/ Прочитано:

1.387

Аналитика предлага пакет мерки за праведно оданочување

Организацијата „Аналитика тинк тенк“ предлага пакет мерки за праведно оданочување. Македонија треба да го напушти постојниот модел на рамен данок и да воведе модел на прогресивно оданочување. Важно е мерката да го опфаќа и данокот на добивка, а не само персоналниот данок на доход, се вели во Анализата на „Аналитика“, подготвена од авторките Бојана М. Христовска и Тамара М. Спасова.

Ерата на раеви за даночни обврзници, се вели во Анализата, треба конечно да заврши. Раевите за даночни обврзници ја подгреваат кризата со нееднаквоста, што ги остава сиромашните држави без потребните средства.

Потребно е да се зајакне техничкиот, административниот и институционалниот капацитет на Управата за даночни приходи со цел да се подобри наплатата на приходите, со што ќе се овозможи повисоко ниво на буџетски приходи.

Исто така, потребно е воведување на цврсти мерки против даночните затајувачи од корпоративниот сектор. Со ова се цели и кон намалување на даночната евазија.  Македонија треба да го напушти постојниот модел на рамен данок и да воведе модел на праведно, т.е. прогресивно оданочување. Ова особено се однесува на данокот на дoбивка и персоналниот данок на доход.

Во Анализата се препорачува да се зголеми и да се загарантира минималниот приход кој нема да се оданочува.  Македонија да ја запре „трката до дното“ со постојните даночни олеснувања, даночни субвенции, даночни ослободувања. По претходно направена анализа за трошоците и бенефициите од даночните ослободувања, олеснувања и субвенции, истите да се ревидираат со цел нивно укинување.

Во однос на политиката за привлекување странски инвестиции, да се запре со субвенции за работни места за странски компании кои буквално ги експлоатираат работниците. Во рамки на фискалната консолидација, мора да се преземат мерки да се наплатат избегнатите даноци, со што ќе се обезбедат поголеми приходи и ќе се намали јавниот долг и буџетскиот дефицит. Да се зголеми досегот и квалитетот на социјалните услуги.

Во многу наврати, граѓаните собираа пари за деца со сериозни здравствени проблеми поради недостиг на државни пари за оваа намена и слаб квалитет на здравствени услуги. Оттука, треба да се воспостави систем во кој во распределбата на даночните приходи приоритет ќе им се даде на трошоците за вакви цели.

На крај, Македонија мора да се справи со предизвикот и да воведе темелни реформи во областа на јавни финансии, со специјален фокус на реформите на даночниот систем. Реформите треба да се насочат кон: помала доходовна нееднаквост, поправеден даночен систем (сиромашните плаќаат помалку, а побогатите повеќе), зголемени даночни приходи од директни даноци и повеќе социјални услуги преку зголемување на даночните приходи.

„Сепак, важен фактор за зголемување на даночните приходи е и поголема даночна дисциплина во Македонија. За воведување на поголема даночна дисциплина во Македонија, потребен е поголем даночен морал, односно зголемување на свеста на луѓето за придобивките од плаќањето данок на државата. Ова е можно само со овозможување на висококвалитетни јавни услуги“, се вели во Анализата.

М.В