/ Прочитано:

1.523

АКАДЕМИК одржа обуки за најновите трендови во градежното законодавство и правните ризици во работните односи

Среда, 4 декември 2013 – Преполна сала, извонредни излагања, интерактивност, задоволство меѓу учесниците – во ваква атмосфера поминаа практичните обуки на АКАДЕМИК од областа на градежното законодавство, како и на значајни теми за правните ризици во работните односи. „Благодарение на АКАДЕМИК обуките имаме појасна слика за нештата“, ги пренесуваат впечатоците,  учесниците.

Првиот ден од обуките стартуваше со презентацијата на Димитар Димовски, раководител на Секторот за документирање и управување со градежно земјиште при Министерство за транспорт и врски, посветена нaјновите измени на Законот за градење и Законот за градежно земјиште – секогаш актуелна тематика која предизвикува огромен интерес што беше евидентно и од многубројните прашања упатени до обучувачот.

„Очигледно е дека овие области, за кои што зборував на обуката, се секогаш актуелни и предизвикуваат сериозен интерес. Тоа го докажува не само фактот на големиот број учесници на обуката, туку и големиот број прашања кои произлегоа и ми беа поставувани и по завршувањето на презентацијата. Јас имав предвидено термин од 1 час и 20 минути за презентација на законските измени и за прашања, но реално целата дискусија и прашањата траеа речиси два часа.

Во измените на Законот за градење, посебен интерес од присутните имаше околу новините во постапките за издавање на документацијата поврзана со градењето по електронски пат, додека пак во делот на измените на Законот за градежно земјиште, најголем дел од прашањата беа во делот на измените кои се однесуваат на отуѓување на земјиштето сопственост на Република Македонија во случаите каде има легализирани објекти, како и во делот на спроведување на сите постапки кои се однесуваат на отуѓување и давање под закуп на државното земјиште, по електронски пат, која измена стапува на сила од 01.01.2014 година. Слободно можам да заклучам дека ваквите обуки не само што се практични, туку се и повеќе од потребни и треба што почесто да се организираат, не само кога се прават измени на законите, туку во континуитет, па дури и специјализирани, по посебни глави од овие закони. Воедно, им честитам на АКАДЕМИК за добрата организација и за изборот на темите на оваа обука“, истакнува Димовски.

„Учесниците покажаа најмногу интерес во поглед на издавањето на документацијата, не толку во поглед на извршувањето на инспекцискиот надзор што е во надлежност на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Значи сепак, инвеститорите, имаат најголем проблем во поглед на документацијата, односно кој акт да го издадат, дали за одобрение за градба, санации, адаптации и други работи“, објаснува Ѓорѓиева.

Сите прашања поврзани со постапката по жалба во управните предмети поврзани со градење, градежно земјиште и урбанистичко планирање подробно беа објаснети од претседателката на Државната комисија за одлучување на во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Ирена Брзанова. Видно задоволна од дискусијата која се разви за време на обуката, таа посочува дека преку интерактивноста на истата биле разјаснети бројни дилеми кои се појавуваат во практиката.

„Задоволна сум од дискусијата што ја водевме со колегите. Се осврнав на моментите кои нас во Државната комисија ни прават проблеми во работата од аспект на тоа што првостепените органи во правната поука пишуваат жалба до Државната комисија иако тоа не е пропишано со закон. Државната комисија откако е формирана со Законот за основање на Државна комисија предвидува надлежност на истата, само онаму каде што материјалниот закон тоа не го предвидува. Ова многу од органите не го знаат заради тоа ставаат правна поука како што беше регулирано од претходниот правен систем. Од Законот за општа управна постапка беше дозволена жалба каде имаше решение од министер, односно градоначалник.

