/ Прочитано:

1.955

АКАДЕМИК одржа практична обука од областа на работните односи

Вторник, 4 декември 2012 – На 29 и 30 ноември во деловниот центар Зебра, во организација на Академик се одржа практична обука на теми: Отказ и постапки за време на штрајк, Инспекциски надзор – постапки и одлуки на инспекторот по претставка, Постапка по тужби за определување на законитост на штрајк со предлог за издавање на приверемени мерки, Прекршочни постапки поврзани со Закон за работните односи и Закон за безбедност и здравје при работа. Според добро познатата пракса на Академик и оваа обука помина со многу прашања од страна на учесниците кои ја оценија истата како многу конструктивна и корисна.

Областа на работните односи – една од најбитните за компаниите, јавниот сектор и адвокатските друшва

Обуката ја отвори адвокат Георги Димитров, партнер во адвокатското друштво „Георги Димитров адвокати“,  кој зборуваше на тема „Oтказ и постапки за време на штрајк. Според адвокат Димитров, праксата покажала дека областа на работните односи е меѓу најважните за компаниите,  јавниот сектор и адвокатските друшва.

Адвокат Георги Димитров – адвокатско друштво „Георги Димитров адвокати“

– „Во соработка со АКАДЕМИК ОБУКИ два пати годишно организираме практични обуки од областа на работните односи. Интересот на колегите и нивните практични проблеми покажува дека оваа област е меѓу најважните во работата на компаниите, јавниот сектор и адвокатските друшва. На секоја обука стандардно се потсетуваме на најновите измени во законите кои се дел од работното право, ги посочуваме најновите трендови или пресуди од значење за нашата пракса и разгледуваме над триесетина конкретни примери или случаи на кои се обидуваме да дадеме заеднички одговор. Во секој случај, секој од нас од обуката излегува побогат за сериозни сознанија од сферата на работното право“, објаснува адвокат Георги Димитров.

Присутните со многу прашања до обучувачот,  велат ова е добра можност да се слушнат практични примери од судската пракса.

– „Многу сум задоволна од обуката, поготово зашто имаше практични примери и од судската пракса. Материјата е позната меѓутоа како искуство е добрo затоа што ни беа посочени битни елементи кои што на нас ќе ни служат во понатамошниот тек на работата“, вели Рената Миланова Трајковски, правник во „Макпетрол  А.Д. – Скопје“.

Според младата адвокатка Љупка Новевска од адвокатското друштво „Караниќ и Николиќ“, обуката ги надминала нејзините очекувања.

– „Она што можам да забележам е дека адвокат Димитров има многу искуство во конкретната област и истото го сподели со нас. За мене како помлада колешка е многу битно што се информирав како одат работите во судската пракса, конкретно во работните односи. Можам да кажам дека обуката ги достигна и надмина моите очекувања“, вели адвокат Новевска.

За инспекцискиот надзор, постапките и одлуките на инспекторот по претставка, зборуваше м-р Горан Поповски од Државниот инспекторат за труд, в.д раководител на Одделение.

М-р Горан Поповски, в.д раководител на Одделение – Државен инспекторат за труд

– „Постапувањето и одлучувањето на државните инспектори за труд по преставки на странки е една од поделикатните работни задачи бидејќи се работи за поднесоци од страна на незадоволни странки кои имаат проблеми или се незадоволни со некои неисполнети законски права од област на работни односи или од област на безбедност и здравје при работа од страна на нивни работодавачи и често за истите проблеми се завршува и пред надлежните судови. Државните инспектори за труд постапуваат согласно законската регулатива која се однесува на оваа проблематика и истата беше објаснета на презентацијата како и начинот на законско  постапување и одлучување на инспекторите“, вели м-р Поповски.

Добра шанса за учесниците да бидат во чекор со новините

Вториот ден од практичната обука беше резервиран за двајца искусни судии од Основниот суд Скопје 2, судија Јулија Чавдар и судија Санде Зиков.

Судија Јулија Чавдар ги запозна учесниците со новините на Законот за прекршоци, согласно реформата на прекршочното право од 2006 година, со посебен осврт на видовите постапки коишто ги предвидува Законот за прекршоците. Во продолжение од практичната обука таа ги посочи и видовите прекршочни постапки согласно Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за  инспекција на трудот, Законот за инспекциски надзор и Законот за работни односи при што ги  нагласи спецификите на прекршоците од тие закони, новините и објасни дали тие закони се усогласени или не со Законот за прекршоците како lex generalis.

