/Прочитано:

1.228

БАЛКАНСКИТЕ АДВОКАТИ СОЛИДАРНИ: Донесоа Резолуција за заштита и поддршка на српската адвокатура – аплауз за македонскиот претставник

Претставниците на регионалните адвокатски комори и учесниците на меѓународната тркалезна маса посветена на проблемите на адвокатската професија и односите на професијата со нотаријатот, денеска во Сремски Карловци донесоа Резолуција за заштита на самостојноста и независноста на адвокатската професија во Република Србија. Претседателот на Адвокатската Комора на Република Македонија, Никола Додевски, за Академик вели дека ова не само што значи поддршка за колегите, туку и укажува на тоа дека адвокатите од регионот се соочуваат со истиот проблем. Присутните на собирот, пак, со аплауз го поздравиле говорот на македонскиот преставник кога ги образложил македонските решенија за зацврстување на самостојноста на адвокатската професијата во контекст на застапувањето во нотарските постапки.

Македонија, Романија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Унгарија

Документот, во кој се наведува дека „во овој момент во Република Србија се загрозува независноста на адвокатската професија, а со тоа и на владеењето на правото“, потпишан е од претставници на Адвокатските комори на Романија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија и Унгарија. Исто така, како што посочуваат за Академик учесници на меѓународниот собир, и преставниците од Црна Гора ја дале својата поддршка, но тие оправдано биле оневозможени да дојдат.

Говорот на македонскиот претставник испратен со аплауз

Она што е интересно е што излагањето на македонскиот претставник од АКРМ предизвикало многу позитивни реакции од присутните, посебно откако го образложил начинот на кој во Македонија се етаблираат решенија кои пронаоѓаат опција за балансирање на адвокатската и нотарската дејност, а, како што велат од Адвокатската Комора, во функција на поголеми права на граѓаните и нивната заштита од страна на адвокатите.

Никола Додевски, претседател на македонската Адвокатска Комора, за Академик вели дека ваквото регионално потпишување на Резолуцијата не само што значи солидарност, туку јасно укажува дека земјите од регионот се соочуваат со истите проблеми како и нивните српски колеги. Претседателот додава дека колегите од регионот во македонскиот пример виделе позитивен начин за пронаоѓање на решение како мирна опција.

Додевски: Македонскиот пример како урнек за пронаоѓање на решение

„Да, излагањето на нашиот претставник било крајно позитивно оценето и поздравено како начин за излегување од овој дисбаланс. Колегите ја поздравиле оваа мирна опција и решение што е прифатено и од македонската Влада. Дискутираниот и образложен предлог наишол на огромен аплауз, особено кога се образложил начинот на кој ќе се излезе од таа нотаризација, која, очигледно дека предизвикува големи проблеми во регионот и ја загрозува адвокатската професија и нејзината положба. Колегите во македонскиот пример препознале начин кој може да се имплементира и кај нив. Сметам дека е можно македонскиот модел да биде урнек за односите со нотарите во регионот, и што е најбитно, за доследно почитување на правата на граѓаните“, вели Додевски, кој посочува дека и во Резолуцијата се конкретизирани самостојноста на адвокатурата и правата на граѓаните.

Целосна поддршка на протестот

На собирот, претставниците на Адвокатските комори со целосна поддршка за самостојноста на српската адвокатура. Велат дека „даваат целосна и безусловна поддршка на легитимните протести за да се заштити самостојноста и независноста на адвокатската професија во Србија, како и основните права и слободи на граѓаните“.

Во потпишаната Резолуција се нагласува дека е неприфатливо „мешање на извршната власт во независноста на адвокатската професија“, што е регулирано со сопствените прописи на Комората и со почитување на сите внатрешни и меѓународни прописи.

Секој граѓанин има право да избере адвокат

Во Резолуцијата е наведено дека дека секој граѓанин има право да избере адвокат и затоа треба да се почитува на неговата волја и неговото право на тајност за она што е разговарано со адвокатот кој го одбрал да ги заштити неговите права и интереси.

Адвокатите во документот неведуваат дека државата е должна да обезбеди ефективни процедури и соодветни механизми за еднаков пристап до адвокатите на сите лица, а со цел да се обезбеди еднаквост на граѓаните, слободен пристап до правдата и правната сигурност.

Тренд на пресметка со адвокатската професија

На тркалезната маса се разговараше за актуелните прашања во врска со положбата на адвокатите и нотарите во Србија и заслабнувањето на позицијата на адвокатите и нивните надлежности како јавна служба, поради што адвокатите протестираат веќе 73-ти ден.

Претседателот на Адвокатската комора на Србија, Драгољуб Ѓорѓевиќ, дискутираше дека постои „тренд на пресметка со адвокатурата како професија“, додавајќи дека тие како адвокати немаат никаква комуникација со министерот за правда.

„Ако нема никаква комуникација, тогаш тоа е комуникација на глув и нем“, нагласи Ѓорѓевиќ.

Неопходна е правна заштита од адвокат при склучување на договор

Претставникот на хрватската Адвокатска комора и на Европското здружение на Адвокатски комори, Ранко Пелицариќ, изјави дека сите закони, вклучувајќи го и овој контроверзен во Србија, може да се промени на подобро, објаснувајќи дека во Европа има различни решенија, според кои не постои конкуренција помеѓу адвокатите и нотарите, а нотарите имаат дејност со која не е загрозена работата на адвокатите.

„Многу е важно граѓанинот  правната заштита при склучување на договор да ја има од адвокат, кој е негов претставник во склучување на посебен договор“, потенцираше Пелицариќ.


Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk

25.11.2014