/ Прочитано:

1.560

„БЕГАЛСКИОТ АСПЕКТ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА 1946-1949“: Политички, хуманитарен и правен проблем елабориран и пред Обединетите нации

Бегалскиот аспект на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 е најновиот научен труд на проф. д-р Новица Велјановски, познат проучувач на историските и прaвно-историските прашања од нашето историско минато.

akademik foto 1

Како што нагласува авторот проф. д-р Новица Велјановски, бегалскиот проблем на Граѓанската војна во Грција е помалку проучуван отколку самата Граѓанска војна. Неговиот мотив е токму во тој недостиг на проучувањата, но и во самиот факт што во последно време станале достапни дипломатските документи кои во историската наука се сметаат како првостепен историски извор. Освен тоа, и актуелната бегалска криза во Европа последниве години, која не ја одмина и Р Македонија, го поттикнала да направи паралела со настаните кои се случуваа во Македонија и на Балканот пред седумдесет години. Тогаш бегалскиот проблем кој најмногу го почувствувала НР Македонија не само што бил политички проблем предизвикан од суровоста на Граѓанската војна туку и длабоко хуманитарен и правен проблем кој стасал и до Обединетите нации.

Авторот уште на почетокот констатира дека и во она што е напишано и што е објавено за овој проблем има различни гледања во зависност од тоа кои автори пишувале. На пример, грчките автори, особено Константинос Кацанос, советник во Министерството за надворешни работи на Грција, во трудовите објавени последниве години во белградски научни институции, цврсто стои на грчките националистички позиции во однос на македонското национално прашање, па соодветно и за бегалското прашање. Се обидува дури и да го минимизира со тврдењето дека миграциони движења имало и пред тоа, обидувајќи се на друга страна да ја префрли вината за Граѓанската војна, но не и на грчката десница.

Монографијата главно содржи два дела. Првиот дел ја содржи научната анализа на авторот за балканските состојби за време на Граѓанската војна 1946-1949 година и вмешаноста на големите сили. Притоа ги анализира состојбите во тогашната ФНР Југославија и НР Бугарија кои беа обвинувани за вмешаност во војната, како и Албанија, која не е обвинувана за вмешаност, но за која се смета дека не била сосема дистанцирана. Зборува и за судирот на грчките леви и десни сили кои доведоа до таа војна, како и за промените што настанаа во односите меѓу комунистичките земји со појавата на Резолуцијата на Информбирото и со промената на односот на Сталин и СССР спрема Тито и Југославија. Во вториот дел се говори за бегалскиот проблем како политички, хуманитарен и правен проблем елабориран и пред Обединетите нации. Овде недвосмислено се констатира дека грчкото раководство, штитено најнапред од Велика Британија, а подоцна од САД кои на Средоземното Море имаа свои интереси, од овој хуманитарен проблем направи политички проблем. Имено, одлуката да се извлечат децата во реоните зафатени со војната беше замислена како хуманитарна одлука со цел да се спасат што повеќе деца. Но бидејќи таа беше донесена од привремената, „лева” Влада на Грција на Маркос и Захаријадис, грчката „десна” Влада, со цел да ја придобие меѓународната јавност, не ја прифаќала, па смислила изговор за овој хуман чин дека тоа било „киднапирање” на грчките деца. Таа сметале дека „киднапираните” деца нема да се вратат во Грција или и, доколку се вратат, тие ќе бидат „превоспитани” или „инфицирани” со комунистички идеи. Затоа упорно работела на тоа проблемот да се најде пред Обединетите нации. За таа цел била формирана специјална Балканската комисија која исто така истапува во одбрана на грчките владини ставови, па во 1948 и 1949 година биле донесени двете резолуции со тешки обвинувања против ФНР Југославија, а во одбрана на грчките ставови. Недовербата меѓу двете земји пораснала дотаму што грчката јавност и самите родители учесници во војната биле убедувани дека тоа е „киднапирање” на грчките деца и дека целта на акцијата за спасување на децата не е хуманитарна.

Инаку, и во прикажувањето на бројот на бегалците, односно и на бројот на децата има големи разлики. Грците покажуваат помал број со цел да докажат дека тоа не било потребно, дека тоа се деца само од грчка националност, а југословенската страна со објавуваните бројки сака да ја покаже суровоста на војната, да покаже дека вложува средства за нивното обезбедување и дека се тоа деца на родители од словенско потекло. Тешки проблеми се јавувале при враќањето на децата во Грција, но и при нивното испраќање во земјите од социјалистичкиот лагер, кои по Информбирото ги прифатија ставовите на Грција, а Југославија, освен за политички проблеми и предизвикување на Граѓанската војна, била обвинувана и за бегалската криза.

Покрај научните констатации, авторот во третиот дел од книгата поместува и  педесетина најкарактеристични документи од дипломатска провениенција со цел, како што вели, пообјективно да се следи и да се потврди она што е кажано.

М.В