/ Прочитано:

4.345

Американски експерт советува како да се подготви квалитетен аргумент во судницата

Сем Гловер, уредник на веб-страницата „Lawyerist.com“, кој со години пишува и истражува за практикувањето на правото и советува голем број правници и адвокати, дава неколку совети како да се напушти стандардниот начин на подготовка и да се прифати повпечатлив однос при настап пред судот. Според него, вообичаеното подготвување за настап пред судот не дава убедливи резултати и нема квалитетен ефект при презентирањето.

Усното излагање е еден од најинтересните и највозбудливи делови во една судска постапка и за тоа адвокатот треба да поседува добри говорни вештини. Ако еден адвокат е природно надарен како презентер, секогаш може да ја надгради својата вербална вештина и да го напушти стандардниот начин на говорење, со употреба на повеќе комбинации при говорењето, настапот и гестикулацијата при изразувањето.

Многу адвокати, особено оние што допрва почнуваат со правната практика, за да имаат квалитетен настап пред судот употребуваат стандардни методи, како на пример, подготовка на текстот што имаат намера да го презентираат, вежбање насамо пред настап во судницата, зборување пред огледало, читање или говорење на подготвениот текст пред колегите итн.

Сем Гловер, уредник на веб-страницата „Lawyerist.com“, кој со години пишува и истражува за практикувањето на правото и советува голем број правници и адвокати, дава неколку совети како да се напушти стандардниот начин на подготовка и да се прифати повпечатлив однос при настап пред судот. Според него, вообичаеното подготвување за настап пред судот не дава убедливи резултати и нема квалитетен ефект при презентирањето.

Тој смета дека тоа е така затоа што усното аргументирање е процес што бара динамичен пристап. Од клучно значење е доброто разбирање на правото, а не само подготовка на случајот на кој се работи. Потоа следува квалитетна анализа на фактите и аргументите. Пожелно е аргументирањето да се расчлени во модули од кои секој посебно ќе има одредена поента во искажувањето, за на крајот од сите нив да се извлече квалитетен заклучок.

Ако полномошникот или бранителот на странката се придржува до класичниот метод на презентација со општо нафрлање на зборови, тој многу често ќе се повторува во својот говор и во најмала рака ќе изгледа смешен пред судот. Тоа најчесто се случува, пред сè, поради тоа што таквите адвокати повеќе се потпираат врз купиштата хартија што ги имаат пред себе отколку врз соодветната и детална подготовка.

Како заклучок, три клучни работи се важни за добра презентација на предметот:

  1. Факти – тие треба да се добро анализирани и да се знаат напамет, без оглед дали се во комбинација со други факти или секој факт е поединечен
  2. Законот – иако веројатно претходно сте го проучиле целиот закон, особено треба да ги забележите клучните членови кои се од полза за вашиот предмет. Тие делови треба да се кажат на професионален начин, јасно и сигурно. За подобар впечаток, може да се вметнат и други закони или подзаконски акти кои имаат тесна врска со предметот на кој работите и се разбира, треба да се има предвид што од тоа навистина ќе му остави впечаток на судот
  3. Аргумент – најважната работа е да можете да објасните зошто судот треба да пресуди во ваша корист и вашиот клиент да излезе како победник. Гловер вели дека многупати во судовите гледал како некои адвокати невешто се заплеткуваат во своите говори и не се способни да најдат излез од одредена ситуација, со што го уништуваат целиот предмет.

Структурата на говорот можете да ја направите така што сите модули ќе ги напишете на посебни листови и преку клучните поенти ќе го оформите говорот кој сакате да го презентирате. Исто така, клучна работа е сето тоа добро да се меморира. Тоа е многу подобар начин при презентирањето отколку околу вас да се расфрлате со купишта хартија кои можат да ви создадат паника и да оддадат несериозно однесување во судот.

Како квалитетна подготовка пред судењето, се препорачува симулација со колегите и доделување различни улоги. Ако на таков начин се соочите со „судијата“ или со „спротивната страна“, полесно ќе го меморирате секој сегмент од симулацијата која на самото судење ќе ви биде добар модел додека го аргументирате вашиот предмет.

С. М.