните односи што се одржа на  28.02.2013 и 1.03.2013, во деловниот центар Зебра. Своите искуства пред присутните ги изложија Стојан Трајанов – државен советник во министерството за труд и социјална политика, Зоран Михајловски – судија во Апелациониот суд Скопје и Георги Димитров – управувачки партнер вo адвокатско друштво „Георги Димитров адвокати“

Говорејќи на темата „Доуредување на права од работен однос“ со посебен осврт на најзначајните колективни договори и најзначајните подзаконски прописи во работното право дводневната обука ја отвори државниот советник во Министерството за труд и социјална политика Стојан Трајанов.

„Повеќе се осврнав на колективното договарање во рамки на коишто конкретно се говореше околу целите, системот на колективното договарање, прашања и проблеми врзани со овој процес, како и досегашните сознанија и искуства и проблеми од примената на колективни договори. Посебен акцент беше даден на новините коишто беа направени со измените на Законот за работните односи, а се поврзани и се однесуваат на колективните договори со цел да се направи една компарација на актуелните и тековните состојби, одредени позитивни и негативни искуства во досегашниот систем на колективното договарање во РМ кои беа анализирани заради унапредување и спречување и на таквите процеси во практиката. Идејата ни беше да им помогнеме на колегите што работат во оваа област  да си поткрепат одреден став и мислење, да расчистат одредена дилема  или да ги користат позитивните примери и искуства во постапката во делот на заштитата по одредени конкретни права со детално запознавање на сите измени и дополнувања на Законот за работните односи. Подетално се говореше и по прашањето за здружувањето во синдикати и остварувањето на заштитата од страна на синдикатите, правата од работен однос, делот со платите, надоместоците, делот на престаноците на работен однос и другите прашања и други поконкретни институти коишто ги содржи Законот за работните односи. Посебен акцент дадов и на промените на регулативата“, посочува државниот советник за труд.

За тоа колку беше голем интересот за темите на кои говореше Трајанов говори фактот дека предвиденото време за прашања не беше доволно, па присутните дебатата ја продолжија и за време на паузата.

„Г-динот Стојан Трајанов  се осврна на важни институти од областа на трудовото право и судската пракса коишто можат да се применат во секојдневното работење на компаниите. Исто така помогна во разјаснување на некои дилеми кај компаниите за прашања од трудовото право и ги објасни најновите измени и новини во Законот за работните односи. Обуката е доста корисна“, вели Анита Стојковска, човечки ресурси цементарница „УСЈЕ“.

Присутните имаа можност да ги слушнат и искуствата на др. Зоран Михајловски, судија во Апелационен суд Скопје кој даде осврт на одредени институти од работното право со судска пракса – „Mенаџерски договор и договор за вработување, сличности и разлики помеѓу овие договори, тужби за надомест на штета во работни односи или поврзани со менаџерски договори“; „Kолективни отпуштања од деловни причини“; „Парични побарувања на работниците од своите работодавачи“; „Отстранување на незаконитост во работниот однос“; „Понуда на нов, променет договор пред отказ“; „Престанување на важност на договорот за вработување со судска пресуда“; „Тужби и провремени мерки поврзани со право на штрајк“ и „Мобинг и нови трендови во законодавството“.

„Денеска меѓу другото презентирав две интересни теми – договорот за вработување и менаџерските договори. И двете теми иако една со друга се компактибилни, сепак се различни.  Едната тема се однесува на вработените, а другата на менџерите во друштвата.  Интерес имаше за двете теми бидејќи и во праксата и во теоријата се секогаш интересни, појавуваат интерес и кај вработените и кај менаџерите бидејќи и едните и другите сакаат да си ги знаат своите права кои произлегуваат и од Законот за работните односи и од Законот за трговски друштва“, укажува судија Михајловски.

Вториот ден од практичната обука, државниот советник за труд во Министерството за труд и социјална политика Трајанов зборуваше за измените на Законот за работните односи во 2013 година и новите трендови во работното законодавство.

„Дел од обуките  се состоеја и во запознавање и информирање на претставниците од нашите компании во врска со последните измени и дополнувања на Законот за работните односи коишто ги усвои Собранието на РМ неодамна. Укажав на најбитните измени чија имплементација доаѓа по повеќе иницијативи“, посочува Трајанов.

На тема „Управување со правните ризици во компаниите“, со посебен фокус на управување со правните ризици поврзани со правата од работен однос и безбедност и здравје осврт даде Георги Димитров, управувачки партнер вo адвокатското друштво  „Георги Димитров адвокати“.  Според Димитров, во време кога фреквентно се случуваат значајни промени во работното законодавство, клучно за правниците е навремено и сеопфатно да бидат информирани за сите новитети, но и за практичната примена на новите институти од работното право. Во таа насока и со оваа обука, како што вели, АКАДЕМИК уште еднаш покажува сериозност и силно изразено чувство за потребите на правниците од стопанството и адвокатите.

„Мојата обука беше насочена во еден нов правец: предвидувањето, препознавањето и управувањето со правните ризици во сферата на работните односи во Македонските компании или друг тип на организации. Поминавме практични модели на организација на служба за правни ризици и проценка на правни ризици што не отстапуваат од најмодерните трендови во светот. Радува фактот што повторно практичната обука е масовно посетена, а колегите правници покажаа завидно ниво на интерес и знаење врз кое единствено може да се градат ефикасни модели на решавање на секојдневните проблеми. Очекувам во иднина покрај веќе присутните најголеми Македонски компании и најсилните адвокатски друштва, кон практичните обуки да се приклучат и помалите компании и адвокатите кои допрва ја градат својата експертиза и препознатливост на пазарот. Едноставно, практичните обуки се најдобар, најефикасен и најекономичен пат кон подобри резултати во работењето, подобри знаења и запознавање со останатите колеги во правниот сектор“, посочува адвокат Димитров.

Присутните не ги штедеа пофалните зборови за практичната обука на Академик.

„Обуката помина одлично, баш она што не засегаше го слушнавме, поготово јас посебно бев заинтересирана за годишните одмори и отказните решенија бидејќи нашата дејност се фокусира на вработувањата и правата од работен однос.  Тоа што посакувавме да го добиеме како одговор на некои дилеми – во потполност го добивме“, вели Ирена Несторовска, управител на Агенцијата за привремени вработувања „Анторис“.

Маријана Трпковска од ТТК Банка со порака вакви обуки почесто да се организираат.

„Одлични се овие обуки бидејќи има луѓе коишто сепак немаат искуство во однос на некои проблематики, па може да се каже дека се доста поучни, а даваат и можност за доизградување на ставовите. Би се согласила дека треба вакви обуки почесто да се организираат“, подвлекува Трповска.