/ Прочитано:

2.117

АКАДЕМИК одржа обука за уште една сензитивна тема: Законските новини за административните службеници и вработените во јавниот сектор

Понеделник, 31 март 2014 – Во петокот во Скопје се одржа АКАДЕМИК ОБУКА за законските новини за вработените во јавниот сектор и административните службеници, прашања кои се најавија како темелни реформи во оваа област, но и кои во јавноста донесоа многу дилеми и реакции, посебно во делот на толкувањето на законскиот текст и структура, поимите, дефинициите, новата поставеност на посочените категории лица во јавниот сектор, а во смисла на нивниот работодавен избор и функции, должности, права и обврски, делокруг на работа и дисциплински постапки. Поаѓајќи од реалната слика за суштинско запознавање со законските новини на АКАДЕМИК ОБУКАТА се отворија токму прашањата кои внесуваат најмногу забуна при толкувањето на законските прописи, но и прашањата како всушност овие законски измени ќе се применуваат во пракса. На задоволство на големиот број присутни учесници, детално се разгледаа сите законски прашања и аспекти, а учесниците недвосмислено искажаа благодарност на АКАДЕМИК,  што првпат имаа можност  успешно да ги спознаат законските новини.

На обуката како обучувачи и предавачи учество зедоа Југослав Ѓорѓиевски, управен инспектор во Државниот управен инспекторат и Љубомир Младенов, државен советник во Министерството за информатичко општество и администрација.

Првиот предавач, Југослав Ѓорѓиевски, на почетокот се осврна на самата потреба за донесување на овој сет закони, кои, како што рече, се непоходни за реформирање на администрацијата и јавниот сектор. Сублимираните прашања како дефинициите, предметот на законот, класификацииите, пополнувањето на работните места, вработувањето, усовршувањето, оценувањето, дисциплинската одговорност, материјалната одговорност и платите беа предмет на елаборација на предавачот, кој одделно на секој заинтересиран учесник му одговараше за сите нејаснотии кои ги има во врска со  законските одредби.

Законските новини продуцираат многу прашања и нејаснотии – потребни се обуки

Низ обуката беа анализирани и поставани прашања за прецизирањето на статусот на административниот службеник визави статусот на вработениот во јавен сектор, правниот субјективитет на универзитите и вработените таму во однос на  нивната поставеност компарирана со поставеноста на административниот службеник, потоа прашањето за вработените во Клиничкиот центар кои се опфатени со поширок корпус на закони, дилемите кои проникнуваат за хоринзонталната мобилност на административните службеници и кабинетските службеници и каков би бил нивниот статус во Агенцијата за вработување, како и целокупниот спектар на прашања околу наизглед технички, но суштински прашања како на пример каков е делокругот на „Давателот на услугата“ во Законот за вработените во јавниот сектор.

Во јавниот сектор не се знае „кој јаде кој пие“ – ќе има годишен план за вработување и попис на работни места

Беше елаборирано и прашањето за облигаторниот попис на работните места на вработените во јавниот сектор, работа што, како што рече Ѓорѓиевски, е „исклучително тешка, но без која реформата не може да се замисли“. 

Во таа насока тој се осврна на општите законски начела прашања и прецизираноста на годишниот план за вработување низ самите процедурални аспекти.

„Никој нема да може да се вработи ако определено место не е предвидено во планот, а тоа е најважно за да се постигне квалитет“, потенцираше управниот инспектор.

Според него, предложеното законско решение создава можност секој да добие плата во зависност од тежината и обемот на својата работа.

„Во некои институции вработениот на пријавница зема поголема плата од советникот“, илустрираше Ѓорѓиевски, кој посочи и за постоечките диспропорционални односи, како на пример случајот со општината Кисела Вода.

„Во таа општина има 12 илјади нерешени прадмети, што е обемна работа, а постојат  двајца вработени кои работат на тој проблем, а имаат помала плата од лица со исто звање или опис на работа на друго место“, потенцираше тој.

„Има непотребни работни места – кога ќе ја видите платата ќе се фатите за глава“

„Едноставно ова прашање мора да се регулира на овој начин, да постои план, а не како што беше да се регулира со некои правилници. Ве уверувам дека има непотребни работни места, а кога ќе ја видите платата ќе се фатите за глава“, илустрираше Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека во Регистарот на работни места ќе се внесат и припадниците на МВР и одбраната, но само со бројка со оглед на нивната специфична работа, притоа објаснувајќи каков ќе биде и статусот на вработените во Клиничкиот центар, на пример на лекарите, кои беа присутни на обуката и кои го поставија она прашање кои нив најмногу ги тангира: Под кој закон ќе бидат тие опфатени со оглед на тоа дека, како што рекоа, за нив важат и Законот за високо образование и Законот за здравствена заштита, а и сетот на закони кои се елаборира на обуката.

