/Прочитано:

1.310

АНАЛИЗА: Квалитетот на вработувањата во технолошко-индуструските развојни зони

Колку Македонија доделува државната помош  на компаниите основани во ТИРЗ и што добива назад?

Законот за технолошки индустриски зони го регулира основањето и раководењето на зоните како и интензитетот на државна помош која може да ја добијат инвеститорите. Така согласно Законот, државната помош може да изнесува максимум 50 % од оправданите трошоци или од трошоците за плата за ново отворените работни места за период од две години. Во Македонија не може да се пресмета точната сума која компаниите ја добиваат во вид на државна помош. Транспарентноста на Владата во однос на доделените средства и достапноста до информации во однос на оваа област е многу ниска. Иако се работи за пари на граѓаните, државната помош во вид на материјални и нематеријални средства која ја добиваат инвеститорите е тајна за граѓаните на РМ, а понекогаш се подведува и како деловна тајна.

Она што е загрижувачки е не постоењето на желба кај Владата и неактивноста на Комисијата за заштита на конкуренција да го контролира преминувањето на прагот од 50% доделената државна помош од вкупниот износ на инвестицијата. Погодностите кои ги нуди Владата за привлекување на директни инвестиции се многубројни и потребно е нивно сумирање со цел да се пресмета точната вредност на вкупната помош.

Вакви неправилности се констатирани во Извештајот на Државниот завод за ревизија, кој евидентира нерегуларности во работата на Агенцијата за странски инвестиции и вели „Не се води евиденција за видот и висината на доделената државна помош по поединечни приматели- корисници на Технолошко индустриски зони, во кои треба да бидат вклучени не само исплатените парични средства на има грант обезбедени од буџетот на Агенцијата туку и податоците од УЈП и Царината. Не се преземени активности за обезбедување и проверка на работата и обврските од инвеститорот, од аспект на вредност на инвестицијата и бројот на вработени како основни услови за потврда на оправданоста на доделената помош“.

Поволностите кои се нудат во Македонија за привлекување на странски инвеститори се едни од најповолните во Европа и во регионот и вклучуваат:

  • 10 години даночни ослободувања – Инвеститорите во ТИРЗ се ослободени за период од 10 години од плаќање на данок на добивка и 100% се ослободени од персонален данок на доход за период од 10 години, така што ефективната стапка на персоналниот данок на доход изнесува 0%.
  • Земјиштето во ТИРЗ во Република Македонија се дава под долгорочен закуп за период до 99 години.
  • Инвеститорите се ослободени од плаќање на надомест за уредување на градежното земјиште кон единиците на локалната самоуправа, како и од надоместоци за добивање на градежни дозволи.
  • Бесплатен приклучок за гасовод, водоводна и канализациона мрежа.
  • Владата на Република Македонија учествува во трошоците за градба на корисниците во ТИРЗ во висина до 500.000 евра, во зависност од бројот на нови вработувања и висината на инвестицијата на корисникот.
  • Царински зелен канал за стоките.
                                                                                        >>>Скратена верзија 

Автори: Диана Близнаковска и Александар Колекески, Македонски центар за европско образование Објавено: 23.2.2015