/ Прочитано:

1.638

Арбитражите во регионот ќе бидат конкурентни во однос на судовите – само со меѓусебна соработка и форсирање на знаење

Пред какви предизвици се наоѓаат арбитражите во регионот во насока на унапредување на економскиот развој – беше централнa тема за која се дискутираше на денешната Конференција за арбитражата во ЦЕФТА регионот, организирана од Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, а со финансиска поддршка на Федералното министерство за економска соработка и развој на Германија.

Низ дебатата на Конференцијата која се одржа во Скопје, пред бројни правници, економисти, адвокати и членови на бизнис и академската заедница како општ прилог во популаризацијата на арбитражата се проанализираа историските специфики, корпусот на нормативни акти на регионалните арбитражи, интер-арбитражната комуникација и квалитетот на размената на искуства базирани на компаративни податоци за процедурата и решавањето на арбитражните предмети.

На неа, свои излагања имаа луѓето кои се раководни институционални арбитри во регионални рамки, а во кои се вбројуваат имињата на: Проф. д-р Арсен Јаневски, претседател на Постојниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, Мирјана Чукавац, секретар на Надворешно-трговската арбитража при Стопанската комора на Србија, Ахмет Касуми, претседател на Надворешно-трговската арбитража при Стопанската комора на Косово, Веско Божовиќ, претседател на Надворешно-трговска арбитража и Постојан избран суд при Стопанската комора на Црна гора.

Покрај нив, на Конференцијата свое учество зедоа и Проф. д-р Михајло Дика, претседател на Постојаниот арбитражен суд при Стопанската комора на Хрватска и Проф. д-р Алеш Галиќ, член на претседателството на Постојаниот арбитражен суд при Стопанската комора на Словенија.

Свој придонес дадоа и Каролин Бехтел, претставник од германскиот DIS, Проф. д-р Татјана Зоровска – Камиловска од Правниот Факултет „Јустинијан Први“ и член на Постојниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, Билјана Чакмакова, член на Претседателството на Постојниот избран суд – Арбитража при Стопанска комора на Македонија, Проф д-р Силви Чернев, Претседател на арбитражен суд при бугарската Комора за трговија и индустрија, Проф. д-р Тони Десковски од Правниот Факултет Јустинијан Први и потпретседател на Постојниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија и Д-р Горан Рафајловски, Потпретседател на Постојниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија.

Сите одлуки на Постојаниот избран суд – Арбитража во Република Македонија се досега извршени

Проф. д-р Арсен Јаневски, претседател на македонската арбитража, како домаќин на Конференцијата, искажа голема благодарност за вложените напори во конференциското обединување на регионалните арбитражи, притоа посочувајќи дека голема заслуга за тоа имаат и заложбите на Стопанската комора на Македонија.

„Тука сме да направиме преглед на состојбите, да ги посочиме трендовите, но и да одговориме на најбитното прашање – Кои се предизвиците пред нас“, рече професорот Јаневски, според кого самото присуство на видните претставници на регионалната арбитражна заедница само за себе говори, но и дава одговори за важноста на ова прашање како од правен, така и од економски аспект за регионалните држави.

На почетокот од своето излагање Јаневски се осврна на историскиот развој на македонската арбитража, наведувајќи дека Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија е единствената арбитражна институција во Република Македонија.

„Од 1993 година Постојаниот избран суд – Арбитража има надлежност да решава и спорови со меѓународен елемент. Во прво време функционирал како институција од затворен карактер, а денес како странки во арбитражната постапка можат да се јават сите физички и правни лица“, истакна тој.

Понатаму тој направи прецизен преглед на поведувањето на арбитражната постапка, која се покренува со тужба под услов странките да не се договориле, потоа на самата организациска структура, можноста за решавање на спорови со меѓународен елемент, нормативната структура и арбитражните правила, како и за самите карактеристики на арбитражата.

Според Јаневски, на арбитражата и е потребна популаризација, што всушност и ја посочи како една од мисиите на Конференцијата.

И покрај фактот на недоволната популаризација, Јаневски рече дека македонската арбитража бележи успеси.

Сите одлуки на Постојаниот избран суд – Арбитража во Република Македонија се досега извршени. Лани имавме 5-6 предмети, а успеавме да завршиме и трговски спор кој „тежеше“ 9 милиони евра  и тоа за неполна година дена. Ваквата ефикасност во решавањето на предметите на странките им овозможува заштеда на време, со оглед  што ваков спор кај редовните судови би траел сигурно 5 до 6 години и што е уште позначајно – трошоците за целата постапка се значително пониски“, го аргументираше успехот на македонската арбитражата професорот, некриејќи го задоволството од таквата пракса на македонската арбитража.

