/ Прочитано:

1.561

Академик одржа обука за новиот Закон за општа управна постапка

Вторник, 17 ноември 2015 – Новиот Закон за општа управна постапка (ЗОУП) со акцент на електронското поврзување на субјектите и очекуваните измени во други закони беа во фокусот на обуката која во организација на Академик се одржа на 13 ноември во конференцискиот центар на хотелот „Квинс“ – Трговски центар „Зебра“. Кога Академик организира обука очекувањата се високи, така што можам да констатирам дека и овојпат тие се исполнија, особено во однос на практичниот пристап, што е препознатлив за Академик… – велат учесниците. 

Учесниците на обуката имаа прилика за новото законско решение, како и за сите дилеми кои произлегуваат од него да се информираат и да дискутираат со претседателката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Ирена Брзанова. Таа во своето предавање се осврна на: предусловите за ефективно и ефикасно водење на управните постапки со посебен фокус на нивносто времетраење, на начинот на обезбедување на потребните докази/документи од странките, текот на жалбена постапка, a предочи и насоки за очекуваните промени во други закони заради усогласување со новиот ЗОУП.

„Организацијата на ваквите обуки е од големо значење, посебно кога се работи за изменета, односно во случајов нова законска регулатива. Преку обуките се дава можност за оние кои ги применуваат законите во секојдневното работење, поблиску да се запознаат со измените и новините во регулативата, како и да се надминат некои дилеми кои се појавуваат во праксата. Вакви обуки треба да се организираат почесто, поради големиот интерес, но и поради активната партиципација на слушателите на обуката со поставување на прашања и конкретни дилеми од праксата“, вели Брзанова.

Во рамки на вториот блок од обуката, Дарко Јаневски, консултант за е-влада од Друштвото за консултантски услуги „АЦТ!“ – ДОО Скопје, говореше за електронската комуникација меѓу државните органи, странките наспроти државните органи и обратно како клучен и најважен предуслов за ефективна и ефикасна примена на новиот Закон за општа управна постапка. 

„Новиот ЗОУП конечно ги регулира сите управни дејствија – тие да можат да се преземаат во електронска форма. Иако водењето на една управна постапка во електронска форма не е новина (има бројни постапки кои уште од 2005 година се спроведуваат во електронска форма), сепак, според мене,  ЗОУП е всушност круната на сите тие досегашни парцијални законски решенија. Ќе биде тешко да се сфати концептот на електронско потпишување на документите, за кој јас имав осврт на обуката и дури практично демонстрирав како се користи за да се димифистицира мислењето дека е електронскиот потпис е „баук“ поврзан со некакви големи трошоци или знаења од областа на информатичката технологија“, вели тој.

„Овие обуки дефинитивно се потребни, особено за оние области од правото кои носат големи промени, бидејќи во практиката луѓето потешко се снаоѓаат само читајќи го законот. Потребно е законот да се објасни, особено од луѓе што учествувале во негова изработка, како што тоа е случај на обуката на Академик“, додава Јаневски. 

Учесниците за обуката

– Прилично често доаѓам на обуките на Академик и секојпат кога организирате обуки очекувањата се високи, така што можам да констатирам дека и овојпат тие се исполнија, особено во однос на практичниот пристап, што е препознатлив за Академик. Предавачите се одлични, се гледа дека учествувале во припрема на законот и можат да се слушнат доста корисни работи. – Златко Кујунџиски, одговорен референт во ЕЛЕМ

– Овој вид на презентации со визуелно презентирање на законите се многу добри бидејќи меморирањето на визуелното преставување на содржината на законот е многу поголема отколку класично читање на законот, поготово што обуката е поткрепена и со дискусии.  Можат да се поставуваат прашања и да се разјаснат  нејаснотии од практиката. – Стево Панев, раководител на Одделението за општи и заеднички работи и човечки ресурси при Медицинскиот факултет – Скопје

– За мене се премногу важни ваквите советувања од причина што стекнуваме искуства и знаење од колеги кој директно биле вклучени во изработката на законот. Законот за општа управна постапка е многу битен, можеме да кажеме и најбитен. Јас доаѓам од Општина Кавдарци и таму ЗОУП секојдневно го применуваме, односно се’ почнува со него. Секој правник треба да е запознаен со ЗОУП.  Благодарам на Академик што постои и што организира вакви обуки и понатаму да продолжите со ова темпо. – Славица Игњатовска, соработник за правни работи во Општина Кавдарци

– Oвие обуки се многу корисни бидејќи прецизно се објаснуваат измените и дефинитивно придонесуваат во сфаќање на одредени нејаснотии кои произлегуваат законот. – Александра Ѓуровска, виш инспектор во Комисија за хартии од вредност

– Оваа обука беше многу важна бидејќи се работи за нов закон, кој е многу различен од претходниот согласно кој уште работиме и навикнати сме со години и од таа причина мора да ги расчистиме сите нејаснотии. Јас сум од Министерството за животна средина и таму водиме голем број на управни постапки. – Тања Пауновска, раководител на Одделението за управна постапка при Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Секој новитет од аспект на законските акти треба да биде проследен првенстве но со јавна дебата, пред да биде донесен законот, а дополнително да се организираат и соодветни обуки со цел надминување на сите нејаснотии и успешно спроведување во практиката. – Марија Пејаковиќ, раководител на Секторот за издавање на мемориски картички во СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ – Скопје

– Првпат сум на обука на Академик и многу сум задоволна од квалитетот на истата. Бидејќи сум систем администратор во Комисијата за хартии од вредност посебно бев заинтересирана за електронското управување, како новина во ЗОУП.  – Зора Мартиновска, систем администратор во Комисијата за хартии од вредност

– Добро е пред некој закон да стапи во примена  да се запознаеме со истиот. Од тие причини овие обуки се добри за да се запознаеме со новините, да дискутираме за проблемите, па и оттука да се воспостават некои системи како би се работело понатаму. – Петар Вељанов, правник во „Триглав осигурување“

– Ваквите обуки се многу важни. Со донесувањето на новиот ЗОУП треба да разјасниме некои  околу примената на законот во практиката и околу новините што придонесуваат за успешно водење на управната постапка.  – Митко Јанкулоски, советник за управно-правни работи во Општина Демир Хисар