/ Прочитано:

2.179

Ако не си политички обоен или ако немаш семејна позадина – тешко ќе напредуваш во адвокатурата, Жарко Стеваноски, адвокат од Прилеп

Вели дека политичката обоеност е клучен фактор за напредување во кариерата што е резултат на зголемена политизираност на општеството, но и на спроведувањето на реформите кои се парцијални и неапликативни. Под превезот на јавната тајна, сите во фелата знаат како функционираат нештата, но поедноставно и поисплатливо им е да молчат. Критизерскиот став не го смета како припадност кон одредена политичка опција, туку како коректор на практиката и прописите кои не се добри за граѓаните и општеството. Затоа и адвокатурата треба да е независна, но тешко дека тоа може да биде, пред се затоа што нештата не се изолирани, па суштинската функција на адвокатурата е изместена од оригинерните, почетни вредности.

Политизацијата директно оди на штета на граѓаните

„Во денешно време, посебно ако си млад адвокат на почеток на кариерата, тешко дека ќе успееш да се профилираш во професијата или пак, како што има случаи, да егзистираш од професијата. Таквата политизација на професијата понатаму си има свои влијанија и врз целиот правосуден систем, а кога имате таква состојба веднаш ја губите правна сигурност. Кога нема правна сигурност нема ни правна држава. Ова што го говорам може најдобро да се види низ судската пракса, каде има еклатантни примери за нарушување на таа сигурност со тоа што за предмети кои треба да ги следат исти правни судбини, се носат различни одлуки, заклучоци, пресуди. Сето тоа под површината ги крие и факторите за политизираност“, револтирано адвокатот Стеваноски започнува да го опишува професионалниот амбиент на македонската адвокатура.

Тој смета дека ваквата, како што вели, несреќна реалност, не е толку проблематично што ја засенува улогата на македонската адвокатура, туку е поболно што е спротивна на интересот на граѓаните и нивните права.

„Тоа е најсуштинскиот проблем, покрај останатите. Говорам и од аспект на млад човек. Веќе две години работам како адвокат, претходно работев во извршителска канцеларија и во адвокатска канцеларија, каде го стекнував приправничкиот стаж. Тврдам дека младите не можат да егзистираат ако немаат политичка и семејна позадина. И ова го говорам од позиција што мене ми помогнало што и мојот татко е во адвокатурата, да не би било така би било многу, многу тешко. Затоа сакам да се говори за нештата реално“, вели Стеваноски.

За него политизацијата на судството е евидентна во креирањето на правосудниот кадар за што се бројни примерите, особено при изборот на судии.

„Реално кога колега на моја возраст го избираат, а нема доволно искуство за таа функција за која треба огромно искуство и знаење, може ли да не се наметне сомнежот во некои други фактори за избор?“, прашува младиот адвокат, кој додава дека симптоматични се ситуациите кога места за кое е потребно искуство ги заземаат луѓе кои не располагаат со такво искуство.

Адвокатот не треба да молчи, туку да говори затоа што е глас на јавноста

Адвкатот смета дека со декларираните реформи всушност не се правело ништо конкретно и прагматично, туку се правеле формални промени, но не, како што потенцира, суштински промени.

„Голема е разликата од самото носење на законите и она што се кажува како причина и потреба, затоа што во реалноста голема е разликата од носењето и примената на законите. На пример, како експликација за ваквата состојба е тоа што може да се забележи МВР се става над правосудството. А тоа може да се констатира најдобро преку тоа што презумпцијата за невиност постанува мисловна именка, верувам тоа сите го знаат, но не се говори многу за тоа. Новиот ЗКП исто така ја зајакнува позицијата на МВР и го става во сенка правосудтсвото, а претпоставуваме дека целта е да се набилда послушноста“, акцентира адвокатот, според кого должност на адвокатот не е да молчи, туку да говори затоа што е глас на јавноста.