Судија Јулија Чавдар – Основен суд Скопје 2 Скопје

– „Овие теми се многу значајни зашто областа на работните односи е темелна област, измени и хармонизирање имаше и се уште има, така да ова е добра шанса за учесниците да бидат во чекор со новините, бидејќи работат од областа на правото и правната заштита. Работното право е многу значајно за секој граѓанин во државата, па дури и за работодавците коишто навистина треба да имаат работници на кои им се гарантирани правата и кои ќе работат безбедно на работа“, објаснува судијa Чавдар.

Нејзиниот колега, судијата Санде Зиков говореше за тужбите за мобинг, тужбите за забрана на  дискриминација, постапката по тужба за определување на законитост на штрајк со предлог за издавање на привремени мерки во такви случаеви, теми кои како што вели кај нас се уште во пракса не се толку разработени.

Судија Санде Зиков – Основен суд Скопје 2 Скопје

– „Во пракса морам да кажам дека ова многу ретко се случува, иако за мобинг веќе имаме зголемен број на предмети во 2012 и 2011 година. Факт е дека на терен мобингот го има, но многу е тешко да се докаже тоа психичко вознемирување и малтретирање и товарот на докажување во даден момент со поднесување на тужбата во судот и доставување на одговор кај тужениот се пренесува на тужениот. На некој начин сите докази со кои располагаат, повеќето се кај тужениот како за неговата одбрана така и евентуално за тоа што се терети“, открива судијата Зиков

Според судијата она што останало дилема се уште кај нас – е дали да се јават како тужени само лицата што вршат мобинг над некој вработен или поголема група или пак да се јави како тужен и самиот работодавач како фирма.

– „Тоа законот го нема стриктно решено, засега сите тужби што идат во добар дел  претежно стои како тужен работодавачот, фирмата и лицето коешто фактички, наводно врши мобинг. Тоа е едната работа, втората работа што не е решена е заштитата. Дали треба прво да има  примарна заштита како што е тоа во Законот за работните односи кај работодавачот, да поднесат некое барање за заштита итн., па доколку работодавчот на преземе ништо во тој случај да се продолжи постапката пред судот, во тој дел засега  е прифатена праксата, независно што нема примарна заштита кај работодавачот, директно со поднесување тужба во судот, ги прифаќаме и ги работиме тие предмети“, вели тој.

Во текот на обуката, судијата Зиков низ примери ги објасни и најбитните елементи во врска со забраната за дискриминација и постапките за време на штрајк.

– „Забраната на дискриминацијата, тоа е исто една нова тема за која што кај нас веќе има донесено и Закон за заштита од дискриминација, а истото  е предвидено и во Законот за работни односи. Предмети досега во тој дел имаше неколку во 2011 година, десетина предмети  од одредена  фирма. Јас во текот на предавањата накратко образложив отприлика во пракса тоа како оди, односно што беше фактички дискриминацијата што сметаа работниците дека ја трпеле во тој период при отпуштање како технолошки вишок на три пати  од оваа фирма. За штрајкот конкретно морам да кажам дека скоро да сме ги немале тие предмети. Имаше пред неколку години, некаде 2006 година 1-2 предмети за забрана на штрајкот, односно дали е тој легален или нелегален.  И последен е тековниот со Министерство за здравство“, посочува судија Зиков.

Позитивните реакции на учесниците не изостанаа и по завршувањето на обуката.

– „Мислам дека обуките се многу конструктивни и сметам дека колегите правници, поготово од приватниот сектор е пожелно да ги посетуваат“, изјави Даница Мицевска, правник во „Близу“.

Според адвокат Александра Тасева од кај адвокат Гоце Цоневски ваквите обуки се многу корисни во понатамошната пракса.

– „Премногу сум задоволна, обуките се многу корисни, поготова оваа област, односно областа од работните односи, бидејќи се среќаваме со  различна проблематика и баш ваквите обуки помагаат понатаму за водење на постапките и за слични работи. Мислам дека навистина повеќето фирми поготово кои што се среќаваат со ваква проблематика треба да ги посетуваат ваквите обуки“, вели адвокат Тасева.

Слично е искуството и Слаѓана Јакимовска од Секторот за човечки ресурси на „ЕВН Македонија“. 

– „Од обуката можевме да слушнеме одредени работи кои досега не се познати  во пракса. Меѓутоа  за мене најголема придобивка беше што предавачите истакнаа и позитивни примери од пракса. Нормално не може во текот на работењето да ги знаете сите работи или да ги познавате сите процеси и сметам дека е една позитивна придобивка и што  ќе ни помогне во понатамошното работење“, посочува Јакимовска.

Натка Спировска која е правник во „Централна Кооперативна Банка“, ги оцени обучувачите како многу стручни и професионални.

– „Обуките се спроведуваат многу професионално, истите многу ни служат во практичната примена на регулативата. За предавачите можам да кажам дека се на исклучително високо ниво на стручен и професионален кадар, вели Спировска.