/ Прочитано:

2.404

БЕСПРАВНО ИЗГРАДЕНИ ОБЈЕКТИ: Предложени се нови законски измени и дополнувања

Петок, 27 ноември 2015 – Во Собранието на Република Македонија предложени се нови измени и дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, по скратена постапка.

Целта на предложените измени е да се овозможи спроведување на постапките за утврдување на правен статус на бесправни објекти изградени на земјиште сопственост на друго физичко или правно лице, односно изградени на земјиште кое е сосопственост на барателот и друго физичко или правно лице, доколку во моментот на изградбата на објектот истиот бил изграден на земјиште сопственост на Република Македонија, спроведување на постапки за промена на барател кога барањето се однесува на бесправна доградба или надградба на легален објект а е извршена промена на сопственоста на легалниот дел од објектот врз основа на договор, продолжување на рокот за доставување на геодетски елаборати за утврдување на фактичка состојба на бесправен објект како и утврдување на дополнителен рок за поднесување на барање за утврдување на правен статус за објектите изградени заклучно со 3 март 2011 година, а за кои не е поднесено барање.

Во пракса промена на сопственоста се врши и со договор за дар, договор за отстапување на имот за време на живот или договор за доживотна издршка

Во предложеното законско решение се вели дека согласно постојното законско решение предвидено е барателите за утврдување на правен статус на бесправните објекти кои се изградени на земјиште кое не е сопственост на барателот или на Република Македонија, односно земјиштето е сопственост на друго физичко или правно лице, односно бесправниот објект е изграден на земјиште кое е сосопственост на барателот и друго физичко или правно лице, да достават договор за долготраен закуп на земјиштето склучен со сопственикот односно сосопственикот на земјиштето или изјава заверена на нотар со која сопственикот односно сосопственикот на земјиштето изјавува дека е согласен да се утврди правен статус на бесправниот објект и истиот да се запише во јавните книги за запишување на правата на недвижности на име на барателот.

„Понатаму, еден од случаите за промена на барател во постапките за утврдување на правен статус на бесправен објект, предвиден во законот е кога барањето за утврдување на правен статус се однесува за бесправен дел од легален објект (бесправна доградба или надградба) а друго лице со договор за купопродажба се стекнало со право на сопственост на објектот кој е запишан во имотен лист, тоа лице да може врз основа на договорот да изврши промена на барател, доколку со договорот е утврдено дека се стекнува и со правото врз бесправниот дел од објектот за кој е поднесено барањето за утврдување на правен статус. Меѓутоа при спроведувањето на оваа одредба се утврди дека покрај со договор за купопродажба, во пракса промена на сопственоста на објектот кој е запишан во имотен лист се врши и со договор за дар, договор за отстапување на имот за време на живот или договор за доживотна издршка, од кои причини потребно е и овие договори да се предвидат како основ за промена на барател во наведениот случај“, се посочува во образложението.

Утврден рок за доставување на геодетски елаборати за утврдување на фактичка состојба на бесправен објект

„Исто така во законот е утврден рок за доставување на геодетски елаборати за утврдување на фактичка состојба на бесправен објект (31.12.2015), во кој рок не може да се изработат преостанатите геодетски елаборати за објектите за кои е поднесено барање за утврдување на правен статус, поради што е потребно истиот да се продолжи.Согласно законот рокот за поднесување на барање за утврдување на правен статус за објектите предмет на овој закон изнесуваше 6 месеци односно од 3 март 2011 до 3 септември 2011 година а дел од граѓаните не поднеле барање за утврдување на правен статус во наведениот рок“, се додава во законското образложение.

ОБЈАСНУВАЊЕ НА СОДРЖИНАТА НА ОДРЕДБИТЕ ОД ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ

Во членот 1 од законот се врши измена во постапката за промена на барател кога барањето се однесува за бесправна доградба или надградба на легален објект а е извршена промена на сопственоста на легалниот дел од објектот, при што покрај договорот за купопродажба како основ за промена се предвидуваат и договор за дар, договор за отстапување на имот за време на живот и договор за доживотна издршка.

Со одредбите од членовите 2, 3, 4, 5, 6, 7 и 8 од Предлог законот се предвидува да се утврди правен статус и на бесправни објекти изградени на земјиште сопственост на друго физичко или правно лице односно сосопственост на барателот и друго физичко или правно лице, а барателот нема склучено договор за долготраен закуп на земјиштето со сопственикот односно сосопственикот на земјиштето или нема доставено изјава заверена на нотар со која сопственикот односно сосопственикот на земјиштето изјавува дека е согласен да се утврди правен статус на бесправниот објект и истиот да се запише во јавните книги за запишување на правата на недвижности на име на барателот, доколку во моментот на изградбата на бесправниот објект, земјиштето било во сопственост на Република Македонија.

Во овој случај се предвидува барателот да достави уверение за движење за земјиштето на кое e изграден објектот и изјава заверена на нотар, дадена под кривична и материјална одговорност, во која ќе потврди која година е изграден објектот, при што доколку се оспори изјавата од страна на сопственикот на земјиштето или неговиот наследник постапката ќе се прекине се додека не заврши постапката во која се утврдува вистинитоста на изјавата.

