/ Прочитано:

1.844

АКАДЕМИК одржа обука за имплементацијата на Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници

АКАДЕМИК одржа обука за актуелните новини поврзани со Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници и новната имплементација Обуката се одржа пред голем број учесници низ конструктивна дебата составена од одлични дискусии и предавања, како што впрочем оценија учесниците на обуката. Причина за позитивните реакции беше што на АКАДЕМИК ОБУКАТА и овој пат извонредно се елаборираа прашањата што се од суштинско значење за вработените во јавниот сектор и за административни службеници. 

Имено, поконкретно, на обуката се дебатираа значајните прашања во однос на класификацијата на вработените во јавниот сектор, групите и подгрупите на работните места во јавниот сектор, вработувањето и подготовката на актите за организација и систематизација на работните места за вработените во јавниот сектор и административните службеници, управувањето со ефектите на административните службеници; дисциплинската и материјалната одговорност на вработените во јавниот сектор и административните службеници.

Предавачот, Југослав Ѓорѓиевски, управен инспектор во Државниот управен инспекторат, на почетокот се осврна со елаборација на општите начела и класификацијата на работните места, а потоа продолжи со анализа на евиденцијата, видовите на вработувања, општите права, должности и одговорности, мобилноста, како и други општи прашања за вработените во јавниот сектор.

Во однос на новините за административните службеници, Ѓорѓиевски ги елаборираше прашањата поврзани со дефинициите, предметот на законското уредување, класификациите, пополнувањето на работните места, вработувањето, усовршувањето, оценувањето, дисциплинската одговорност, материјалната одговорност и платите, кои беа предмет на елаборација на предавачот, кој одделно на сите заинтересирани учесници им одговараше за сите нејасности што ги имаат во врска со  законските одредби и со одредбите од подзаконските акти.

На обуката особена дискусија се разви за вработувањето во јавниот сектор и за прашањата за можната дискриминација и за превенцијата на таа појава. Предавачот објасни дека при вработувањето во јавниот сектор, во согласност со прописите, акцент се става на стручноста што е гаранција дека ќе се вработат најкомпетентните кандидати.

Како што објасни управниот инспектор, вработувањето во јавниот сектор се врши преку објавување јавен оглас, при што во транспарентна, фер и конкурентна постапка на селекција, се избира најстручниот и најкомпетентниот кандидат за работното место.

Унапредувањето во јавниот сектор, додаде тој,  се врши преку објавување интерен оглас, при што во транспарентна, фер и конкурентна постапка на селекција, во која, врз основа на оценката за учинокот, стручноста и компетентноста на кандидатите, се избира најдобриот кандидат за работното место од редот на вработените во институцијата.

Исто така, како што бараше и интересот на присутните, предавачот детално го објасни и Каталогот на работните места во јавниот сектор, како систематизирана листа на работни места во јавниот сектор, организирани во групи, подгрупи, категории и нивоа.

„Каталогот го води Министерството за информатичко општество и администрација. Работните места во Каталогот се заведуваат под шифра како единствена ознака за работното место, како и подгрупата, категоријата и нивото каде што припаѓа работното место. Освен со шифрата работните места во Каталогот можат да се опишат и со звањето, односно со стручниот или со научниот назив. Формата, содржината и начинот на водење на Каталогот, начинот на определување на шифрите на работните места, како и начинот на внесување и бришење на работните места од Каталогот ги пропишува министерот за информатичко општество и администрација“, подвлече Ѓорѓиовски, упатувајќи на законското решение за вработените во јавниот сектор.

Присутните констатираа дека актуелноста на Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници произлегува од многуте новини што ги пропишуваат нив, што, како што истакнаа, ја наметнува потребата од одржување практични обуки на кои ќе бидат разјаснети многу дилеми и тешкотии преку практични примери, прашања и одговори, стручна и компетентна елаборација.

Учесниците искажаа бројни пофалби, сугестии и импресии од обуката, посочувајќи дека обуките на АКАДЕМИК внесуваат нови аспекти во толкувањето на правните проблематики, особено што доследно ги следат законодавните актуелности и правните трендови, како што всушност тоа се направи и со оваа успешна обука.

На обуката се дискутираа прашања што се многу значајни за нас. Предавачот убаво објаснуваше. Мислам дека ова ќе има голема корист за нас“, вели Анета Лазова, ЈП „Комуналец“ Неготино.

 „Обуката навистина беше одлична. Јас сум многу задоволен. Друго прашање е како ќе се спроведува низ практиката. Секако, ние мораме да укажуваме на забелешките затоа што овие решенија најмногу нè засегнуваат нас. Сакам да потенцирам дека за вакви решенија мора да постои дебата“, вели Нури Бајрами, Општина Гостивар.

 „Убава обука. Задоволни сме од предавачот. Се кажаа многу интересни податоци и објаснувања. Позитивно е што има една комуникација, разговор, поставување прашања“, велат Фаница Николовска и Марија Вренцоска Петровски, СОУ „Наум Наумовски – Борче“ – Крушево.

„Обуката би рекла дека беше солидна, корисна и секако искуствата оттука многу ќе придонесат да расчистиме некои дилеми за практичната примена“, вели Анита Карајовиќ, Општина Чучер Сандево.

„Задоволен сум од обуката. Често доаѓам на обуките на Академик што говори дека е во ред и концептот и начинот на кој се одржуваат предавањата, обуките и работилниците“, вели Дарко Качаков, Општина Дојран.

 „Супер беше обуката. Убава атмосфера, интерактивна дебата, задоволен сум“, вели Бојан Илкоски, ОУ „Јоаким Крчовски“ – Волково.

 „Корисно во секој случај. Прашавме за она што нè интересираше и добивме одговори“, велат Виолета Велковска и Ружица Костиќ од Машински факултет – Скопје

 „Многу убава обука. Првпат доаѓам и сигурно дека ќе дојдам пак. Слушнав и претходно за обуките на Академик и решив да дојдам. Можам да кажам дека пријатно сум изненадена. Посебно сум задоволна од предавачот, од начинот на кој се разјаснија предметните прашања и секако од организацијата“, вели Александра Кукутанова, ОУ „Никола Карев“ – Радовиш.