Арбитражата гарантира повеќе автономија на страните – српските искуства позитивни

Д-р Мирјана Чукавац истакна дека арбитражата во Србија исто така бележи успеси, на што се должи и долгогодишната историско – арбитражна пракса. Како неопходни параметри за тоа, таа ги посочи интерните правила, билатералните и меѓународни договори според кои се раководи српската арбитража, притоа укажувајќи дека во таа смисла неопходно е постојано да се укажува на предноста на арбитражата, како поефективен и попристапен модел за странките.

„Арбитражата гарантира повеќе автономија на страните и секако, повеќе автономија во предметите од меѓународен карактер што се изразува преку изборот на апликативното право и процедуралните правила“, подвлече Чукавац.

Според неа, српските арбитражни искуства се позитивни, а тоа е резултат и на самиот квалитет на персоналната структура на српската институционална арбитража,  самата арбитражна легислатива, но и традиционалниот аспект на нејзиното практикување во земјата.

Компаниите се заинтересирани за небирократски и брзи модели за решавање на спорови – потенцираат од косовската Арбитража

За престедателот на косовската Арбитража, Ахмет Касуми, неспорно е дека регионалното поврзување на арбитражите придонесува за унапредување на економскиот развој. Во неговиот омилен град, како што Касуми го нарече Скопје, многу е корисно што се организира Конференција од ваков вид и тоа е голема предност за иднината на регионот.

Како и своите претходници – излагачи, Касуми интегрално се осврна на преглед на косовската арбитража, од нејзината нормативна констелација до правните импликации и практики кои ги има и спроведува во земјата и регионот.

„Арбитражата е ефективен алтернативен метод за решавање на спорови, а во денешно време компаниите се заинтересирани за небирократски, брзи и ексепдитивни методи и модели за решавање на тие спорови“, ги оцени Касуми предностите на современата арбитража, додавајќи дека транспарентноста е една од поважните карактеристики, која впрочем е и доста атрактивна и примарно интересна за компаниите.

„Тоа директно влијае и на приливот на странските директни инвестиции. Ниту една посериозна компанија од странство нема да дојде да инвестира, доколку утврди дека не функционира арбитражата. Едноставно, тие сакаат да имаат дискретност во решавањето на споровите“, рече Касуми.

Црногорската Арбитража со посебни мерки за популаризација

Веско Божовиќ, претседател на црногорската Арбитража, во своето излагање посебно место отстапи на пазарот и трендовите на меѓународната арбитража, укажувајќи на споровите кои се наоѓаат пред црногорската арбитража, а кои се однесуваат на спорови иницирани од бизнис релациите на домашни и меѓународни компании.

Како што истакна Божовиќ. дури 90 проценти од споровите во кои се користеле нејзините услуги биле со странски елемент.

Тој го откри и планот на дејствување на црногорската Арбитража во иднина, а кој се однесува на поголемо нејзино профилирање во општеството.

„Црногорската арбитража ќе дејствува со подготвување на посебни нацрт закони кои се однесуваат на арбитражата, создавање на регионални едукациони проекти и посебни мерки за популаризација на арбитражата“, ги наведе Божовиќ акциите кои и претстојат на црногорската Арбитража.

Храбри чекори презема хрватската Арбитража

Претседателот на хрватската Арбитража, професорот д-р Михајло Дика од Хрватска, кој е и почесен доктор на науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“, искажа серија на мерки кои ќе ги преземе хрватската Арбитража, а кои во споредба со арбитражите на другите земји од регионот се разликуваат по своите легилсативни атрибути и функции. Па така, тој напомена дека постои мнение дека хрватската арбитражата веќе треба да ги опфати и имотно-правните спорови и некои концесиско-ескпропријациони правни прашања.

„Размислуваме за воведување на лиценцирани арбитражи за одделни прашања што ќе ја дисперзира областа на арбитрирањето“, посочи Дика, додавајќи дека новитетите не треба да се отфрлаат и дека е свесен дека адвокатите гледаат скептично на ваквите најави.

„Во просек, имаме од 30 до 110 спорови годишно, а просечната цена на споровите изнесувала од 40 до 130 милиони евра. Само за илустрација, во хрватските судови седат заглавени трговски спорови во вредност од 10 милијарди евра заради спорото одлучување“, нагласи тој, укажувајќи дека мора да се има самодоверба и поширок поглед на нештата.

