/ Прочитано:

1.327

Бесплатна правна помош за пет жртви на семејно насилство

Понеделник, 18 ноември 2013 – Пет жртви на семејно насилство ги искористија придобивките од работата на овластеното здружение за бесплатна правна помош – Национален ромски центар (НРЦ) со седиште во Куманово. Имено, до октомври 2013 година до НРЦ се обратија пет жртви на семејно насилство за кои НРЦ обезбеди претходна правна помош согласно Законот за бесплатна правна помош, а потоа поведе постапки пред Министерството за правда за одобрување на бесплатна правна помош за водење на судски постапки, известуваат од Здружението.

Во сите случаи, како што велат оттаму, станува збор за жени – жртви на семејно насилство кои потекнуваат од различни социо-економски средини, но со ист семеен проблем на психолошко и физичко насилство мотивирано од најразлични причини.

„НРЦ им помогна на жртвите во комплетирањето на барањата за бесплатна правна помош, по кои Министерството за правда позитивно одлучи и на жртвите им одобри бесплатна правна помош. Ова значи дека жртвите по сопствена волја избраа адвокат при што трошоците од застапувањето на адвокатот ќе ги плати државата. Две од овие постапки се правосилно завршени и жртвите ја добија потребната правна заштита, односно успшено завршија постапките за развод, чување и воспитување на децата и определување на издршка за малолетните деца. Другите три предмети се во судска процедура, но значат можност за пристап до правдата на жртвите на семејно насилство“, се наведува во соопштението.

НРЦ како чинител во системот на бесплатна прaвна помош го воочува проблемот на семејното насилиство како еден од најранливите и најзачестените правни проблеми на граѓаните. Со оглед на успешноста на поднесените барања за бесплатна правна помош, од Здружението ги охрабруваат жртвите на семејно насилство да побараат правна помош и да ги заштитат своите права и своето достоинство.

НРЦ е дел од неформалната мрежа на овластени здруженија за бесплатна правна помош и го користи Законот за бесплатна правна помош и веќе воспоставениот систем на бесплатна правна помош, за да им помогне на граѓаните во остварувањето на правото на еднаков пристап до правда.