Академик одржа практична обука за раководење и администрација во компании, како и донесување и спроведување на урбанистички план
Среда, 26 декември 2012 – На 21 декември во деловниот центар Зебра, во организација на Академик се одржа практична обука на теми: „Раководење и администрација во компании, јавните претпријатија и општините“ и „Донесување и спроведување на урбанистички планови“. Меѓу учесниците претставници од општините, со пофални зборови до обучувачите, велат ова е добра можност да се слушнат практични примери.
Првиот дел на обуката го отвори Југослав Ѓеоргиевски, инспектор во Државниот управен инспекторат кој говореше на темите: изготвување на потребна документација, воведување на акти и други писма во деловникот, архивско работење, пружање на правна помош, организација на служби за контакт со странки и заштита на личните податоци.
Присутните со многу прашања до обучувачот, велат ова е добра можност да се слушнат практични примери.
„Во име на претставниците на Општина Битола го изразувам задоволството од учеството на предметната обука, особено од аспект на избор на предавачи (битно е истите да бидат од институциите директно вклучени во самата постапка предмет на обука) како и можноста за поставување и дискутирање по конкретни проблеми со кои се соочуваме во процесот на работа“- вели архитектот Валентина Кривасија.
За донесување и спроведување на урбанистички план и пресекот на измените во Законот за просторно и урбанистичко планирање го направи Цветанка Маркушоска, дипломиран инженер, архитект и планер, координатор во Агенцијата за планирање на просторот.
„Во предавањето се осврнав и на последните измени на Законот за просторно и урбанистичко планирање во делот на видови и содржини на планови и кои се новите плански документации што за прв пат се воведуваат во овој закон, односно што се подразбира под урбанистичко планска документација за туристичка развојна зона и урбанистичко планска документација за автокамп, дека со овие плански документации може да врши уредување и користење на просторот со определување на една или повеќе градежни парцели, во плански опфат и надвор од плански опфат, заради формирање на туристичко развојни зони и автокампови, кои намени можат да бидат предвидени во нив, начинот и постапката за нивно донесување, кој ги одобрува и начинот на нивната примена“ – вели Цветанка Маркушоска, дипломиран инженер, архитект и планер.
За суштинските измени и дополнувања на Законот за градење зборуваше Димитар Димовски, раководител на Секторот за документирање и управување со градежно земјиште при Министерството за транспорт и врски.
„Моето излагање се однесуваше на законот за измени и дополнувања на законот за градење, при што најголемо внимание од моја страна беше посветено на суштинските измени и дополнувања во самиот закон (во однос на воведување на можноста за изработка на идеен проект пред поднесување на барање за добивање на одобрение за градење, промените во категоризацијата на градбите, измените во потребното образование за стекнување со овластувања за проектирање, надзор, изведувач на градби итн.) Исто така се осврнав и на измените и дополнувањата на законот за градежно земјиште, посебно на оние работи кои тесно се поврзани со законот за градење. Од страна на присутните слушатели на обуката ми беа поставени неколку прашања во однос на двата закони, како на пример дали е задолжителен идејниот проект пред изработка на основниот проект кој е потребен за добивање на одобрение за градење, како да се реши имотно правен предмет каде има евидентирана сосопственост на земјиште а еден од сосопствениците не е заинтересиран за купување на државното земјиште итн.“- вели Димитар Димовски, раководител на Секторот за документирање и управување со градежно земјиште при Министерството за транспорт и врски.