Одговорот на нивното прашање беше дека нивниот статус во смисла на „припадност“ кон еден закон е непроменет и дека со оглед на специфичноста на дејноста паралелно остануваат да важат законските прописи од конкретната здравствена област.

„Го прашуваме ова бидејќи ректорот ни вели направи она, директорот вели направи она“, коментираа лекарите – учесници на обуката, за кои несомнено потребно е и на ниво на гранка да се разгледаат овие прашања бидејќи припаѓааат на специфична работна фела.

Забрана за добивање на подароци и неможност за регулирање на платите со интерни акти

Во тој контекст, предавачот Ѓорѓиовски, го елаборираше и прашањето за универзитетските професори кои се опфатени со Законот за високо образование и Законот за работните односи, притоа напоменувајќи една имало иницијатива и предлог и тие да бидат опфатени под модалитетот на учинок, но дека таквиот предлог не поминал.

Понатаму, како што посочи тој, во законското решение се регулира времетраењето, видот причините за вработување на определено работно време, потоа самото регулирање на добивање на подароци при вршење на работата, регулирањето на платата со колективните договори  и неможноста за регулирање на платата со интерните акти.

„Сите овие заложби се во функција на реформирање на јавната адмнинистрација и вработените во јавниот сектор. Прашањата кои се регулираат се резултат на исцрпна работа и методологија. На почетокот на вакви реформи очекувано е да постојат нејаснотии, секако и прашања кои понатаму дополнително ќе се разгледуваат, но потенцирам дека овие обуки се од исклучително значење за запознавање и со законите и со процесите“, резимираше Ѓорѓиовски кој напомена дека е директно вклучен во подготовката на законските решенија, а како што можеше да се забележи на обуката и доследно ги разјасни дилемите на учесничката публика на обуката, составена од правници, раководители, административни службеници, вработени во јавни институции, претпријатија и служби, универзитетски професори и лекари, значи еден широк спектар на профили кои го карактеризираат спектарот на јавниот сектор.

Конечно да се изброи администрацијата

Кон излагањето на управниот инспектор Ѓорѓиовски се надоврза, исто така корисното предавање на Љубомир Младенов, советник во Министерството за информатичко општество и администрација, кој пак детално се осврна на самиот Закон за адмнинистративни службеници.

„Меѓу другото, со овие два нови закона ќе се овозможи конечно да се изброи администрацијата и тоа прецизно. А, тоа е податок кој е и од јавен интерес и од државен интерес, а такво нешто се бара и од Европската Унија“

Покрај важноста од „пребројувањето“ на администрацијата, Младенов експлицитно ги објасни самите дефиниции и категоризации во Законот, а особен интерес предизвика концептот на идното вработување на административните службеници и самата евалуација на веќе постоечките, што е услов за нивниот напредок во кариерата.

Претходно тој се осврна на конкретната координација на управување со административните службеници, поставеноста на раководното лице, организационите единци за управување со човечки ресурси и критериуми за класификација на работните места.

Предавачот истакна дека условите за вработување на административните службеници се заострени, што е позитивно, затоа што, како што посочи тој, искуството говори на негативни ситуации.

Вработување во администрација – како вработување во НАСА?

„Имавме порано случај кога луѓето лажеа за просек, за години, за образование итн. Во сегашното решение тоа не може да се случи бидејќи се воведува испит, па тест на личноста, па обезбедување на заверени документи на нотар, па интервју – значи една целосно обемна постапка со верификација. Би рекол, како да се вработувате во НАСА“, илустрираше Младенов, додавајќи дека евалуацијата на факулетските просеци на кандидатите ќе бидат според Шангајската листа.

„За испит за административни службеници, секој орган ќе поднесе сет на прашања специфични за неговиот делокруг, и секако испитот ќе биде усогласен со методологијата за полагање на правосудниот испит“, додаде Младенов.

Тој во таа насока ги објасни концептите на пополнување на работните места на административни службеници, вработувањето, унапредувањето, мобилноста, но и она што исто така ја заинтригира публиката – обуките на административните службеници кои ќе бидат дел од облигаторниот механизам на едукација.

„За секоја посетена обука се добива потврда и тоа и за генеречки и за специјализирани, а задолжителни се 5 генерички обуки“, посочи Младенов.

Тој понатаму го елаборише и прашањето за менторството, оценувањето, дисциплинската одговорност и материјалната одговорност, а присутните особено се интересираа за дисциплинската одговорност, која, како што образложи Младенов, ќе се утврудва по принцип на тајно гласање составена од 7 комиски членови.

