/ Прочитано:

877

Американски војник ќе признае масакр во Авганистан за да избегне смртна казна

Четврток, 30 мај 2013 – Американски војник обвинет за убиство на 16 авганистански цивили се согласи да се изјасни за виновен за да  избегне смртна казна. Роберт Бејлс е обвинет за пукање во селани, претежно во жени и деца во нападот врз населени места во провинцијата Кандахар, Авганистан, во март 2012 година.

Поручник Роберт Бејлс(39) е обвинет за 16 убиства, за 6 обиди за обиди за убиство и 7 напади поради масакрот што во март минатата година го извршил на југот на Авганистан.

Седумнаесет од 22-те жртви биле жени и деца и речиси на сите им било пукано во глава. Обвинителите уште од ноември бараат смртна казна.

Неговиот бранител Џон Браун изјавил синоќа дека Бејлс на 5 јуни ќе се изјасни како виновен.

„Денес најавивме дека ќе постигнеме договор со војската да се откаже од смртната казна доколку ја признае вината. А потоа во септември ќе биде донесена пресудата кога ќе видиме дали ќе добие доживотна казна со можност да излезе порано од затвор и остатокот од казната да ја отслужи условно или без можност кога било да излезе на слобода“, кажал Браун.

Неговиот бранител појаснил дека поручникот се кае за сторените дела, но истовремено почувствувал олеснување бидејќи нема да биде соочен со смртна казна.

Медиумите пишуваат дека договорот за признавање на вината во замена за избегнување смртна казна најверојатно ќе ги разгневи семејствата на жртвите, кои бараа да му се суди во Авганистан.

Поручникот Бејлс ноќта на 11 март 2012 година наводно излегол од својата база во областа Панџваји во јужната авганистанска провинција Кандахар за да го изврши масакрот во кој убил и девет деца. Тој потоа наводно ги запалил телата на дел од своите жртви.

Сослушувањето три дена се случувало и во Авганистан за да можат да сведочат Авганистанците што го преживеале масакрот и роднините на убиените.