Од тој аспект малку повеќе се задржав на правото на жалба, постапката  на жалба на органите во прв и во второстепената комисија и посебно акцент ставив на постапувањето на органите во прв степен по жалбата, со тоа што им укажав дека и покрај тоа што се работи за правен инструмент којшто се доставува до Државната комисија дека и органот во прв степен треба да ги испита навременоста на жалбата дали е изјавена од овластено лице и дали истата е допуштена. Па и првостепениот орган може да постапи по тие правни основи, со тоа што ќе донесе свое решение. Доколку тој погреши, може да го корегира со сопствено решение, со тоа што првостепените органи овој инструмент не го употребуваат туку директно жалбата ја испраќаат кај нас без никакви придружни одговори или сл“., потенцира Брзанова. 

Управување со праввните ризици во работните односи: „жешка“ тема во европските кругови

Вториот ден од практичната обука на АКАДЕМИК беше посветен на теми од областа на управување со правни ризици поврзани со работните односи. Имено, на оваа тема со акцент на управување со документација, управување со постапки, односи со синдикат, управување со ризик во судски и инспекциски постапки зборуваше Георги Димитров, управувачки партнер во „Георги Димитров адвокати“. Според истакнатиот адвокат, се работи за тема која моментно е многу актуелна во европските кругови, а за која нашите правници покажуваат зрелост преку квалитетот на поставените прашања.

„Практичните обуки на АКАДЕМИК традиционално се спој на преполна сала од извонредно стручни колеги правници кои сакаат да бидат во тек со светските трендови на полето на работните односи и мојот огромен интерес да го споделам со нив своето знаење и искуство.

Особено е значајно што зборувавме за управувањето со ризиците во работните односи бидејќи на таа тема зборуваат во овој момент сите европски релевантни кругови кои имаат допир до организација и структурирање на човечките ресурси во организациите или застапуваат предмети од работното право пред судовите. Задоволен сум од бројот и квалитетот на поставените прашања, од кои се гледа дека моите колеги во секоја нова обука покажуваат квалитет повеќе во начинот на кој ја работат својата работа. На сите колеги правници, мои пријатели и соработници и пријатели на АКАДЕМИК им посакувам навистина успешна, забавна и насмеана 2014 година!“, потенцира Димитров.

Дебата на обуката предизвика темата „Одговорност на работодавецот по судски одлуки за поништување на решение за отказ“ што беше образложена од судијката Бојана Велковска, која во Основниот суд Скопје 2 постапува по предмети од областа на работните односи. Велкова во своето излагање посебно се осврна на: видови отказ, основи за отказ-практични примери, враќање на вработен на работно место, одговорност за надомест на штета.

„Се осврнав на многу актуелни теми, поконкретно зборував за враќање на работник на работа и надомест на штета со измените на член 102 од ЗРО и откажување на договорот за вработување. Сметам дека се разви квалитетна дискусија за која и вие сведочите, одговоривме на бројни прашања со кои учесниците се среќаваат во праксата. Ваквите обуки се многу значајни за правниците бидејќи преку нив тие доаѓаат до битни сознанија кои подоцна практично ги применуваат во секојдневното работење“, подвлекува Велковска.

Учесниците за Обуките: Изборот на предавачи одличен, организацијата професионално изведена

„Ова не е прва обука на која присуствувам, а е во организација на АКАДЕМИК. Презадоволен сум од условите, од изборот на обучувачите и пред се од професионалниот однос на самата организација. Обуките се совршено поставени на место, онака како што навистина треба, секогаш се зборува на актуелни теми и навистина се од корист. Обуките се одржуваат во вистински момент, по измени и дополнувања на одреден закон, со АКАДЕМИК имаме појасна слика за нештата“ – Дејан Калпачки, геодетски референт МЕПСО

„Обуката беше добро организирана. Посебно сум задоволна од тоа што е интерактивна и слободно поставуваме прашања кои не засегаат од приватниот или јавниот сектор. За нас, општините, тоа е од особено значење, да добиеме одговор за работите да ни станат појасни. Бевме запознаени со сите проблеми кои се јавуваат при применување на најновите измените на Законот за градежно земјиште и градење“ –Елена Качулачка, градежен инспектор во Општина Берово

„Како и досегашните обуки што ги организираше АКАДЕМИК и од оваа сме особено задоволни, посебно од предавачите. Првиот предавач, Димитар Димовски, освен презентацијата даде одговор и на многу прашања кои се актуелни во нашето секојдневие и работење. Задоволна сум од обуките, од временската организираност, распоредот и од обучувачите“ – Билјана Алчева, специјалист за правни работи, сопственост и легализација во „T-Мobile“ – Македонија.

