/ Прочитано:

2.528

АКАДЕМИК одржа практична обука за постапките пред Управниот инспекторат, архивирање на документацијата, постапката пред Управниот суд и заштитата на личните податоци

Понеделеник, 29 октомври 2012 –  Обуките многу корисни, а обучувачите компетентни и внимателно одбрани беа коментарите на учесниците на дводневната практична обука на АКАДЕМИК одржана 26 и 27 октомври во деловниот центар Зебра. Овластувања и постапки пред Управниот инспекторат по службена должност и по повод барања од странки, архивирање на документација,  управни тужби со посебен осврт на тужби за молк и Законот за заштита на личните податоци се темите со кои учесниците имаа можност подобро да се запознаат. 

Голем интерес за  видовите на инспекциски надзор

Обуката ја отвори управниот инспектор, Југослав Ѓорѓиевски од Државниот управен инспекторат кој говореше за молк на администрација, вонреден инспекциски надзор, а укажа и  на најбитните мерки на инспекција.

Југослав Ѓорѓиевски, управен инспектор во Државниот управен инспекторат

„Конкретно, учесниците најмногу се интересираа за видовите на  надзор, постапките за донесување на решение во прв степен по жалба, ги интересираше и институтот молчење и одобрување затоа што е нов институт и разликата помеѓу општото молчење на администрацијата како принцип во управната постапка и молчењето одобрување како институт кој што по исклучоци се применува. Можам да кажам дека имаше голем интерес за темите, посебно за делот општински инспекции, видов дека има и даночни инспектори од градежништво. Инаку интересни се сите теми, со Законот за инспекциски надзор сите имаат на некои начин допир, бидејќи сите се субјекти на надзор од страна Државниот управен инспекторат.  Законот за општа управна постапка пак, е многу обемен, сложен и тешко се навлегува во неговите институти, а мора да го применуваат буквално сите лица што работат во администрација. Мислам дека обуката помина одлично“, вели Ѓорѓиевски.

Кога го завршува предметот, службеникот мора да се раздолжи со истиот

Вишиот инспектор, Борис Најдовски ги запозна присутните со правилата за архивирање, прописите кои го уредуваат   прашањето на канцелариското и архивското уредување. 

„Учесниците ги запознавме со прописите кои го уредуваат прашањето на канцелариското и архивското уредување, а тоа се уредба за канцелариско и архивско работење и упатство за начин, техника на постапување со документарниот материјал и архивската граѓа. Презентирани беа и обрасците за водење на евиденција, како што е деловодникот, интерна доставна книга, попис на акти. Во делот на изготвување на план за архивски знаци посочивме како се готви тој план, кога се донесува и од кого се донесува, роковите и сл“. Меѓудругото, Најдовски зборуваше и за подзаконските акти кои произлегоа од Законот за општата управна постапка, односно Правилникот за евиденција на предмети од управна постапка. „Ова е добра прилика за да се добијат изворни сознанија, бидејќи ние учествуваме во подготвување на подзаконските акти. Многу е битно во работатата на еден орган, кога се ствара архивска граѓа да се зачува истата. Има граѓа и што не се чува, односно се чува одреден период, но имате и граѓа што се чува трајно. Тука органите, прво служебените лица не секогаш ги враќаат предметите да се архивираат, значи кога го завршува предметот, службеникот мора да се раздолжи со истиот и да го врати во архива“, додава вишиот инспектор од Државниот управен инснпекторат.

 Утврдување третман на молчење на администрацијата и потоа

На претставниците од Државниот управен инспекторат се надоврза судија Рахилка Стојковска од Управниот суд која зборуваше за тужбите по повод прекршочни одлуки на административни органи со осврт на молкот на администрацијата.

