/ Прочитано:

14.347

Армија на Република Македонија – историја, структура и чинови, одбранбена доктрина и законодавно-правни аспекти

Одбраната на Република Македонија се организира како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката. Одбраната на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како Армија на Република Македонија.

Уставноправна положба и законски прописи

Одбраната на Републиката се остварува во согласност со Уставот на Република Македонија, законите, Стратегијата за одбрана на Републиката, други документи и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија.

Во член 122 од Уставот на Република Македонија се вели дека вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката и дека одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

„Никој нема право да признае окупација на Република Македонија или на нејзин дел“, се утврдува во член 123 од Уставот, во кој е определно дека воена состојба настапува кога претстои непосредна воена опасност од напад врз Републиката или кога Републиката е нападната или ѝ е објавена војна.

„Армијата е вооружена сила на сите граѓани на Републиката. Армијата има постојан и резервен состав. Армијата се оганизира, подготвува и оспособува за водење вооружена борба и борбени и други дејствија за остварување на својата уставна функција за одбрана на Републиката“, е утврдено во член 22 и 23 од Законот за одбраната.

Оперативните и стручните работи за организирање, подготвување и командување со Армијата ги врши Генералштабот на Армијата, како највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана за прашањата кои се однесуваат на Армијата.

Претседателот на Републиката е врховен командант на Армијата.

Со единиците на Армијата непосредно командуваат началникот на Генералштабот на Армијата и командантите на воените единици и установи, во согласност со прописите за командување донесени од претседателот на Републиката.

Командувањето во Армијата се заснова врз принципите на едностарешинство, субординација и единство во командувањето при употреба на силите и средствата.

Наредбите на претпоставениот старешина во Армијата не се извршуваат ако нивното извршување претставува кривично дело, предвидуваат законските одбранбени регулативи.

Законот за одбрана, Собранието на Република Македонија го изгласа во 1992 година, а во 1993 Владата на Република Македонија донесе одлука со која 18 август, денот на формирањето на баталјонот “Мирче Ацев” во 1943 година, го прогласи за Ден на Армијата на Република Македонија.

Со наредба на Штабот на II оперативна зона на 18 август 1943, на Славеј Планина формиран е Првиот баталјон „Мирче Ацев”, првата регуларна воена единица. Баталјонот „Мирче Ацев”, првиот баталјон на Народноослободителната војска на Македонија; го сочинувале борци од одредите „Даме Груев”, „Димитар Влахов” и други од подрачјето на Западна Македонија. Со овој акт започна процесот на создавање македонска војска.

Штабот на батаљонот бил составен од следните органи: командант; политички комесар; заменик командант; заменик на политичкиот комесар; аѓутант. Батаљонот бил составен од две до три пешадиски чети; едно бомбашко одделение; митралеска чета, вод за врски, пионерски вод и санитетска чета.

Националната одбранбена политика и доктрина

Армијата на Република Македонија својата мисија и функција ја заснова на Националната одбранбена политика и доктрина, кои се одредени и се базираат врз основните цели на безбедносната политика на Република Македонија:

• да ги заштитува животот и личната сигурност на граѓаните; • да ја гарантира независноста и територијалниот интегритет на државата, политичките слободи, граѓанските и човековите права, вклучувајќи ги и правата на религиозните, етничките и другите малцинства; • да ја гарантира материјалната благосостојба и просперитетот на граѓаните.

За постигнување на овие цели, нашата безбедносна политика, се придржува кон следните стратешки определби:

• политичка и економска интеграција во ЕУ; • политичка, односно воена интеграција во системите за колективна безбедност и одбрана – ОН, НАТО, ОБСЕ, ЗЕУ; • развивање на повеќепартиски систем и демократски институции; • развивање на пазарна економија; • одржување еднакви добрососедски односи со сите наши соседи; • организирање на сопствен одбранбен систем;

Поаѓајќи од определбите и целите на безбедносната политика, одбранбената политика на Република Македонија се базира врз следниве принципи:

• организирање на одбраната како систем кој овозможува реализирање на правото и обврската на секој граѓанин да ја брани земјата, гарантирано со Уставот; • организирање на одбраната за извршување на нашето право на индивидуална и колективна самоодбрана преку вооружена борба во случај на вооружен напад, гарантирано со членот 51 од Повелбата на ОН; • обезбедување на одбранбениот карактер на одбранбениот систем; • организирање на вооружените сили како одвраќач на агресија и други надворешни закани врз безбедноста на земјата, способни за вооружен отпор во случај на агресија; • организирање на одбраната за целосна заштита на суверенитетот на нашиот воздушен простор и за превенција од негова употреба за агресија врз трети земји; • еднообразност во употребата на вооружените сили.

Политичката одбранбена стратегија на Република Македонија е заснована врз:

• одвраќање од агресија; • одбрана на земјата во случај на агресија; • еднообразност и усогласеност во меѓународната соработка на полето на одбраната.

Република Македонија одржува одбранбен потенцијал и борбена подготвеност на нејзините вооружени сили, што дејствува како одвраќач од потенцијална агресија.

Структура на АРМ: Генералштаб, Здружена оперативна команда, Команда за обука и доктрини, Полк за специјални операции, Центар за електронско извидување, Баталјон за почести.

Во согласност со член 123 од Уставот на Република Македонија, никој во државата нема право да признае окупација. Затоа, одбранбениот систем на Република Македонија, во основа, поаѓа од определбата за отпор, со употреба на вооружена сила против секоја евентуална агресија и за водење одбранбена војна за целата територија. За оваа цел, одбранбениот систем има задача да обезбедува услови за функционирање на сите државни органи и институции и вклученост во колективните системи на одбрана и безбедност како заштита на независноста и сувереноста на земјата.