Реформите се со цел да се подобри администрацијата

Неговото излагање финишираше со анализа на специфичните постапки и работата со странки, кои во доменот на евалуција на административните службеници исто така имаат улога, бидејќи во законското решение предвидено е службениците интерно да се евалуираат, но и екстерно, односно од страна на странките, но и колегите на службениците од другите министерства со кои директно соработуваат.

„Сето ова се прави во функција на подобрување на работата на административните службеници и севкупно на администрацијата. Како новина потребно е да биде подложено на појаснувања од наша страна што всушност е и цел на оваа обука. Јас на обуката ги образложив новитетите, укажав на предностите и комплетно го анализирав законот. На сите прашања на учесниците им одговорив, им укажав како да ги толкуваат и применуваат одредбите и јасно е дека по овој систем на едукација и обуки може и доследно да ја прифатат и дознаат реформата. По реакциите на учесниците, сметам дека ги образложивме клучните дилеми и се надевам дека во иднина повторно ќе имаме можност директно да се соочиме и да ги расчистиме проблемите, а се со цел законските новини исправно да се применуваат, а со тоа и реформата да вроди со плод“, резимираше Љубомир Младенов, во својство на Академик обучувач и воедно советник во Министерството за администрација и информатичко општество.

Учесниците ја поздравуваат идејата: Ваква обука ни беше неопходна!

„Добра обука. Ќе ми користи многу во праксата и предавачите се одлични. Ние и во самата дебата посочивме дека некои работи во законот се недоречени, каков што е примерот со нашиот универзитетски случај и сметаме дека низ праксата ќе наидеме на проблем. Добро е што може да се видиме со најповиканите и да им укажеме на нештата, значи не е само да се научи, туку може и да се реагира со клучните луѓе“, вели Емилија Цветковска, секретар во Универзитет Гоце Делчев – Штип.

„Задоволни сме. Од голема корист е и поздрав до организаторот. Ние како институција не сме многу во финансиска можност да следиме вакви настани, но ова навистина вреди, обуката е успешно изведена и корисна е во секој случај“, вели Росица Темелковска, раководител на Сектор за правни работи и човечки ресурси во Државен Студентски дом.

„Редовно ги следиме обуките. Опфатени се многу од приоритетите и сведени до сите делови кои треба да се објаснат“, вели Анета Лазова, правник во „Комуналец“ – Неготино.

„Доаѓаме од јавно претпријатие е засегнати сме од оваа проблематика, научивме многу работи. Многу е корисно што организаторот се погрижи оваа тема да биде предмет на обука“, вели Елида Жиковска, раководител на сектор за правни работи во ЈП Македонија пат.

„Задоволна сум многу, ќе извлечеме голема корист и искуство од обуката“, вели Даница Арсова, советник во Општина Свети Николе.

„Супер е, од голема полза е за лицата кои се опфатени со овој закон“, вели Убавка Динева, советник во општина Свети Николе.

„Одлично е, сигурно посебно ќе користи, посебно за нас кои работиме на оваа проблематика“, истакнува Влатко Стојанов, раководител на одделение за правни работи во ЈП Македонска Радиодифузија.

„Секако дека ќе користи, сигурно ќе ни се најде во пракса, но имам забелешка што учесниците многу прашуваат додека обучувачите предаваат, тоа треба да го прават на крајот“, конструктивно забележува Бојан Милчин, соработник во сектор за правни работи при Македонска опера и балет.

„Супер е, задоволна сум , баш би било добро и во иднина да има вакви настани, а се со цел доследно да се имплементира законот и упатувам честитики до организаторот“, вели Лијлана Станоевска, самостоен стручен соработник за правни работи во ЈЗУ Здравствен дом „Скопје“ – Скопје.

„Позитивното е во тоа што вакво нешто недостасуваше, а е потребно е  да се едуцираат лицата кои директно ги засега во праксата. Има работи кои не ги знаевме, не ни беа протолкувани, но еве сега ја имаме таа можност да научиме“, вели Марија Крстевска, правник во Државен испитен центар.

„Предобро. Нас лично ни се допаѓа што е интерактивна, можеш да прашаш и да добиеш конкретен одговор, значи има комуникација двострана, не е само сувопарно образложување без конкретни информации и одговори. Тоа е предноста на оваа обука и несомнено целта е постигната, сите учесници се согласуваат со тоа низ разговорите“, велат Надежда Дојчиновска, директор на сектор за човечки ресурси, правни и општи работи во ЈСП Скопје и Славка Стојановска, советник на технички директор во ЈСП Скопје.

„Задоволен сум, со оглед на тоа што се работи за нов закон и за првпат и мојата институција ја опфаќа, многу ќе ни користи“,  истакнува Иван Сотировски, специјалист за човечки ресурси во НБРМ.

М.В. / veljanoskim@akademik.mk