Рахилка Стојковска, судија во Управен суд

„Самото молчење на администрација е неблагодарно особено кога се води постапка за граѓаните, тие не ги остваруваат вистинските права, па затоа се поднесуваат тужби за молчење на администрацијата. Претходната обука беше многу корисна, од аспект на тоа да се види дека е подобро да се дојде до акт кај органот, па потоа да се вложи тужба за  управен спор. Со тужба се губи време, граѓаните додека трае постапката повторно не си ги остваруваат правата. Претставниците од општините, најмногу се интересираа за тоа кога постои третман на молчење на администрацијата и што потоа се презема. Исто така ги објаснив условите за да може да се води управна постапка на суд, а интерес имаше и за времените мерки и секогаш актуелните прекршоци“, вели судија  Стојковска.

Злоупотребата на податоците најчесто се случува од човек крт одвнатре

Раководителот на одделениe и виш инспектор за заштита на личните податоци при Дирекцијата за заштита на личните податоци,  Игор Кузевски предаваше во три дела, најпрво презентирајќи вовед за практиката како се применува Законот за заштита на лични податоци и каде има злоупотреба или грешка. Во вториот дел, Кузевски ја опиша постапката за администрирање на податоците на контролорите, а потоа зборуваше за  видео надзорот на работното место, притоа посочувајќи практични примери за направени повреди во секторот на банките и во општините.

Игор Кузевски, раководител на одделение – виш инспектор при Дирекцијата за заштита на лични податоци

„Ова стана модерно,  се става и каде треба и каде не треба, без анализа дали навистина е потребно“, вели Кузевски

Според вишиот инспектор за заштите на личните податоци најважно е администрирањето, а не е толку важно кои податоци се собираат ако соодветно се штитат и се преземаат мерки и контроли за да се намали ризикот од нивна намерна или ненамерна злоупотреба, губење, оштетување.

„Ако тоа се применува како што треба, во тој случај ретко ќе има злоупотреба. Најчето кај нас, а и такви се луѓето, према надвор се штитиме, ставаме бленди врати, но откако ќе ти влезе некој дома со претпоставка дека им веруваме на луѓето, ни влегуваат во сите соби. Таква грешка прават и инспекторите, спрема надвор штитат се, но внатре не штитат ништо, во 99 % од случаите злоупотребата се случува од човек крт одвнатре. Целта ми беше да покажам како преку мерки и контроли може да се спречи таквата состојба“.  

Обуката е комплетна, стручна и квалитетна, изјавија учесниците

Според добро познатата пракса на Академик и овие обуки поминаа со многу прашања од страна на учесниците, искуството позитивно велат тие. 

  • „Доаѓам од општина, обуките беа навистина добри, предавачите компетентни и многу солидно избрани. Слушнав работи кои никаде не сум ги слушнала, има напишани работи во законите, меѓутоа кога ќе ги слушнете директно од лице кое работи на таа проблематика е сосема поинаку. Исто така обуката е интерактивна, на секое прашање добивме одговор. Ќе ги пренесам моите позитивни искуства во општината, заинтересирана сум и за други обуки што ги тангираат мои надлежности како инспектор“, изјави Билјана Шуркова Манаскова, инспектор во општина Велес.

  • „Задоволна сум од материјата и она што го слушнавме и вчера од предавањето за управната инспекција и целата материја за управна постапка. Обучувачите ни објаснија преку практични примери, а со однос на тоа што обуката е интерактивна функционираше како работилница. Имавме можност да ги разрешиме сите дилеми и прашања“, изјави Мери Недев, правен советник во ТАВ Македонија.

Соња Китановска која е правник во Друштвото за градежништво – ЖИКОЛ, веќе по втор пат е дел од практичните обуки на Академик. 

  • „Обуката е многу комплетна, стручна и квалитетна, исполнета со практични примери кои јас ќе можам да ги пренесам на моето работно место. Лично најмногу ме интересираа управните тужби и спорови, доста се значителни, добиваме појаснување како да ги спремаме, како оди текот и целата процедура. Сега ми е појасно како да ги составувам и да ја водам постапката, вели Китановска.