Република Македонија може да ги постигне сите гаранции за нејзината безбедност преку колективните системи за безбедност и одбрана. Затоа, таа го подржува зајакнувањето на овие колективни системи и се определува за активно учество во истите и за соработка во создавањето на новата европска безбедносна архитектура заснована врз НАТО, ОБСЕ и ЗЕУ. За извршување на овие принципи и исполнување на овие стратешки цели, одбранбениот систем на Република Македонија е заокружен со мирновремената и воената организација, со суштински цели за развојот, подготовките и употребата на вооружените сили, како и со целосната цивилна контрола и управување со нив. Оттука, одбранбениот систем го заокружува целиот одбранбен потенцијал на земјата: граѓаните, државните власти, вооружените сили, силите на цивилната заштита, телата на локалната самоуправа, јавните институции и услуги и претпријатијата од посебно значење за одбраната. Подготовките за успешна одбрана се остваруваат во мирновремени услови. Тие опфаќаат подготовки на државните власти; подготовки и обука на вооружените сили и распоредување на територијата на Република Македонија; подготовки на јавните институции и на локалната самоуправа; подготовки на цивилното население; и учество на заедничките вежби и други форми на соработка со земјите членки на Партнерството за мир и Алијансата.

Национално командно уредување

Управното уредување и процедурите во областа на одбраната во Република Македонија се дефинирани со Уставот, Законот за одбрана и со задачите на законодавната и извршната власт. Командувањето во вооружените сили е засновано врз единството во командувањето при употребата на силите и средствата, едностарешинството и обврската за извршување на одлуките и наредбите на претпоставениот.

Претседателот на Република Македонија е Врховен командант на вооружените сили

Претседателот ги донесува одбранбениот план и стратегија, одлуките за спроведување на готовноста, ја одобрува организациско-формациската структура на армијата, донесува документи за развој, одлуки за нејзина мобилизација и друго. Претседателот исто така претседава и со Советот за безбедност на Република Македонија. Советот за безбедност ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Република Македонија и дава предлози на Собранието и на Владата.

Собранието на Република Македонија ги надгледува компетенциите на Владата сврзани со одбраната, донесува одлуки за постоење на непосредна закана од војна, прогласува настанување на воена состојба и мир и го донесува воениот буџет.

Слични одговорности има и собраниската комисија за одбрана и безбедност.

Владата на Република Македонија ги има надлежностите во врска со донесувањето на предлогот на одбранбениот план, предлогот на буџетот за одбрана и друго.

Министерството за одбрана ја подготвува одбранбената стратегија, ја изработува проценката на можните ризици и закани, одговорно е за одбранбениот систем, обуката и готовноста на вооружените сили, опременоста и развојот, го предлага буџетот за одбрана и друго.

Историја на АРМ по самостојноста на Република Македонија

1992

14 февруари – Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за одбрана на Република Македонија (Службен весник на РМ, број 8 од 15 февруари 1992 година).

21 февруари – Во Скопје е склучен договор меѓу претседателот на РМ Киро Глигоров и заменикот на сојузниот секретар за народна одбрана на СФРЈ Благоја Аџиќ за дислокација на ЈНА од територијата на Република Македонија.

11 март – Постариот водник Сонко Ангеловски, за прв пат на македонски јазик, ја прими должноста командир на караулата “Рамна нива” на македонско-бугарската граница во близина на Крива Паланка. Истиот ден се преземени и караулите “Рамна нива” и “Коприва”.

17 март – При пречекот на делегацијата на Република Словенија на чело со претседателот Кучан, за прв пат при пречек на висок гостин беше интонирана македонската државна химна “Денес над Македонија се раѓа”, првпат беше построена Почесната единица на АРМ со македонско државно знаме и за првпат командантот на почесната единица, полковникот Стефан Лазаревски, на македонски јазик му рапортираше на еден претседател кој допатувал во официјална посета на Република Македонија.

20 март – Заврши примопредавањето на граничните објекти – караули на Република Македонија со соседните држави: Бугарија, Албанија и Грција.

26 март – Во Скопје е преземен последниот и најголем воен објект на Македонија касарната “Маршал Тито”, денес “Илинден”.

27 март – Република Македонија ја презеде контролата над сета своја територија со своја војска. За ова е потпишан договор во Скопје меѓу претседателот на РМ Киро Глигоров и генералот на ЈНА Никола Узелац. Со тој чин, всушност, од Република Македонија замина и последниот војник на ЈНА.

14 април – Во гарнизонот во Охрид пристигна првиот регрут, припадник на Армијата на Република Македонија. Тоа беше велешанецот Панче Јамандиев, роден во 1970 година.

15 април – Во касарните во Скопје, во Штип и во Битола пристигнаа првите регрути од регуларниот состав на Армијата на Република Македонија.

17 април – Во Скопје, тогашниот претседател на Република Македонија Киро Глигоров ја откри новата натпис-плоча на Домот на Армијата, на кој пишува: “Република Македонија, Дом на Армијата – Скопје”. Со тоа на симболичен начин беше одбележано доаѓањето на првите регрути на Армијата на Република Македонија и на нејзиното воено осамостојување.

9 мај – Во касарната “Маршал Тито”, денес “Илинден”, првата класа регрути од регрутниот состав на Армијата на Република Македонија ја даде својата свечена обврска. Следните денови македонските регрути свечена обврска дадоа и во другите касарни на Републиката.

19 мај – На граничниот премин Меџитлија, кај Битола, на границата со соседна Грција, е извршено менување на дотогашните државни ознаки со македонски, а следниот ден и на граничните премини Богородица и Дојран.

