/ Прочитано:

2.210

Академик одржа обука за судската пракса поврзана со определувањето надомест за материјална и за нематеријална штета

Судската пракса поврзана со определувањето надомест за материјална и за нематеријална штета, беше темата на обуката во реализација на Академик која се одржа денеска пред голем број на заинтересирани учесници.

akad 2

Акцентот на обуката беше ставен на конкретни случаи од судската пракса при спроведување на концептот на одговорност за материјална штета предизвикана од друг и концептот на одговорност за нематеријална штета, а во врска со повеќе прашања од практиката кои се однесуваат на стравот, болката, нагрденоста, намалената животна способност, рентата и повредата на честа и угледот.

akad 2

На обуката стана збор и за спецификите на постапката за надомест за нематеријална штета и за концептот на одговорност за нарушена чест и нарушен углед во деловното работење и притоа беше даден детален осврт на судската пракса поврзана со определувањето надомест за материјална и за нематеријална штета, концептот на објективна одговорност и определувањето висина на штетата.

akad 2

За сите овие прашања говореше проф. д-р Димитар Боневски, вештак психијатар и стручњак од Центарот за ментално здравје „Центар Млин Балкан”, кој практично ги образложи искуствата и за вештачењето за надомест на нематеријална штета и за надомест на штета од медицинска грешка, нарушена чест и нарушен углед.

akad 2

Професорот Боневски, кој е и претседател на Психијатриското здружение на Македонија кое ги обединува психијатрите што живеат и работат на територијата на Република Македонија, вели дека судското вештачење е тема што постојано ги предизвикува науката и практиката, како од медицински така и од правен аспект.

akad 2

„Предноста на ваквите работилници е што се прави спој помеѓу правото и психијатријата и што низ земна дискусија се изнаоѓаат одговори на низа прашања од практиката. Во некои моменти правото има поинакви гледишта од психијатријата и обратно. Значи, некогаш постои несодејствување на гледиштата, па потребно е да се најде оној заемен модалитет кој ќе ја означува хуманоста и како да се изнајде решението кое ќе биде применливо низ практиката“, истакнува професорот Боневски.

akad 2

Проф. д-р др.сц.мед. Димитар Боневски

Во таа смисла, професорот истакнува дека е од исклучително значење тоа што на обуката се дискутирало за психијатриските аспекти на проблематиката, за аспектите на душевните манифестации, за стравот и болката, за секундарниот страв, потоа за загубата на блиско лице, како и за честа и угледот, и го поздравува начинот на кој се размениле мислењата со присутните учесници.

akad 2

На обуката свои образложенија од практичен судски аспект имаа: Катерина Георгиевска, судија од Апелациониот суд Скопје, Лидија Димова, судија од Основниот суд Велес.

akad 2

Лидија Димова, судијка во Основниот суд Велес и Катерина Георгиевска, судијка во Апелациониот суд Скопје

Судијките во своите излагања се фокусираа на судската пракса поврзана со определувањето надомест за материјална и за нематеријална штета, а за таа цел презентираа примери од праксата.

akad 2

 „Она што побудува најголем интерес кај практичарите и кај учесниците на обуката е прашањето за вештачењето, како на пример дали тоа може да се поднесе до подготвителното рочиште. Тука, исто така, е и прашањето за основите на нематеријална штета. Она што е интересно е тоа што на обуката се разви дискусија и за регресите“, вели судијката од Апелациониот суд Скопје, Катерина Георгиевска.

akad 2

Лидија Димова, судија од Основниот суд Велес, посочува дека на обуката особено било значајно што се разгледувале суштински прашања од процесен аспект, во смисла на тоа како да постапуваат правните застапници, прашањата за тужбените барања, доказите и почитувањето на роковите, потоа прашањата за надоместот на материјална и нематеријална штета, посебните видови на штета, како и видовите за надомест на штета за адвокати и нотари.

akad 2

Исто така, во својата елаборација судијката стави посебен акцент на штетата од опасна ствар, за што беа предочени корисни судски примери.

akad 2

Таа упати и совет до правните застапници да ги подготвуваат тужбите квалитетно затоа што, како што подвлече, тоа е во интерес на граѓаните, а е во согласност и со начелото на економичност и ефикасност на постапката.

„На обуката на мошне корисен начин се говореше за судската пракса поврзана со определувањето надомест за материјална и за нематеријална штета. Задоволни сме од организацијата и од корисните предавања. Темите беа анализирани и од судски аспект и од аспект на вештаците“, Дејан Мишевски, Еуролинк АД Скопје.

„Обуката беше доста исцрпна, со јасни презентации и со совети како правилно да се постапи, на што посебно треба да се внимава во практиката при поднесувањето на тужбата во делот на доказите итн.“, Зоран Ристески, адвокат.

„На обуката имаше корисни излагања од предавачите, а посебно беше значаен делот со судската пракса, што нам, како практичари, многу ни користи во секојдневното работење“, Тамара Славевска, адвокат.

„Долго време сум во адвокатурата и ова се работи кои секогаш е интересно да се слушнат, да се дознаат нови мислења, но и, она што е најважно, да се разменат мислења. Па затоа и оваа обука ја оценувам како корисна, со многу интерактивна дебата, со прашања и одговори и со убави и концизни предавања“, Владимир Дудан, адвокат.

„Она што нас најмногу нѐ интересираше е и она што најмногу нѐ засегнува во работењето, а тоа е судската пракса, па така може да се издвојат како посебно корисни излагањата на судијките кои добро ги образложија своите презентации“, Секуловска Олгица, Адвокатско друштво „Софрониевски и Поленак“.

„Обуката беше корисна. За поздрав е тоа што имаше доволно простор да се прашува. Од голема важност е кога се добиваат директни одговори за прашањата што произлегуваат од тематика како што е определувањето надомест за материјална и за нематеријална штета“, Петре Бојаџиев и Билјана Боријоска, Триглав осигурување.

„Задоволен сум од обуката. Ми се допадна делот со аспектите што ги даде судскиот вештак и професор кој истакна многу корисни работи, како во доменот на правото, така и во доменот на медицината“, Николче Мушаревски, Министерство за одбрана.

„Да, оваа обука го допре она што е суштинско за проблематиката на судската пракса за нематеријална и материјална штета. Стекнавме позитивни и корисни знаења“, Викторија Арсовска, Осигурување – Македонија.