„За, жал адвокатите се стишени и мислам дека тоа е доволно очигледно. Има доволно показатели за тоа, исто како што има и показатели за другите проблеми. Таа стишаност продолжува дури и кога се има пресуди кои се неиздржани, кои паѓаат од повисоките инстанци, тоа може да се види од статистиката, секако. Или пак ако се проанализира и компарира практиката на Евроспкиот суд за човекови права“, вели Стеваноски.

Новите решенија во ЗКП се неповолни и за адвокатите и за граѓаните

Стеваноски не изразува позитивно мислење за решенијата во новиот Закон за кривична постапка затоа што смета дека се понеповолни и за адвокатите и за обвинетите.

„Поставените цели за промена на ЗКП како што беа најавени не соодејствуваат со она што беше финализирано. На пример, проблематична е самата спогодба бидејќи на обвинетиот му се сугерира спогодбата, без да земе адвокат, што е спротивно на уставната положба на адвокатурата и целите за кои таа фукционира, а примарно – одбраната и заштитата на човековите права“ посочува тој.

„И ова ќе има след на други проблеми кои веќе се чувствуваат, а тоа е енормното намалување на бројот на предметите што на некој начин укажува на инсистирањето на спогодби во кои се сугерира неангажирање на бранител иако тоа е уставно загарантирано право“, вели Стеваноски кој во елаборирање на проблемите, ги посочува и пасивизираноста на адвокатската фела, фискализацијата и определувањето на новите надлежности на нотаријатот како поразителни за адвокатурата.

Тој повторно потенцира дека критиката е должност на адвокатите и дека природно е така да ги перцепираат работите, што е една од одликите на правната држава и демократијата. За него не значи дека ако се предлагаат нови решенија и се укажува на слабостите во општеството или во професионалната фела дека тоа значи или симболизира припадност на одредена политичка опција.

За таа цел Стеваноски предлага решенија за подобрување на состојбата, кои ги истакнува и преку прилепската заедница на адвокати, но и преку контактите со Адвокатската комора, за која вели дека има задоволителна соработка.

„Проблемот околку независноста на судиите може да се надмине со зголемување на платите и засилување на финансиската независност од аспект на економска моќ на судовите и нивните буџети. Секогаш корупцијата и политизацијата одат со слабата економска моќ, се разбира не се пресудни, но се првични и иницијални за такво однесување. И за тоа мора добро да се размисли. Секако проблемот не е на едно ниво, економската немоќ владее на повеќе нивоа, но потребно е да се минимизира корупцијата токму онаму каде е најпогодно за генерирање на корупцијата и злоупотребата на моќта, а тоа се секако институционалните центри на моќ“, посочува и предлага Стеваноски, кој се надоврзува и на прашањето за економската моќ на општо ниво, што особено се забележува и во Прилеп, каде, како што вели тој, многу млади заминале среќата да ја бараат на друго место, претежно во странство.

Државата знае што да направи, но нема политички интерес за тоа!

„Има млади правници во Прилеп и би рекол дека важи за атрактивна професија, но еве, припаѓам на генерација која може да посведочи дека студираш со еден ентузијазам, а потоа реалноста е она што најмалку си можел да го воочиш додека идеалистички си се образовал дали заради идеалот на правдата или напредокот во социо-економскиот статус“, вели тој, додавајќи дека и неговата примарна определба за правото била во желбата да се чита, да се дознава, да се согледуваат проблемите од правен аспект, а најмногу, како што вели, да се биде фактор во пополнувањето на правните празнини и недоречености на правниот систем.

„Затоа и велам, потребно е реално гледање на нештата, да се видат состојбите и да се почне искрено да се решаваат проблемите. Но, тоа во никој не случај не може да се реши без политичка волја, исто така да бидеме реални. Без политичка, семејна и лоби позадина, тешко одат работите. Од она што сега може да се заклучи е дека решенијата се можни и државата знае што да направи, но нема политички интерес за тоа!“, резимира адвокатот Жарко Стевановски, кој ветува дека секогаш ќе остане адвокат од кого може да се чуе вистината за состојбите и затоа секогаш ќе остане, како што вели, гласноговорник на граѓаните оти „така му доликува на еден адвокат“.


Разговараше: Милчо Велјаноски

Објавено: 04. 06. 2014