28 мај – Собранието на Република Македонија го донесе законот за преминување на државната граница и преминување на државниот појас. (Сл.весник на РМ бр.36/8 од 8 јуни 1992 година).

24 јули – Во Скопје, во издание на Министерството за одбрана на Република Македонија, е промовиран првиот број на списанието “Одбрана”.

27 јули – Во Скопје, во чест на започнувањето на курсот за дообука, во касарната “Кузман Јосифовски – Питу” е одбележан почетокот на високото воено школство во Република Македонија.

1993

3 јуни – Владата на Република Македонија донесе одлука со која 18 август, денот на формирањето на баталјонот “Мирче Ацев” во 1943 година, го прогласи за Ден на Армијата на Република Македонија. 18 август – За прв пат е прославен Денот на Армијата на Република Македонија.

1994

14 јуни – Војската на СР Југославија влезе 250 метри на територијата на Република Македонија кај месноста Чупино Брдо, кај Крива Паланка. Се повлече на 2 јули 1994 година.

1995

7 јуни – Собранието на Република Македонија го донесе Законот за Воена академија на РМ (Сл. весник на РМ бр. 30 од 14 јуни 1995) 17 август – Во Скопје, во составот на весникот “Вечер”, излезе првиот број на “Армиски збор”, весник на Армијата на Република Македонија.

15 ноември – Република Македонија стана 27-та членка на мировната иницијатива на НАТО “Партнерството за мир”.

1996

1 февруари – Советот за безбедност на ООН го прифати предлогот на ООН од овој датум силите за превентивно распоредување на ОН – УНПРЕДЕП да станат целосно независна операција во Р. Македонија.

14 јуни – Во Брисел, во седиштето на НАТО, отворена е македонска канцеларија за врски.

14 јули – Единица на АРМ замина за Албанија, каде што учествуваше на мултинационалните воени маневри „Мировен орел ’96“. Тоа е прва вежба од таков вид на единица на АРМ.

1997

24 март – Во Скопје започна Главната конференција на првата мултинационална вежба што се одржа во Република Македонија од 11 до 17 мај 1997 година – “Спасител ’97″.

12 – 16 мај – На воениот полигон Пепелиште, кај Неготино, е одржана мултинационалната воена вежба “Спасител ’97″, прва од ваков вид организирана на територијата на Република Македонија. 22 – 31 август – Во Пепелиште се одржа билатералната “Медицинска вежба ’97-2″.

1998

15 јуни – Во Република Македонија беше изведена воздушна вежба на НАТО “Решителен сокол”, со учество на 79 авиони. На вежбата учествуваа и припадници на единицата за специјални намени “волци”.

11 – 18 септември – На полигонот “Криволак” се одржа мултинационалната вежба “Најдобар кооперативен зафат ’98″ со учество на 26 земји, од што 13 земји членки на НАТО и исто толку на ПзМ.

2 декември – Владата на РМ донесе одлука за доаѓање на НАТО силите во Република Македонија во функција за извлекување на верификационата мисија на НАТО во Косово.

1999

2 март – Во Скопје, во касарната “Гоце Делчев” се промовирани 64 водници на Армијата на Република Македонија, прва класа подофицери произведени во Центарот за воено образование и обука, денес Воена академија на РМ.

29 јули – Во Скопје, во ворната академија, е промовирано произведување во офицерски чин потпоручник на питомците од првата генерација школувана во Воената академија “Генерал Михаило Апостолски”.

2000

14 март – Претседателот на РМ Борис Трајковски донесе уредба за видот на униформите на припадниците на АРМ.

19 јануари – Во Скопје во Воената болница, под раководство на кардиохирургот д-р Жан Митрев, е отворен првиот Центар за кардиохирургија во РМ.

16 јуни – Основана е Првата гранична бригада на Армијата на Република Македонија. 21 април – Во Скопје, во издание на Министерството за одбрана на Република Македонија, е промовиран првиот број на списанието “Современа македонска одбрана”.

16 октомври – Врховниот командант на вооружените сили и претседател на РМ Борис Трајковски и го предаде военото знаме на Првата пешадиска бригада од силите за брзи реакции од првиот корпус на АРМ. Со тоа е промовирана почетната оперативна готовност на Бригадата.

19 декември – Во Скопје, во Воената академија на РМ, беа промовирани првите подофицери за основни командирски должности за пешадискиот род на Армијата на Република Македонија, школувани според стандардите на НАТО.

Во состав на ГШ на АРМ формиран е Центар за контрола на вооружувањето. Истиот е потчинет на Заменикот на Началникот на ГШ на АРМ

2001

23 февруари – Во Скопје е потпишан договорот за утврдување на границата меѓу Македонија и СРЈ.

13 мај – Формирана Владата на политичко единство со цел да зајакне безбедноста на државата и да дојде до нејзино стабилизирање. 30 мај – Собранието на РМ го донесе Законот за одбрана (Сл. весник на РМ бр. 42 од 1 јуни 2001 година). Првиот Закон за одбрана по осамостојувањето на РМ е донесен на 14 февруари 1992 година.

23 јуни – Двата борбени авиони “сухој” 25 на македонската воена ескадрила, управувани од пилоти на АРМ, ги извршија првите извидувачки дејства над македонското небо.

13 август – Претседателот на РМ Борис Трајковски, и лидерите на ВМРО – ДПМНЕ – Љубчо Георгиевски, на СДСМ – Бранко Црвенковски, на ДПА – Арбен Џафери и на ПДП – Имер Имери, го потпишаа Рамковниот договор за разрешување на политичката и безбедносната криза во земјата. Согласно со Договорот, следеше мисијата “Жетва”, а потоа и мисијата на “Килибарните лисици” во нашата земја.