Исто така се предвидува во овој случај правосилното решение за утврдување на правен статус на бесправен објект задолжително да се објавува во Службен весник на Република Македонија и во дневен весник а еден примерок од решението да се доставува и до сопственикот односно сосопственикот на земјиштето, доколку надлежниот орган располага со податоци за истите. (член 11)

Со членот 13 се предвидува сопствениците на земјиштето или нивните наследници на кое e изграден бесправен објект за кој е донесено решение за утврдување на правен статус во корист на друго физичко или правно лице, да имаат право да побараат од сопственикот на објектот или неговите наследници, да им ја надоместат пазараната вредност на земјиштето, а доколку вредноста на земјиштето е поголема од вредноста на објектот, а не се работи за објект за домување или објект од јавен интерес, сопствениците на земјиштето и нивните наследници, имаат право да побараат да им припадне сопственоста на објектот со обврска да му ја надоместат вредноста на објектот на сопственикот на објектот или на неговите наследници, при што доколку не ги остварат своите права во договор со сопственикот на објектот или со неговите наследници, имаат можност своите права да ги остварат во судска постапка.

При утврдување на вредноста на земјиштето, во предвид се зема пазарната цена во моментот на поднесување на тужбеното барање доколку тужбеното барање е поднесено во рок од 20 години од денот на објавувањето на решението за утврдување на правен статус во Службен весник на Република Македонија, а доколку е поднесено по истек на рокот од 20 години во предвид се зема пазарната цена утврдена на денот на објавувањето на решението за утврдување на правен статус во Службен весник на Република Македонија.

Доколку сопствениците на земјиштето и нивните наследници не поднесат барање за заштита на своите права во рок од 20 години од објавувањето на решението за утврдување на правен статус на бесправен објект во Службен весник на Република Македонија, сопственикот на објектот или неговите наследници имаат право во судска постапка да се стекнат со сопственост на земјиштето на кое е изграден објектот.

Во насока на заштита на правата на сопственикот на земјиштето се предвидува сопственикот на објектот или неговите наследници да можат да се стекнат со право на сопственост само на земјиштето кое е составен дел на градежна парцела на кое е изграден објектот за кој е донесено решението за утврдување на правен статус, освен доколку поинаку не ги уредат односите со сопствениците односно соспоствениците на земјиштето или нивните наследници, а во случаите кога на иста градежна парцела покрај објектот за кој е донесено решение за утврдување на правен статус се наоѓа и објект на сопственикот на земјиштето односно на неговите наследници или пак е предвидена површина за градење согласно урбанистичко-планската документација, да можат да се стекнат со право на сопственост само на земјиштето под објект.

Исто така се предвидува горенаведените решенија да се применуваат и во случаите кога земјиштето на кое изграден беспарвниот објект е приватизирано или вратено со денационализација по поднесување на барање за утврдување на правен статус.(член 14)

Имајќи во предвид дека согласно горенаведените измени се предвидува утврдување на правен статус на бесправен објект изграден на земјиште кое е приватна сопственост на други физички или правни лица, беспредметно е при утврдување на правен статус на бесправен објект кој е изграден на земјиште сопственост на Република Македонија а со право на користење на други правни или физички лица да се доставува изјава дека земјиштето  се користи од страна на барателот повеќе од 20 години, поради што со предложените измени за ваквите правни ситуации се овозможува да се утврди правен статус на објектот без доставување на изјава за користење на земјиштето.

Со членот 9 се врши допрецизирање на членот 18 од законот по однос на бесправните објекти изградени на земјиште на кое согласно важечката урбанистичко-планска документација е предвидена изградба на сообраќајна инфраструктура и се утврдува дека одредбите од овој член со кои е предвидена согласност од органите во ставовите 6 и 7 на овој член, не се применуваат за наведените објекти, од причина што согласно член 12 став (2) од законот при утврдување на исполнетоста на условите за издавање на урбанистичка согласност за овие објекти не се зема во предвид намената утврдена во важечката планска документација и овие објекти не се вклопуваат во планската документација, поради што се врши допрецизирање на одредбата како не би се појавиле различни толкувања при примена на истата.

Со членот 10 се врши допрецизирање на одредбите за изготвување на заклучок за плаќање на надоместок за утврдување на правен статус во смисла на тоа дека во овој заклучок не се утврдува рок за плаќање на надоместокот.

Со Предлог – законот се предвидува и нов рок за поднесување на барање за утврдување на правен статус на бесправните објекти кои се изградени заклучно со 3 март 2011 година односно до истиот период кој важи и за објектите за кои се поднесени и претходните барања, поради барањата на граѓаните кои не успеале да поднесат барање во претходно утврдениот законски рок, да се продолжи рокот за поднесување барање.

Едновремено се утврдува рок за доставување на геодетски елаборати за новите барања (31 декември 2017 година) а за објектите за кои претходно е поднесено барање за утврдување на правен статус, се продолжува рокот за доставување на геодетски елаборати, кој истекува оваа година и како краен датум за доставување на истите се утврдува 31 декември 2016 година.

М.В