/ Прочитано:

1.733

АПЕЛАЦИОНЕН СУД ГОСТИВАР: По трет пат одложена расправата за полицаецот Трифуновски

Понеделиник, 4 ноември 2013 – Апелациониот суд во Гостивар по трет пат го одложи почетокот на жалбената постапка по пресудата за полицаецот Јаким Трифуновски. 

Јавната расправа по жалбата на пресудата за полицаецот Јаким Трифуновски во Апелациониот суд Во Гостивар вчера по трет пат беше одложена. Трифуновски не беше донесен во судница од затворот Идризово каде издржува доживотна казна за двојно убиство. Судскиот совет оцени дека неговото присуство е неопходно со оглед на тежината на делото и казната, па поради негово отсуство не ја одржа седницата.

„Ни судот, ни одбраната не знаеме зошто не се доведува Трифуновски од казнено-поправниот дом Идризово. И покрај тоа што денес лично јас предложив да се суди во негово отсуство, зошто имав таков предлог во жалбената постапка, судот не го прифати мојот предлог. Од единствена причина што согласно член 388 од Законот за кривична постапка цени дека неговото присуство е неопходно бидејќи се работи за тежок облик на кривично дело. Оценија дека истиот треба да биде повикан и се одложи расправата за друг пат, изјави Митко Солаков“, адвокат на Трифуновски. Како што рече адвокатот Солаков жалбата против пресудата е поднесена по сите основи предвидени со Законот за кривична постапка. Наредната јавна расправа ќе се одржи кон крајот на месецов. Откако судија известител ќе ги прочита пресудата и жалбата, петчлениот судски совет на Апелациониот суд  треба да се повлече и да донесе одлука дали предметот ќе се врати на повторно судење.

Во февруари годинава, Основниот суд во Гостивар го прогласи Трифуновски за виновен за убиство со умисла и предизвикување општа опасност и го осуди на доживотен затвор.

Пресудата беше изречена една година по настанот во кој по расправија за паркинг место, тогашниот припадник на граничната полиција, додека не бил на должност, со службениот пиштол застрела двајца гостиварци. Во одбраната тој тврдеше дека пукал за да ја заштити својата ќерка и да си го спаси животот.