/ Прочитано:

2.398

Без почитување на правото на слобода, не може да постои владеење на правото

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка и со финансиска поддршка на Инструментот за техничка помош и размена на информации (ТAIEX) на Европската комисија, организира работилница на тема „Правото на слобода и безбедност во кривичната постапка“.

Целта на оваа работилница, истакна директоркатана Академијата за судии ијавни обвинители, Анета Арнаудовска, е споделување на најдобрите практики на ЕУ во поглед на заштитата на правото на слобода и безбедност во кривичната постапка регулирано со член 5 од Европската конвенција за човекови права во кривична постапка.

Во врска со прашањето заправото на слобода и безбедност во кривичната постапка ,на денешната работилница експерти од Хрватска и Бугарија ги споделуваат своето знаење и искуство во поглед на заштитата на правото на слобода и безбедност во сите судски налози за притвор пред судење и други мерки според кривичното процедурално право, насочени кон обезбедување на лица во кривична постапка.

Исто така, експертите на денешниот настан ги споделуваат и најдобрите практики за изготвување на судски налози и при спроведување на ЕУ-директивите за процедурални права, а во таа насока говореа и за член5 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Свое излагање на денешната работилница има и Билјана Коцевска, судија на Основен суд Скопје 1. Судијката Коцевска вели дека Европската конвенција е еден од најзначајните меѓународни документи за заштита на човековите права и дека вредностите, целите и нормативата која произлегува од Конвенцијата се инкорпорирани и во македонското законодавство.

„Во член 118 од Уставот на Република Македонија е пропишано дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“, подвлече судијката Коцевска.

Судијата Коцевска истакнува дека ратификацијата на Конвенцијата и упатувањето кон неа како правообврзувачки документ не значидека во практиката не се повредува оваа конвенција, за што најдобра потврда се постапките штосе водат пред Европскиот суд за човековите права.

Треба да се констатира, вели судијката, дека и голем број апликации пред ЕСЧП се отфрлени бидејќи апликантите не ги исцрпеле сите правни лекови и механизми за заштита на своите права. Тоа, посочува судијката, говори дека граѓаните не се доволно информирани во поглед на постапката пред ЕСЧП, што придонесува занеможноста да остварат заштита на своите права пред Судот во Стразбур.

Во поглед на член 5 од Конвенцијата кој се однесува на правото на слобода и безбедност, а во кој се пропишува дека секој човек има право на слобода и на безбедност, судијата Коцевска подвлекува дека „слободата“ како поим во овој член кореспондира со физичката слобода на поединецот. Судијката Коцевска појаснува дека Законот за кривичната постапка низ бројни одредби е во корелација со член 5 од Конвенцијата.

Овие одредби од ЗКП се однесуваат на ограничувањето на слободата напоединецот, лишувањето од слобода, притворот кој претставува мерка на процесна присилба и има за последица привремено ограничување на слободата на лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело. Во таа насока, вели судијката, секој има право на правично судење, судење во разумен рок и право на отштета и рехабилитација.

„Правото на слобода е многу важно за едно демократско општество и од тие причини на ова право му се дава големо значење во Европската конвенција, но и во практиката на Европскиот суд за човековите права“, истакнува судијката Коцевска.

Надоврзувајќи се на излагањето на судијката Коцевска, хрватските експерти д-р Марин Мрчела, судија во Врховниот суд на Република Хрватска и претседател на Групата држави против корупција (ГРЕКО) и ДраженТрипало, судија во Врховниот суд на Република Хрватска, посочуваат дека според член 5 од Конвенцијата никој не смее да биде лишен од слобода, освен врз основа на закон и  случаи утврдени во Европската конвенција за заштита на човековите права.

Европскиот суд за човековите права, посочуваат експертите, истакнува дека член 5 од Конвенцијата заштитува основно човеково право чијашто основна цел е да се гарантира заштитата на индивидуалната физичка слобода против своеволно притворање. Правото на слобода и безбедност е во првиот ред на основните права што ја заштитуваат физичката безбедност на поединецот.

Ваквите гаранции, подвлекуваат хрватските судии, мора да бидат составен дел и од домашното казнено законодавство, но тие гаранции мора да се почитуваат и низ судската практика, затоа што тоа, всушност, е духот на она што претставува Европскиот суд за човековите права.

Во таа насока, хрватските експерти Мрчела и Трипало нагласуваат дека секоја неусогласеност на националниот закон со Конвенцијата значи и неусогласеност на националниот закон со начелото на владеење на правото, начелото на уставноста и законитоста и начелото на монизам на националното и меѓународното право.

„Практиката на Европскиот суд за човекови права претставува најзначајниот облик на толкување на Европската конвенција за заштита на човековите права и сите прописи што се во сила се наоѓаат под неа“, истакнува хрватскиот судија Мрчела.

Марија Димитрова, владин претставник за застапување пред Европскиот суд за човекови права одМинистерството за правда на Република Бугарија, вели дека спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права е приоритет.

„Државата мора да ги почитува пресудите и да се придржува до механизмот на Конвенцијата за заштита на човековите права и владеењето на правото. Ефективното спроведување осигурува помалку пријави до судот, поголемо признавање на обичајното право на судот на национално ниво, помало влијание на државниот буџет и севкупно подобар имиџ за земјата“, вели Димитрова.

М.В