/ Прочитано:

2.383

АКАДЕМИК одржа практична обука од областа на малопродажбата и инспекцискиот надзор

Вторник, 23 април 2013 – АКАДЕМИК одржа практична обука на теми: „Правна организација и работењето во малопродажa“, „Пазарен инспекциски надзор“ и „Трудов инспекциски надзор“. Високи оценки за обучувачите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Државниот пазарен инспекторат. „Успеавме да расчистиме убав дел од дилемите коишто ни се јавуваа во текот на работењето“, велат присутните. 

Д-р Ненад Гавриловиќ, доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, се осврна на темата „Правна организација и работење во малопродажбата“. Притоа, во рамките на темата беа покриени четири подрачја. Првото подрачје ја покри материјата на организацијата на малопродажбата. Генерално, како што беше истакнато, малопродажбата може да се организира било преку облик на централизирана мрежа, било како облик на децентрализирана мрежа. Што се однесува до централизираната мрежа, беа покриени облиците на сопствени единици, на заедничко вложување, итн., со тоа што посебен акцент беше ставен на подружниците и на претставништвата, особено во ситуациите кога станува збор за дејствување на странско трговско друштво или на странски трговец поединец на домашниот пазар. Од друга страна, што се однесува до облиците на децентрализирани мрежи, беа покриени дистрибутерството и франшизингот. Во рамките на второто подрачје се разгледаа видовите договори во малопродажбата, при што беше посочено разликувањето помеѓу договорните односи кои што настануваат во рамките на самата мрежа (договор за трговско застапување, договор за дистрибуција, договор за франшиза, итн.) и договорните односи со самите корисници (договори за промет на стоки, услуги и права).

„Во рамките на втората група, посебен акцент беше ставен на договорот за продажба со исплата на цената на рати, како и на промотивните продажби. Третото подрачје се однесуваше на материјата на заштита на потрошувачите. Покрај општите аспекти на Законот за трговија, посебен акцент беше ставен на системот воспоставен со Законот за заштита на потрошувачите, како темелен пропис со кој се уредува предметната материја. Конечно, четвртото подрачје ја покри проблематиката на трговските договори, со јасно назначување дека, во принцип, оваа материја не ја покрива непосредно малопродажбата туку, од определени аспекти, може да има влијание на истата. Преку поставената тема на обуката се покрија најразлични прашања кои што, на еден на друг начин, се допираат до проблематиката на малопродажбата, како од организационен така и од правен аспект. Посебен интерес во рамките на обуката, на поставената тема, побуди прашањето за организација на децентрализираните мрежи, преку модалитетите на дистрибутерство и на франшизинг, односно на нивните договорни облици“, укажува Гавриловиќ.

Соња Солевска, инспектор во Државен пазарен испекторат (ДПИ) – Одделение за инспекциски надзор, говореше на тема „Пазарен инспекциски надзор“ со посебен акцент на инспекцискиот надзор во малопродажни објекти. Солевска даде осврт  на организациската поставеност на ДПИ, правната рамка, како и приоритетите и целите на надзорот во работењето на ДПИ. Чекори, односно на кој начин се врши  надзорот од страна на ДПИ, објаснување на поимите: потрошувач, трговец, производител, трговија на мало беа исто така дел од излагањето на Солевска.

Во склоп на овој дел целисходно беше објаснето и постапувањето по пријави, согласно Законот за трговија, Законот за заштита  на потрошувачите, Законот за Државен пазарен инспекторат, како и Законот за индустриска сопственост.

„Најголем интерес кај присутните имаше за практични примери за конкретни проблеми  како: начин на водење на евиденција во трговија, декларирање на производите, истакнување на цени на производите“, посочува Солевска.

На темата „Трудов инспекциски надзор“ зборуваше Горан Поповски, в.д. раководител на Одделение во Државниот инспекторат за труд (ДИТ). Поповски во склоп на своето излагање имаше две презентации. Со првата беше опфатен и објаснет концептот на трудова инспекција со нејзините законски надлежности од доменот на Законот за безбедност и здравје при работа, најновите измени и дополнувања на истиот, подзаконските актиа, како и улогата на Државниот инспекторат за труд. Додека во вториот дел се премина на конкретни описи на инспекциски надзор во малопродажни објекти и запознавање на присутните со потенцијалните опасности и  кои постојат при овој вид на дејност. Поповски укажа на справување со несакани последици, како повреди при работа и професионални болести.

„Како посебен прилог беа објаснети и препорачани да ги користат Контролните листви за дуќани и супермаркети со кои се помага утврдувањето на состојбата со безбедност и здравје при работа во правниот субјект. Интерес имаше за законските обврски на работодавачот посебно околу поднесувањата на писмени известувања до ДИТ во случај на започнување со дејност, известувања за случени повреди при работа, како и за пријавување на работа за прекувремена работа , работа во празници и сл.“, вели Поповски.

Присутните со пофални зборови за обучувачите, кои како што велат помогнале во расчистување на дилеми кои се јавуваат во работното секојдневие.

– „Чест и задоволство ни беше да присуствуваме на една од обуките организирани од страна на Академик.  Проблематиките коишто беа обработени од страна на стручните лице ангажирани од ваша страна, ни беа особено важни и многу присутни во нашата секојдневна работа, а најмногу од причина што секојдневно нашата фирма организирана како малопродажен маркет е изложена на разновидни и чести контроли од разни сфери. Успеавме да расчистиме убав дел од дилемите коишто ни се јавуваат во текот на работењето, со тоа што ги увидовме и дел од измените на законите за правната организација на малопродажбата. Ги поздравуваме сите вакви организирања од ваша страна. – Аријана Раман, финансов сметководител  во „Принце Ентерпрајс“ ДООЕЛ

„Мило ми е што се одржуваат ваков тип на обуки кои имаат за цел да ни помогнат во разрешување на прашањата и проблемите кои се јавуваат во текот на работењето“. – Виолета Поп Димитрова, раководител на „Денар дисконт“.

– „Обуката беше коректна, со добро одбрани предавачи и одржана во добри услови. Она што беше опфатено на оваа обука во делот за малопродажбата е сосем доволно за  расчистување на некои прашања, особено во делот на презентација на Инспекторот од трудовиот инспекторат, кој допринесе за појасна слика во однос на начинот на работа на трудовиот инспекторат при влез во малопродажен објект. – Катерина Поповска, правник во „Еуромедиа“.

– „Задоволни сме од одржаната обуката, Академик направил добар избор во поглед на стручноста и компетентноста на обучувачите“ – Мартина Милошеска, правник во „Сава осигурување“.