„Во целост ми се исполнија очекувањата. На сите мои прашања добив солиден одговор од предавачите, затоа и дојдов.“ – Дејан Додевски, стручен соработник за правни работи во „Шпаркасе банка“.

„Редовно ги посетувам обуките. Задоволна сум, предавањето го зафаќа делокругот на мојата работа.“ – Соња Трендафилова, раководител во служба за управување на мрежни ресурси во Телеком.

„Обуките секогаш се поучни. Стекнуваме разни искуства од фирми, општини, физички лица. Така што, обуките се одлични.“ –Александар Јованов, раководител на Сектор за урбанизам при Општина Радовиш.

„Потребни се вакви средби и непосредни контакти со законодавецот и ресорните министерства и ние што треба да ги применуваме законите. Проблемите настануваат во оперативната примена на законите и се за поздравување“ – Снежана Сотировска, раководител на Сектор за урбанизам при Град Скопје.

„Корисни се обуките, особено што се толку чести измените во законот, па не можат да се следат. Вака се сублимираат и со едно предавање сме информирани затоа шти ние немаме ни простор ни време да ги следиме редовно. Имаме милион други технички работи што треба да ги сработиме.“ –  Елизабета Стаменов-Ичев, директор за недвижен имот во „Неотел“.

„Дојдовме малку подоцна, го следевме само вториот дел, слушнавме за овластувањето на градежните инспектори. Задоволен сум од текот обуката, навистина слушнав нешто ново што мене лично ќе ми користи.“- Ресул Хани, раководител на Сектор за урбанизам при Општина Струга.

„Ваквиот вид на обуки се особено значајни, најпрвин за размена на мислења и ставови, а особено за практични совети при постапувањето во работните односи. Изборот на предавачи е одличен, од причина да се слушнат мислења на една иста тема од страна на застапниците на работодавачите, а од друга страна мислењето и ставовите на судот, кои не секогаш се поклопуваат со ставовите и толкувањата на работодавачите.“ – Ивица Јевтиќ, управувачки партнер во адвокатската канцеларија „Тошиќ и Јевтиќ“. 

„Обуките се одлична можност за секој правник да го догради своето знаење, како и да дознае нешто ново кое од негов интерес. Одлични презентации и се надевам и на понатамошно организирање на вакви обуки.“ – Ана Стерјовска, правник во „Брилијант“

„Обуките беа одлични. И двете опфатија доста добра проблематика со која често во пракса се среќавам. Се надеваме и во наредниот период ќе бидат организирани вакви практични работилници, на кои многу проблеми / дилеми ќе бидат појаснети.“ – Мирјана Станојевска, ЕЛЕМ Енергетика.

„Ова е мое прво присуство на обуките на АКАДЕМИК. Она што би сакала да го истакнам е дека одличен впечаток ми оставија излагањата на предавачите, но исто така и прашањата на моите колеги. Целта на обуката е постигната!“ – Снежана Саратиева, правник во „Сенатор“. 

„Сметам дека обуката беше одлично организирана и на истата се расчистија голем број на дилеми кои постојат во праксата. Истовремено можам да напоменам дека предавачите беа прељубезни и трпеливи да ги ислушаат прашањата на учесниците и да дадт одговор на истите. Впрочем огромниот број на прашања потврдија дека се работи за теми кои во праксата предизвикуваат голем број на дилеми и дека организаторот направи вистински избор за разработување на истата.“ – Слаѓана Кузмановска, шеф на Одделение за правни работи и застапување – Дирекција за правни работи во „Макпетрол“ АД Скопје

 „Обуките беа професионално организирани и поминаа во најдобар ред.“ – Даниела Михајлова, адвокат од Скопје.