Со трансформација на Армијата на 19 март 2001 во касарната Гоце Делчев во Скопје беше формирана Командата за обука на Армијата на Република Македонија со три центри за обука: Центар за пешадиска обука (Битола), Центар за граничари (Велес) и Центар за родови и служби (Скопје). Центар за контрола на вооружувањето се вклучи во новата формација на ГШ на АРМ. 2002

29 април – Одбележана 50-годишнината од Организацијата на воените старешини на РМ. За своето полувековно организирано и активно постоење Сојузот на воените старешини на РМ цврсто се втемели во нашето постоење како државна заедница. Активностите и задачите на планот на едукација и на обучување на резервните воени старешини ОВРСМ го остварува во непосредна соработка со МО и со ГШ на АРМ и според НАТО стандарди. Јануари – август – Имплементација на Рамковниот договор. Враќање на мирот, но политиката и безбедносната состојба и натаму не е стабилна и е оптоварена со нерешени прашања. Распишување парламентарни избори …

Првиот придонес на Република Македонија надвор од нејзините граници започна во 2002 година во рамките на НАТО-предводената мисија ИСАФ во Авганистан.

2003 АРМ продолжи со својата учеството во мисијата ИСАФ во Авганистан.

Во јуни АРМ започна со учество во мисијата во Ирак – “Слобода за Ирак”.

Во мај 2003 година владата на Република Македонија направи Стратегиски одбранбен преглед, што доведе до усвојувањето на нова државна стратегија за безбедност (Национална концепција за безбедност и одбрана), како и Политичка рамка истата година. Оваа правна рамка имаше за цел да ја реформира територијалната одбрана на војската во однос на употребливост и одржливост.

Во декември 2003 година, Командата за Специјални Единци прерасна во Команда на Одред за Специјални Намени, Одредот за Специјални Дејства се трансформира во Баталјон за Специјални Намени, се формира Ренџерски Баталјон (од Извидувачки Баталјон и падобранската единица од Петровец), а бВП излезе од составот на КСЕ и ИБ и остана да постои како таква единица.

Македонското Собрание ја усвои Националната концепција за безбедност и одбрана, важен стратешки документ за безбедносниот сектор со кој се дефинираат заканите, стратешките интереси и вредностите на македонската безбедност.

По повод Денот на АРМ – 18-ти Август од страна на 1.пбр беше реализирана вежбата „Здружено копнена – воздушна операција за поддршка на мирот“. Со вежбата раководеше командантот на КоВ.

Во текот на оваа година се одвиваше трансформација на командата на 1.Корпус во команда на КоВ. Како дел на трансформацијата извршено е гасење и расформираење на 25.лпбр, 41 лпбр, 1.мап и 1.мпоап, како и извршена е трансформација на центарот за обука на граничари и формирање на 8.пбр

Логистичкиот наставен центар од 01.04.2013 година започна да функционира по новата поставеност.

2004 АРМ учествува во мисиите „Слобода за Ирак“ во Ирак и ИСАФ во Авганистан.

Започна процесот на професионализација на АРМ.

Врховниот командант на ВС и Претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, загина во авионска несреќа во Босна на 27.  февруари. Претседателот беше погребан со највисоки воените почести.

На 12 март се изврши примопредавање на должноста Началник на генералштаб на АРМ. Должноста НГШ на АРМ ја прими генерал – мајор Ѓорѓи Бојаџиев од генерал Методи Стамболиски.

Во 2004 година АРМ постепено започна со предавање на граничното обезбедување на МВР: – На 07.05.2004 година извршено е примо-предавање на јужната граница помеѓу 2.грб и гранична полиција. – На 01.09.2004 година извршено е примо-предавање на источната граница помеѓу 2.грб и гранична полиција.

Оваа година се изведе вежбата Чебрен. Вежбата се изведе заедно со припадниците на МВР.

Актерот Миле Грозданов изврши посета на 18 издвоени објекти – караули каде ја изведе мелодрамата „Хронологија од група автори“.

Организирана и изведена е билатералната вежба „Заеднички коридор 2004“. Вежбата е изведена од страна на командата и единиците на КОВ.

Отпочнат е процес за модернизација  на воздухопловни со уреди за ноќно летање.

За прв пат во историјата на АРМ е организирано и изведено гаѓање на цели во воздух (падобранци) со ПАТ 20/3 мм.

Оваа година се изврши укинување на ЦОРСЕ – Скопје, дел од единиците се предислоцирани во ЦОБР и РБП – Битола и ЛНЦ – Скопје, дел од единиците се предислоцирани во гарнизонот Велес.

Касарната „Ѓорче Петров“ во Скопје е предадена на МВР.

Преку ФМФ фондовите на САД целосно беа опремени неколку центри за изучување на странски јазици. Проектот го потпомогна изучувањето, пред се на англискиот јазик  на персоналот од АРМ.

2005 Министерството за одбрана ја основа Единицата за подготовка за враќање во цивилниот живот која имаше за цел да ги подготви припадниците на Армијата за враќање во цивилниот живот по завршувањето на нивната кариера во Армијата. Припадниците на Армијата повторно поминаа низ обука за да се здобијат со вештини кои се сметаа за корисни за транзицијата во цивилниот живот.

Во 2005 година АРМ целосно го предаде граничното обезбедување на МВР. – На 01.05.2005 година извршено е примо-предавање на северната граница. – На 01.09.2005 година извршено е примо-предавање на западната граница.

АРМ учествува во мисиите „Слобода за Ирак“ во Ирак и ИСАФ во Авганистан.

