/ Прочитано:

1.091

АНАЛИЗА НА СЛУЧАИ ОД СТРАТЕШКО ЗАСТАПУВАЊЕ: Заштита на човековите права на маргинализираните групи во Република Македонија

Македонското здружение на млади правници – МЗМП објави анализа на случаи од стратешкото застапување во рамките на проектот „Заштита на човековите права на маргинализирани групи во Република Македонија“.

akad 4

Анализата се фокусира врз четири вида дискриминација, и тоа: дискриминација врз основа на раса и етничка припадност на Роми, дискриминација на лица со ментална и телесна попреченост, дискриминација врз основа на пол во работни односи и дискриминација на лица од ЛГБТИ-заедницата, при што за секоја категорија засебно се анализираат контекстот, правната регулатива, правните средства и судската пракса.

„Во рамките на спроведувањето на проектните активности за заштита на правата на маргинализираните групи, преку повиците на отворената зелена линија, како и преку информираноста на јавноста за бесплатната правна помош во здружението, за заштита од дискриминација правна помош побараа 138 лица. Од тие лица, на 40 им беше обезбеден правен совет. Една од клучните активности на проектот беше стратешкото водење на постапки за заштита од дискриминација. Оваа активност подразбира идентификување на лицата кои се целни групи на овој проект и кои имаат основа да сметаат дека се жртви на дискриминација и да им овозможи правна заштита на жртвите, која се состои од правни совети и застапување пред надлежните судски органи. Како дел од овој проект беа поддржани и поведени седум постапки од области кои во специфика ќе бидат разработени во рамките на оваа анализа“, велат од Македонското здружение на млади правници.

Во Анализата се истакнува дека Ромите се една од најмаргинализираните и најдискриминираните групи во македонското општество. Тоа, велат младите правници,  го покажуваат бројните анализи и извештаи, како од домашни така и од надворешни институции и граѓански организации.

„Европскиот форум за Роми и патувачи, во Извештајот за 2015 година, наведе дека, и покрај помали подобрувања, сиромаштијата кај Ромите е сеприсутна и тие се исклучени од многу аспекти од економскиот и социјалниот живот во Република Македонија.  Во Извештајот се нагласува дека дискриминацијата на Ромите сѐ уште недоволно се пријавува и недоволно се истражува. Флагрантното кршење на човековите права на ромското население беше нотирано и од страна на Европскиот центар за ромски права (ЕРРЦ).Тие во своите извештаи го истакнуваат проблемот со говорот на омраза и начинот на кој државата се справува со насилството кое се врши врз ромското население во земјата“, се посочува во Анализата.

Во Република Македонија се поведени повеќе постапки против Министерството за внатрешни работи на РМ поради повреда на правото на еднаквост и правото на слобода на движење на граѓаните од ромска националност.

„Праксата на МВР на различен третман на Ромите на граничните премини е започната во 2011 година и сѐ уште е во тек. Недозволувањето на граѓаните од ромска националност да ја напуштат територијата на РМ, само затоа што се припадници на определена етничка заедница, претставува дискриминација, односно повреда на правото на еднаквост и повреда на правото на слобода на движење, а во определени случаи и повреда на честа и угледот. Овие права се уставногарантирани права и права определени со меѓународни акти кои претставуваат составен дел од правниот поредок на РМ“, се истакнува во Анализата.

Во однос на судската пракса, додаваат од Здружението, особено е значајно да се нагласи немањето унифициран начин на постапување и носење одлуки, кога станува збор за исти/слични ситуации и иста правна основа, дотолку повеќе што во моментот има повеќе правосилни пресуди со кои е утврдена дискриминација.

„Меѓутоа, основните судови во определени случаи не ги земаат предвид одлуките на повисоките судови ниту, пак, во образложението на пресудите се повикуваат на судската пракса која, иако секундарен, претставува извор на правото во РМ. И покрај позитивната пракса и напредокот во остварувањето на правата и заштитата од дискриминација врз основа на раса и етничка припадност, немањето унифицирана судска пракса во ваквите случаи создава правна несигурност“, се вели во Анализата на Здружението на младите правници.

Анализата во прилог

Проектот „Заштита на човековите права на маргинализирани групи во Република Македонија“ , овозможен со поддршка на Фондацијата „Отворено општество“ –Будимпешта, е насочен кон подигнување на свеста за штетните последици од дискриминацијата на маргинализираните групи, придонесување кон развој на судска пракса во областа на дискриминацијата пред домашните судови и Европскиот суд за човекови права и за поттикнување на поефикасна соработка на граѓанскиот сектор во промоција на антидискриминаторските политики.

„Овој проект започна со имплементација во октомври 2014 и траеше 14 месеци, а негова главна цел е да се придонесе кон развојот на општество без дискриминација, каде што секој човек добива еднаков третман и може да ги ужива уставногарантираните права“, посочуваат од Здружението на младите правници.

М.В