Словенија воведува „Нови арбитражни правила“отвореност, флексибилност и брза постапка

Неговиот колега од Словенија, Алеш Галиќ рече дека во Словенија активностите околу профилирањето на арбитражата се засилуваат, што најдобро се согледува од воведувањето на новите арбитражни правила, кои беа клучни точки на неговото излагање.

„Новите арбитражни правила ќе се фокусираат на анализирање на компаративните решенија, флексибилност и отвореност на постапките, да не се препишуваат и внесуваат законски норми во арбитражните договори, да се избегнува фаворитизмот, унификација на нормативниот пункт, нагласување на моќта на арбитражата и воведување на multi party arbitration согласно меѓународните трендови“, ги соопшти Галиќ новите арбитражни правила кои се примарни за словенечката арбитража, во тој контекст, потенцирајќи ја и арбитражата за нужни случаи и брза постапка како нова арбитражна „иновација“ согласно „Новите Љубљански арбитражни правила“.

Улогата на арбитерот може да се замисли како гледање на спортски натпревар во кој учествуваат две страни – но до кој степен?

Свој придонес во дебатата внесе и научната анализа на проф. д-р Татјана Зоровска – Камиловска од Правниот Факултет „Јустинијан Први“ и член на Постојниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, која во својата анализа се осврна на привремените мерки во арбитражната постапка, додека пак Билјана Чакмакова, член на Претседателството на Постојниот избран суд – Арбитража при Стопанска комора на Македонија, приопшти анализа на прашањето за независноста и непристрасноста на арбитрите.

„Арбитражната постапка е квази-судски процес, па оттука, фундаментални принципи за успешно постапување се непристрасноста и независноста на арбитрите. Арбитрите за разлика од судиите, со оглед на својата примарна професија и практика од каде го црпат својот кредибилитет, се најчесто директно вклучени на пазарот (на услуги), па тоа некогаш може да резултира и со особена заинтересираност на арбитерот за исходот на постапките што ги води“, анализира Чакмакова.

Затоа, според неа, битно е да се одреди улогата на самиот арбитер, и да се утврди дали и до кој степен неговата улога може да се замисли како гледање на спортски натпревар во кој учествуваат две страни (странките од спорот), во својство на непристрасен набљудувач чија функција е веднаш по завршување на мечот да го прогласи победникот.

Електронската технологија во администрирањето – адут и гордост на бугарската Арбитража

Примената на електронската технологија во администрирањето на случаите пред арбитражниот суд при Бугарската комора за трговија и индутрија беша предмет на дискусија на Проф. д-р Силви Чернев, претседател на Арбитражниот суд при бугарската Комора за трговија и индустрија.

„Воведувањето на електронската текнологија, комуникација и методологија се битен фактор за профилирањето на бугарската арбитража во современа и експедитивна институција, што не е ценета само дома туку и во земјите од опкружувањето и пошироко“, рече Чернев, според кого технолошките аспекти на арбитражите се иманентни во нивната популаризација, а создавањето на посебната програма за администрирање на арбитражата го издвои како најважен дел од тие аспекти.

Арбитражата – значаен столб на сигурност за сите инвеститори во Македонија

Свои анализи и прилози даде Проф. д-р Тони Десковски од Правниот Факултет „Јустинијан Први“ и потпретседател на Постојниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, кој низ компаративна и методолошко-нормативна експликација ја образложи формата на арбитражната спогодба во контекст на измените на UNCITRAL Модел – законот за меѓународна трговска арбитража од 2006 година.

За Д-р Горан Рафајловски Потпретседател на Постојниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, меѓународните компании не познавајќи го правосудниот систем на една држава многу често во своите договори ја споменуваат арбитражата.

„Сосема вообичаен елемент е таа да биде предвидена со самиот договор и да се користи арбитража на трета земја за да двете страни не се чувствуваат привилегирано при изборот на арбитражниот суд. Но, од друга страна пак секогаш домашната арбитража, поточно арбитражата во земјата каде што се инвестира или каде што е направен деловниот потфат е наједноставна за двете страни“, анализира тој. Според него,  арбитражата не може да биде двигател на економската соработка помеѓу земјите, но може да биде значаен столб на сигурност за сите инвеститори во нашата земја.

„Овде не ги делам ниту странските ниту домашните, пред се поради фактот што сметам дека при постојаниот избран суд – арбитража настапувањето на правните лица во случај на спор има подеднаква важност или тежина дали се истите со или без меѓународен елемент“, е мислењето на Д-р Рафајловски.


Автор: Милчо Велјаноски

Објавено на 18.02.2014