Во период од 22.02 до 23.02.2005 година се одржа комбинираната вежба „НАСЕТ 05“ – елемент за обука на персоналот помеѓу ГШ на АРМ и НАТО Штабот во Скопје. Со оваа вежба дел од персоналот од ГШ на АРМ се извежба и обучи за брза реакција во случај на вонредни настани и одговор на барањата од страна на НШС. Република Македонија е примена за членка на Меѓународниот совет за воени спортови.

Организација и учество во НАТО/ПзМ командно-штабната вежба „Кооперативно здружување 05“ која се одржа на Воената академија во Скопје. Оваа година со трансформација на армијата се формира ЦЕИ, четата за АБХО, се трансформираа ККоВ во ЗОК, КЛ во КЛП, инж полк во инженериски баталјон, вВИНГ и ГШ на АРМ, гардиски баталјон во бПО, 1.пбр во 1.мпбр, бВНЈ во АСОК и бОбЛогПоддршка. Оваа година за прв пат од Воената Болница беше упатен медицински тим во заедничкиот А-3 медицински тим во ИСАФ мисијата во Кабул, Авганистан.

На 06 јули пред Генералштабот на АРМ се одви свеченост по повод примопредавањето на должноста Началник на генералштаб на АРМ. Должноста НГШ на АРМ ја прими генерал – мајор Мирослав Стојановски од генерал – мајор Ѓорѓи Бојаџиев.

2006 Во годините 2006-2007 година војската беше целосно професионализирана.

Во мај, Собранието ја одобри забраната за задолжителна регрутација. АРМ согласно нејзината определба се движеше кон целосна професионализација. Ова се изврши преку организација на курсеви и школувања на Воената академија, што претставуваше еден од условите за членство во НАТО.

АРМ учествува во мисиите „Слобода за Ирак“ во Ирак и ИСАФ во Авганистан.

На 24 март во касарната Чеде Филиповски Даме се одржа свеченост по повод промоцијата на Втората механизирана пешадиска бригада. Истата се одвиваше во присуство на претседателот на државата Бранко Црвенковски.

На 5 и 6 април се реализира заедничката вежба „НАСЕТ 06“ помеѓу ГШ и НАТО штабот во Скопје.

На 12 април се промовираа баталјонот за врски, логб, 1.логб, 2.логб и 3. логб од составот на КЛП, а во текот на истиот месец беа промовирани и оклопниот баталјон  и самоодниот хаубички баталјон од составот на ЗОК.

Од 10 до 23 септември беше реализирана воена вежба „Надоаѓање на современата армија“ во Центарот за обука во Пепелиште во која учество зедоа единици на Воената полиција на АРМ и Националната гарда од Вермонт, САД.

Во септември оваа година се промовира баталјонот на Воена Полиција.

ОД 2 до 8 октомври се одржа заедничка вежба на специјалните единици на армиите на Македонија и Р. Бугарија „Балкански волк“.

На 28 октомври беше изведена една од најголемите тактички вежби под името „Засилена механизирана чета во напад“. Вежбата ја изведоа Леопардите од 2мпбр.

Во рамките на иницијативата на Мултинационалните мировни сили на ЈИЕ за првпат  од неговото формирање штабот на СЕЕБРИГ  беше упатен во мировна мисија. Република Македонија партиципираше со 10 припадници од АРМ, а мисијата се  одвиваше во период од февруари до август 2006 година како дел од контингентот ИСАФ во Авганистан.

На 23.11.2006 година се изврши промоција на пСО.

Оваа година се изврши дислокација на схаб од гарнизонот Прилеп во Гарнизонот во Велес.

На 14.07.2006 година во мисијата АЛТЕА во БиХ, со еден контингент во операцијата „Букефал“ за прв пат во историјата на АРМ учество зеде и военото воздухопловство на АРМ (под капата на ЗОК). Задачите на оваа операција беа транспорт на трупи и ВИП персонал, набљудување на воздушниот простор, посебно пограничните региони и пружање на помош на цивилни структури при елементарни и други непогоди.

На 20. Ноември замина првата ротација на Медицинскиот тим (9 лица) во рамките на мисијата АЛТЕА во БиХ.

Оваа година се изврши укинување на ЦОБР и РБП – потчинети единици на КзО.

2007 година АРМ учествува во мисиите „Слобода за Ирак“ во Ирак, ИСАФ во Авганистан, и мисијата АЛТЕА во БиХ.

Од 16.05. оваа година еден штабен офицер од АРМ зеде учество во мисијата УНИФИЛ во Либан.

На 31.05 Командата на СЕЕБРИГ беше преместена од Костанца, Република Романија во Истанбул, Република Турција.

Во склоп на ММСЈИЕ во ноември 2007 во Костанца, Република Романија се одржа вежбата „Седум Ѕвезди“.

Се изеде вежбата „Македонски блесок – 1“. Вежбата се изведе заедно со припадниците на ВС на Велика Британија. На оваа вежба од АРМ беше ангажиран персонал од околу 500 лица.

Организирана и изведена е вежба „Македонски блесок – 2“. Ова претставуваше вежба на специјалните единици на земјите членки на А-3, со учество на тимови специјални операции од ВС на Република Македонија и република Албанија. Република Хрватска учествуваше со набљудувачи.

Како национални вежби, а во согласност со „Упатството за оперативни и други постапки на Армијата во поддршка на полицијата во случај на кризна состојба“ реализирани се две вежби со МВР:

  • Вежбата „ЛИНК – 07“ претставуваше комуникациско –оперативна вежба каде беа вклучени штабни офицери од ГШ на АРМ и МВР, се извежбуваа разни супозиции, размена на податоци и постапки на двете институции во различни ситуации, функционирање на врските и текот на информациите помеѓу двете институции.
  • Вежбата „Водно 07“ која се одвиваше во период од 29 до 30.05.2007 година, беше заедничка вежба на АРМ и  МВР во која учество зедоа мали единици на тимови за специјални операции од АРМ и МВР, како и штабни офицери од ГШ на АРМ и МВР.

