/ Прочитано:

2.069

Апелација ги намали казните за дел од осудените во „Керозин“

Четврток, 23 април 2015 – Апелациониот суд Скопје генерално ја потврди пресуда за случајот „Керозин“, преиначувајќи ја во делот на кривичната санкција за дел од осудените, информираа од Основниот суд Скопје 1.  Потврдена е и конфискација на имотот од првообвинетите, семејството Пецови од Неготино, во вредност од околу три милиони евра.

лево: Ангел Пецов

Со првостепената пресуда за случајот „Керозин“ сите шеснаесеттемина обвинети беа прогласени за виновни и осудени на над 80 години затвор. Тие се неправосилно осудени под обвинение дека како злосторничка група преку неготинската фирма „Алма-комерц“ точеле помало количество нафта отколку предвиденото со договорите за јавни набавки и со тоа го оштетиле Буџетот на РМ за околу 3 милиони евра. Највисоки затворски казни им беа изречени на сопствениците на „Алма-комерц“ – семејството Пецови, и тоа: првообвинетиот Ангел Пецов доби казна затвор од 12 години, неговата сопруга Мариче Пецова е осудена на 11 години затвор, додека на нивниот син Љупчо Пецов му е изречена 9-годишна затворска казна. Тие се осудени за делата злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување, затајување данок и давање поткуп. 

Со пресудата на Апелација, на Ангел Пецов му е намалена затворската казна на 9 години, додека на Мариче Пецова – на 7 години.

Затворските казни се намалени и за шестмина други обвинети, меѓу кои сопствениците на фирмите кои ги помагале наводните финансиски малверзации на „Алма-комерц“, испорачувачите на нафтата – возачите на цистерните, но и вработени во оштетените институции – котлари, домари и сл.

За останатите осум обвинети, меѓу кои е и Љупчо Пецов, со второстепената одлука казната не е преиначена.

„Во останатиот дел од пресудата, во врска со конфискацијата на имотната корист прибавена со кривично дело (188.857.088,00 денари), одземените предмети (патнички возила и цистерни) употребени за извршување на кривичното дело и трошоците на кривичната постапка, со второстепената одлука се потврдуваат“, се вели во соопштението на Судот.

>> Повеќе за предметот информирајте се тука.

E. П.