/ Прочитано:

9.154

БИТОЛСКИТЕ АДВОКАТИ ГО ОДБЕЛЕЖАА 40-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ

Традиционално Адвокатската заедница Битола го одбележува 16 декември како Денот на битолската адвокатура.

akademik foto

Никола Главинче, претседател на АЗ Битола

Оваа година одбележувањето беше јубилејно бидејќи пред 40 години за прв пат адвокатите од Битола формално-правно се организирале во Општинската адвокатска организација.

Одлуката за регистрација е донесена од сите 18 адвокати кои во тој период имале своја адвокатска канцеларија во Битола, а основачи и потписници на Статутот се членовите на Иницијативниот одбор, односно адвокатите: Сотир Главинче (претседател), Илија Кочовски (секретар), Гоце Милошевски (благајник), Александар Ѓузелковски, Петар Ефтимски, Петро Чаламани, Михаил Георгиев, Целе Ангеловски, Наум Чомовски и Радојица Неќак.

Како основни цели на организацијата биле запишани: зачувување и промоција на угледот и достоинството на адвокатската професија, организирано дејствување на адвокатите и поголема интеграција во јавниот живот, стимулирање на младите правници да се вклучат во адвокатската професија, формирање на солидарен фонд за непогоди, доделување на признанија по повод јубилеи и пензионирање.

akademik foto

„Сега, четири децении подоцна, преку Адвокатската заедница Битола во овие современи услови, кога бројот на адвокати во Битола е 148, овие цели утврдени од нашите претходници се обидуваме да ги надградиме и да ги адаптираме на денешните прилики“, истакнува претседателот на АЗ Битола, Никола Главинче.

На овој собир, присуствуваше и делегација од збратимената Адвокатска комора од Крагуевац, Р Србија, и тоа: Звонко Марковиќ, адвокат од Крагуевац и претседател на АК Крагуевац, Борис Рибаровски, адвокат од Параќин и заменик-претседател, Милован Стојановиќ, адвокат од Јагодина, и Милица Симиќ, адвокат од Чуприја. По повод јубилејот гостите од Србија на своите колеги им подарија уметничка слика.

akademik foto

На собирот беа поздравени адвокатите што одбележуваат јубилеи во вршењето на адвокатската работа, и тоа: 15 години континуирана работа – адвокат Дарко Стефановски; две децении во адвокатурата – адвокат Даница Анѓелевска, адвокат Корнелија Димитровска, адвокат Милка Димовска; адвокат Никола Средовски; сребрен јубилеј, 25 години работа како адвокат – адвокат Татјана Аговска, адвокат Петраки Пинза, адвокат Благој Чичоновски и редок јубилеј, 30 години континуирана работа како адвокат – адвокат Ѓорѓи Пили и адвокат Никола Стојков.

Оваа година во Битола адвокатурата како професија ја одбраа и неколкумина нови адвокати кои во сесиите на Адвокатската комора на РМ се запишаа во именикот на адвокати со седиште на канцеларијата во Битола: адвокат Коста Додовски, адвокат Марија Петровска, адвокат Симона Пажик, aдвокат Александар Наумовски, адвокат Кире Давков, адвокат Здравко Камбовски и адвокат Радица Ѓоршевска-Кајчевска.

akademik foto

Исто така, оваа година 6 адвокати ја завршуваат својата адвокатска кариера. Иако заминуваат во пензија, тие остануваат нераскинлив дел од нашата фела и средина. Тоа се адвокат Светозар Атанасовски, адвокат Олга Темелковска, адвокат м-р Васко Михајлов, адвокат Петар Георгиев-Калица, адвокат Видан Анѓелковски и адвокат Елизабета Јоцевска.

Во знак на благодарност за успешното вршење на адвокатска дејност и во знак на сеќавање, останатите активни адвокати преку Адвокатска заедница им подаруваат по еден симбол – монета со симболот на правото и правдата.

Присутните, меѓу кои и претседателот на Основниот суд Битола и неколкумина судии на судот, ги поздрави Никола Главинче, претседател на Адвокатската заедница Битола, кој укажа на неопходноста да се продолжи и да се збогати наследената професионална традиција на адвокатурата во Битола со континуирано, совесно, професионално постапување од адвокатите како фактор кој се бори за промоција и заштита на човековите слободи и права.

akademik foto

„Само преку примена на највисоките етички и морални вредности на адвокатот, адвокатурата ќе го зачува и ќе го промовира својот углед. Се надевам  дека последните измени на Законот за нотаријат и останатите измени кои се најавени во повеќе закони ќе дадат придонес за јавната перцепција и значењето на адвокатската професија“, истакна претседателот на АЗ Битола, Никола Главинче, кој повика на постојана активност на адвокатите во телата на АКРМ и АЗ со цел адвокатот да го артикулира својот став за сите правни и општествени прашања бидејќи тоа е една од улогите на адвокатурата која и во Уставот е определена како независна и самостојна јавна служба.

„Ја вршиме најубавата професија на светот“ – битолските адвокати го одбележуваат Денот на битолската адвокатура

M.В