За прв пат во ЗОК и потчинетите единици на ЗОК профункционира работата во областа на односи со јавноста и комуникациите.

Во 2007 година командата за обука започна со прием и обука на граѓани на доброволно служење на воениот рок.

За постигнатите исклучителни заслуги на планот на одбраната, со Указ на Претседателот на Република Македонија на 18.08.2007 година, 1.мпбр е  одликувана со „Орден за воени заслуги“.

2008 АРМ учествува во мисиите „Слобода за Ирак“ во Ирак, ИСАФ во Авганистан, мисијата АЛТЕА во БиХ и во мисијата УНИФИЛ во Либан.

Оваа година беше последната во мисијата „Слобода за Ирак“. АРМ, предводена од САД партиципираше од 2003 година со вкупно 11 извршени ротации, или вкупна бројка од 490 лица воен персонал. Иницијалниот придонес со еден вод за специјална намена во 2008 година беше дополнително зајакнат со уште еден вод.

На 12 јануари во 12.00 часот при враќање од мисијата АЛТЕА во БиХ во местото Блаце, Р. Македонија се случи хеликоптерска несреќа во која животот го загубија 11 припадници на АРМ.

Во домот на АРМ на 15 февруари се одржа церемонија за постхумно почесно прогласување на почесни ветерани на единаесет трагично загинати припадници на АРМ во хеликоптерската несреќа кај Блаце.

НА 26 и 27 март се одржа заедничка штабна симулациска вежба под името „Поплава – 08“ во која учествуваа Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и претставници на други министерства во Владата на Република Македонија.

Оваа година беше организирана вежбата „Македонски блесок 03“ на која е извршено самооценување НИВО-I според Концептот за оперативни способности на декларираните единици на ЗОК (среден пешадиски баталјон од 1.мпбр и декларирана чета од бВП).

Организирана и реализирана е вежба „Македонски блесок 04“, вежба на специјалните единици на земјите-членки на групата А-3, со учество на тимови за специјални операции од ВС на Република Македонија и Република Албанија, додека Република Хрватска учествуваше со набљудувачи. Како набљудувачи на вежбата присуствуваа и претставници на ВС на Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. На оваа вежба е извршено НАТО оценување НИВО-1, според Концептот за оперативни способности на декларираните единици на ЗОК (среден пешадиски баталјон од 1.мпбр, хеликоптерски детачмент од вВИНГ и декларирана чета од бВП).

Во период од 26-30 мај на територијата на Република Македонија беше реализирана мисија за обука според меѓународниот договор „Отворено небо“ во соработка со СР Германија и Р. Унгарија.

На 17 јули во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа свеченост по повод завршувањето на учеството на хеликоптерскиот детачмент на АРМ во мисијата АЛТЕА во БиХ.

По повод денот на независноста на Република Македонија, 8-ми Септември, во рамките на Охридскиот атлетски маратон кој се одржува секоја година во Охрид, се одржа Првиот воен атлетски маратон.

Во касарната Илинден во Скопје на 19 Септември се одржа свечено отварање на воената вежба „Јадрански орел 08“ на кој учество земаа припадниците на специјалните единици на Армиите на Јадранската група.

На 07 Ноември во Домот на АРМ во Скопје се одржа церемонија за постхумно доделување на „Медал за служба на Европската безбедносна одбранбена политика“ кои беа доделени на семејствата на загинатите припадници на АРМ.

Грција примени вето за поканата за членство на Македонија во НАТО за време на Букурешкиот самит во април. Македонија беше изоставена од напредокот на таканаречената Јадранска повелба, бидејќи Хрватска и Албанија добија покана за членство во НАТО.

Во 2008 година се воспостави стратегиското партнерство со САД. Со ова се создадоа услови за уште посилна поддршка на Република Македонија во подготовките за членство во НАТО, особено во делот на едукацијата на офицерите, обуката, опремувањето на АРМ и заедничкото учество во меѓународни операции.

2009 Министерството за одбрана, во согласност со Законот за еднакви можности на жените и мажите од 2006 година, а како дел од неговата Стратегија за управување со човечки ресурси ја усвои Програмата за еднакви можности на жените и мажите. Целта беше да се постигне родова интеграција во министерството и да се отстранат пречките за пружање еднакви можности и еднаков третман на мажите и жените.

Беше рестартирана Воената Академија.

АРМ учествува во мисиите „ИСАФ“ во Авганистан, мисијата АЛТЕА во БиХ и во мисијата УНИФИЛ во Либан.

Во период од 06-08 февруари се одржа првиот регионален армиски куп во биатлон во Маврово

Во етерот беше пренесена свеченоста по повод доделување на признанието „Ѕидот на беспрекорието “ на заставникот Бобан Стојановиќ главен подофицер на АРМ од страна на армијата на САД.

На 15-ти Август Началникот на КОЈ даде изјава за сите медиуми по повод експлозија пред самиот влез на Командата на ИСАФ во Кабул, од каде четири наши војници се здобија со повреди.

Во период од 19.10-27.10.2009 година се одржа вежбата Македонски блесок 05. Во склоп на вежбата се изврши и Самооценување НИВО -2 CREVAL на средниот пешадиски баталјон и четата на воена полиција.

Во рамките на билатералната вежба „Предизвик 09“ од страна на бнПВО беше извршено гаѓање со „ИГЛА“ на АП Криволак. Гаѓањето беше реализирано заедно со претставниците на Армијата на Република Словенија.

За прв пат во Република Македонија се одржа Форум на подофицерскиот кор на Централна и Југоисточна Европа.

