/ Прочитано:

971

БАНДИЌ НА СЛОБОДА СО КАУЦИЈА ОД 2 МИЛИОНИ ЕВРА: Одбраната нуди девет станови, судот бара исклучиво пари

Четврток, 13 ноември 2014 – Совршена пат позиција. Вака хрватските медиуми го оценуваат она што синоќа се случи во загрепскиот Жупаниски суд каде по трет пат се одлучуваше по барањето на УСКОК за одредување притвор на загрепскиот градоначалник Милан Бандиќ и осуммина други осомничени во аферата „Аграм“. Истражниот судија Зденко Посавец, кој на сите осомничени претходно им одреди притвор, вчера попладне днесе одлука истиот да се замени со кауција и мерки на претпазливост. Проблемот сега, според одбраната, се состои во тоа што кауцијата речиси двојно се зголеми, а судот не прифаќа недвижности под хипотека како гаранција, па Бандиќ ако сака да се брани од слобода ќе мора да уплати околу 2 милиони евра. Станува збор за досега највисoката кауција изречена од хрватските судови.

Одбраната на Бандиќ првично понудила кауција од 22,5 милиони куни (речиси три милиони евра) во недвижности, но Судот заклучил дека се доволни и 15 милиони куни, но во парични средства.

Деновиве, пак, во хрватските медиуми на големо се пишуваше за потегот на угледниот хрватски адвокат Крешимир Крсник, дел од тимот адвокати на Бандиќ, кој како гаранција за пуштање на својот клиент го понуди својот стан од 500 квадрати лоциран во центарот на Загреб и проценет на 5, 8 милиони куни, но Судот го одби вој предлог како неoснован. Овојпат, одбраната, покрај станот на  Крсник, понудила уште 8 недвижности, со тоа што за 5 имале елаборати, но за 3 се обврзале дека дополнително ќе ги донесат.   Но, Судот го одбил овој предлог, одредувајќи дека градоначлникот ќе мора да го уплати милионскиот износ во парични средста доколку сака да се брани од слобода.

Станува збор за највисoката кауција изречена од хрватските судови. Досегашната рекордна кауција од 12,5 милиони куни (1,6 милиони евра) му беше одредена на поранешниот хрватски премиер Иво Санадер.

„На Бандиќ не може да му се забрани да биде градоначалник“

На Бандиќ му се определени и мерки на претпазливост кои опфаќаат забрана за воспоставување и одржување контакти со повеќе од 100 лица, кои УСКОК ги предложи како сведоци.  Покрај ова, Судот му изрече и мерка забрана за извршување на работни обврски. Тоа ќе значи дека тој не ќе може да се врати на своето работно место и да ја извршува градоначалничката функција.  Се’ уште не е јасно како ќе се спроведува оваа мерка забрана во пракса истакнуваат хрватските медиуми,  а предупредила и заменик обвинителката Ксенија Кризман.

„Градоначалникот на Загреб е биран на слободни избори по слободна волја на граѓаните и нема законски пропис кој предвидува дека Судот би можел да го прекине мандатот на на градоначалникот.  Понатаму, нејасно е како Судот може со таа мерка да ги опфати деловните активности кои градоначалникот ги обавува, а исто така нејасно е како би можело да се контролира спроведувањето на оваа одлука“, уверувала заменик обвинителката. Но, истражниот судија, оценуваат експертите, при својата одлука очигледно се водел од напатствијата на Вонредниот совет на Жупанискиот суд, кој му наложи да размисли дали на Бандиќ и останатите може да се применат мерките на претпазливост. Советот, притоа се повика на пракса односно на одлука донесена од Уставниот суд на Хратска.

„Кога градоначалникот не може да ја обавува својата функција на подолго време или од некои причини дал оставка, согласно законските претпоставки, функцијата ја презема неговиот заменик 

Тоа значи дека и по одлуката на истражниот судија на Бандиќ да му се изречат мерка на претпазливост – забрана за  вршење на градоначалничката фунција, оваа должност ќе ја извршува заменикот. Бандиќ останува градоначалник, но моментно не ја извршува таа функција. Истото би било и да се разболи и на подолго време и  да мора да лежи во болница, а потоа се посвети на рехабилитација. 

Според законот, ако градоначалникоот даде оставка пред истекот на двегодишниот мандат, тогаш се бира нов. Ако оставката уследи две години по преземањето на функцијата, тогаш нема нов избор, туку до крајот на мандатот фунцијата ја обавува заменикот. Но, во ситуација кога судот наместо притвор одредил мерки на претпазливост, нема услови за повторни избори, без разлика на тоа колку долго ќе трае истрагата или евентуалниот судски процес, односно колку мерките на претпазливост ќе бидат на сила“- ја објаснува примената на хрватскиот закон во овој случај за „Вечерњи лист“ – Иван Коприќ, раководител на Катедрата за административни науки и  и Одделот за јавно право и јавна администрација при Правниот факултет во Загреб. 

УСКОК, пренесоа хрватските медиуми, се противеле на одредување кауција за Бандиќ, наведувајќи дека е практично невозможно да се утврди со колкав имот располага Бандиќ, бидејќи освен она што го пријавил во анкетниот лист, постои и имот што гласи на други лица. Тие, исто така, посочиле дека при истрагата кај Бандиќ се пронајдени 290.000 куни и 500 уметнички предмети и слики, што според нив значи дека градоначалникот на Загреб има значително повеќе средства отколку што е познато.

Бандиќ, пак, тврди дека од тие 290.000 куни само 35.000 се негови, односно останатите му припаѓаат на неговиот брат. Што се однесува до сликите, Бандиќ во истрага изјавил дека тие се поклон од граѓани и дека рамките се повредни од самите слики, како и тоа дека секоја година ги продава на аукција, а парите ги дава во добротворни цели.

Дали оваа одлука на судијата ќе стане правосилна ќе се знае до крајот на идната недела, по жалбите на странките во постапката за кои ќе расправа Вонредниот совет на Жупанискиот суд.  

Градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ беше уапсен минатиот месец. Покрај Бандиќ, полицијата ги приведе и претседателот на управата на Загрепскиот холдинг, Слободан Љубичиќ и косопственикот на ЦИОС, Петар Припуз и уште неколку лица под сомнение за кривични дела на штета на градот. Сите се сомничат за нелегално тргување со градежно земјиште, стопански криминал, финасиски малверзации и корупција при вработувања.