/ Прочитано:

814

Американскиот државен обвинител Ерик Холдер поднесе оставка

Петок, 26 септември 2014 – Американскиот државен обвинител Ерик Холдер поднесе оставка, но ќе остане на функцијата до именување на негов наследник.

„Со типична посветеност Ерик се согласи да остане државен обвинител, додека не биде избран и именуван негов наследник од страна на Сенатот“, изјави американскиот претседател Барак Обама на заедничка прес-конференција со Холдер.

 Ерик Холдер е близок соработник на Обама и прв Афроамериканец на функцијата државен обвинител на САД. Тој беше шест години на оваа висока функција.

Неговиот мандат беше обележан со освојување на нови сфери од граѓанските права, вклучително и правата и бенефициите за истополови парови и намалување на затворските казни за нарко осуденици.

Агенциите пренесуваат дека Републиканците од Конгресот, штом ја дознале веста за оставката, веднаш упатиле критики на сметка на Холдер. Тој го навлече нивниот гнев поради начинот на кој ја спровел истрагата по жалбите на конзервативците дека биле под непримерен притисок од американската пореска служба и за тоа што неговата канцеларија одзела тајно снимени телефонски разговори на новинари.