На 14 -ти Декември се одржа свеченост за доделување на одликување на припадниците од полкот за специјални операции за учество во мисијата „Слобода за Ирак“.

Во период од 12-23.10 во Координативниот центар за поддршка на земјата домаќин во Скопје се реализира логистичката командна штабна вежба „LOGEX 09“. На вежбата учество земаа претставници од Р. Македонија, Р. Хрватска, Р. Албанија USJFCOM и USEUCOM. Како набљудувачи на вежбата беа претставници од Црна Гора, Данска, Украина и Грузија. Во склоп на самата вежба беше реализирана посета на акредитираните воени аташеи во Р. Македонија.

2010 АРМ учествува во мисиите „ИСАФ“ во Авганистан, мисијата АЛТЕА во БиХ и во мисијата УНИФИЛ во Либан.

Во период од 19.04 до 23.04. се организира и реализира вежбата „ Македонски блесок 06“. Целта на вежбата беше оценување според ОCC концептот. Вежбата се реализира на полигон Пенуш во Штип.

Во период од 17.05. до 31.05 на Армискиот полигон Криволак се реализира меѓународната вежба „Светлина-10“. Целта на оваа вежба е справување во постконфликтни ситуации и операции. На вежбата земаа учество претставници на државниот колеџ „Индијана Ривер“, „ Форд Пирс“, Флорида и Воената академија „Вест Поинт“ од САД, како и претставници од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, МО на РМ и МВР, ДЗС, ЦУК, Црвениот крст на РМ, АРМ и други хуманитарни организации и институции во РМ.

Во период од 24.10 до 03.11. се организира и реализира вежбата „ Балкански блесок 2010“. Целта на вежбата беше заокружување на оценувањето според ОCC концептот на средниот пешадиски баталјон и декларираните единици (АП Криволак).

Земјата беше домаќин на четвртата координативна средба на земјите – учеснички во ЕУБГ 11/2012. На средбата се потпиша писмо со намера АРМ да учествува во оваа борбена група со придонес на трупа до 150 војници.

На 4-ти ноември во Скопје се одржа тринаесеттиот состанок на началниците на генералштабовите на армиите од земјите од Јадранската повелба А5.

На 30 септември пСО во реонот на Матка изведе показна вежба „Пребарување и спасување на повредени лица на непристапен терен и планински простор“.

На 23 декември капетанот Христијан Ѓоргов е одликуван со медал за посебни заслуги на Либанската армија, поради постигнатите одлични резултати и унапредување на штабната работа во рамките на Здружено оперативниот Центар (УНИФИЛ) во Нагура, Либија.

Во 2010 година Воената болница се трансформира во Градска општа болница „8 Септември“ и Воено медицински центар на АРМ.

Од нашиот придонес со сили во ИСАФ, кој започна во 2002 година, 2010 година се одбележа како година во која се постигна највисоко ниво ангажираност со вкупно 250 војници во една ротација.

2011 АРМ учествува во мисиите „ИСАФ“ во Авганистан, мисијата АЛТЕА во БиХ и во мисијата УНИФИЛ во Либан.

Владата во 2011 година го одобри Долгорочниот план за развој на одбраната 2011-2020 година. Со ова се обезбеди единство на институционалните напори за систематски развој на одбраната и усогласување на лимитираните ресурси со клучните развојни приоритети.

Во 2011 година, претседателот на државата, како врховен командант на вооружените сили, донесе Одлука за преструктуирање на командите и единиците на Армијата.

Во текот на 2011 година реализирани се следниве значајни вежби на АРМ:

  • вежбата „Македонски блесок 07“ е организирана и реализирана за оценување на пешадиската баталјонска борбена група и механизираната чета од составот на силите на ЕУ БГ 2012/2 во месец април
  • вежбата „Македонски блесок 08“, за оценување на механизираната чета од составот на силите на ЕУ БГ 2012/2 во месец октомври и
  • вежбата „Предизвик 2011“ како билатерална вежба за обука на ПВО персонал и единици на АРМ и на војската на Словенија во месец Септември.
  • мултинационалната медицинска вежба „MEDCEUR 11“. Вежбата се реализира на Армискиот полигон „Криволак“ во период од 06-17.06.2011 година. реализацијата на вежбата овозможи подобрување на регионалната подготвеност на медицинскиот персонал за учество во операции за одговор на криза, помош при катастрофи и хуманитарна помош, со вклучување на МВР, ДЗС, ЦУК, црвен крст на РМ, Министерството за здравство и армиите ан САД, Австрија, Бих, Бугарија, Србија, Словенија, Норвешка и Црна Гора.

НГШ на АРМ беше прогласен за почесен член на националната гарда на сојузната држава на САД Вермонт. Прогласувањето беше извршено од страна на НГ на Вермонт генерал-мајор Мајкл Дуби на ден 16.03. во Домот на АРМ во Скопје.

На 8-ми Јуни во Охрид се одржа петтата конференција на началниците на генералштабовите на армиите од балканските земји.

На 22 Јуни се одржа церемонија за доделување на орденот „легија на заслуги“ на НГШ на АРМ генерал-потполковник Мирослав Стојановски од Амбасадорот на САД во РМ Н.Е. Филип Рикер.

На 18 август на Централната свеченост по повод Денот на АРМ, во Центарот за обука на вода во Охрид, во присуство на Врховниот командант на вооружените сили на Република Македонија, се изврши примопредавање на должноста Началник на генералштабот на АРМ. Должноста НГШ на АРМ ја прими генерал – мајор Горанчо Котески од генерал – потполковник Мирослав Стојановски.

На 21 септември во организација на пСО на АРМ се одржа Меѓународната показна вежба „Пребарување и спасување на повредени лица на непристапен терен и планински простор“.

На 21 декември се одржа церемонија за свечено отварање на Воено медицинскиот центар на АРМ.

Од страна на Претседателот на Република Македонија беа одликувани 6 лица со медал за храброст заради извлекување на лица од рудникот Бучим.

Здружена Оперативна Команда се трансформира во нова организациско – формациска структура согласно стандардите на НАТО организирана во секции од Ј-1 до Ј-9 и намален број на потчинети единици.

Со Меморандумот за разбирање помеѓу Република Македонија и Командата за операции на НАТО од 2011 година се регулира поврзувањето на националните капацитети за воздушно набљудување и јавување со Интегрираниот систем за противвоздушна одбрана на НАТО.

2012 Започна нов циклус на трансформација. Процесот е планиран во текот на 2010-2011 година, а е донесен во тесна соработка со НАТО и стратегискиот партнер САД.

АРМ учествува во мисиите „ИСАФ“ во Авганистан, мисијата АЛТЕА во БиХ и во мисијата УНИФИЛ во Либан.

На 21 април на АП Криволак се одржа методско показна вежба „Огнена поддршка на механизирана пешадиска единица во напад“. На вежбата учествуваа единици од артилерискиот баталјон, минофрлачка батерија и тенковските единици од ЗОК

Оваа година АРМ на РМ го прослави јубилејот „20 години АРМ“. По повод овој Јубилеј беа организирани различни активности кои вклучуваа хуманитарна помош, свечена академија, тактичко-технички зборови, кроводарителски акции, спортски натпревари и слично. Централната прослава за овој јубилеј се одржа во касарната Илинден на 18-ти Август.

Во текот на 2012 година се изведоа следниве вежби:

  • COOPERATIVE LONGBOW LANCER 2012 – оваа вежба е од делот на НАТО/ПзМ вежбите. Во улога на носител на вежбата беше АРМ и Копнената команда на НАТО од Мадрид со вкупно 1650 учесници од република Македонија и НАТО/ПзМ земјите.
  • пСО од АРМ беше носител на меѓународна здружена вежба на специјалните сили на балканските земји Б-9 „WISE WOLF“. Вежбата се реализра во период од 01.06. до 10.06.2012 година на АП Криволак и ЦОВ Охрид.
  • Во билатералната соработка помеѓу АРМ и Армијата на Република Словенија изведена е вежбата „Предизвик 2012“. На вежбата учествуваа ПВО единици од двете земји, а се реализираа боеви гаѓања на цели во ВоП со РС „Игла“ и воспоставување и одржување на С2 системи.
  • Во билатералнта соработка со армијата на Кралството Норвешка реализирана е вежбата „Сигурен пат – 12“ за проверка на интероперабилноста и демонстрација на капацитетите и способностите на донираната полска болница (ROLE-2)

Командата за логистичка поддршка се трансформира во бригада за Логистичка Поддршка. Истата се претпочини на ЗОК.

Со трансформацијата се сумираа 1.мпбр од Штип и 2.мпбр од Кичево и се формира 1.мпбр. Командата на бригадата е лоцирана во касарната НХ Страшо Пинџур во Петровец, од каде командува со потчинетите единици.

На 14.08.2012 година полкот за Специјални Операции беше одликуван со „Орден за заслуги“. Орденот беше доделен од Претседателот на Република Македонија, господинот д-р Ѓорге Иванов.

На 07.12. НГШ на АРМ присуствуваше на свечено промовирање на „Музеј за мировни безбедносно одбранбени истражувања“ во Музеј на Македонија.

2013 АРМ учествува во мисиите „ИСАФ“ во Авганистан, мисијата АЛТЕА во БиХ и во мисијата УНИФИЛ во Либан.

На ден 30-ти јули Врховниот командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов ја пушти во употреба веб страницата на АРМ.

За прв пат во историјата на АРМ, Воениот дувачки оркестар на АРМ одржа концерт на плоштадот Македонија по повод 18-ти Август Денот на АРМ.

На 19-ти септември во Генералштабот на АРМ се одржа средба со естрадни уметници и претставници на институции кои настапуваа и го помогнаа концертот по повод Денот на АРМ кој се одржа на 16-ти август 2013 година на плоштадот ,,Македонија“ во Скопје. За таа прилика Началникот на ГШ на АРМ им додели ,,Бронзена значка на Армијата за партнерство, координација и соработка“ на: Есма Реџепова-Теодосиевска, Блага Петреска, Мустафа Имери, Драган Мијалковски, Универзална сала, DJ Никифор, Телевизија Сител, Антена 5 Радио и Детскиот Културен Центар ,,Карпош“ од Скопје.

Во период од 30-ти септември до 2-ри октомври во спортската сала ,,Расадник“ во Скопје се одржа меѓународниот ,,5-ти Футсал Куп за мир“. На куп покрај екипата на Армијата на Република Македонија како домаќин учество земаа екипите за футсал од армиите на: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора.

На ден 17-ти декември 2013 година, Воениот оркестар на АРМ во Домот на АРМ во Скопје го изведе Новогодишниот концерт. На концертот присуствуваа: Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, генералите на АРМ, клучниот персонал во Министерството за одбрана и ГШ на АРМ, припадници од сите команди и единици на АРМ и дел од воените аташеи акредитирани во Република Македонија.

На ден 24-ти декември во Домот на АРМ во Скопје, се изврши презентација на новата службена униформа на АРМ, на која присуствуваа: Министерот за одбрана Талат Џафери, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, клучниот персонал од МО и ГШ на АРМ, претставници од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, пензионираните генерали на АРМ и претставници на медиумите.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

17. 08 2014