/ Прочитано:

1.445

Близу 400 илјади евра од државната каса за одлуки на Стразбур во 2014 година

Република Македонија за 2014 година, врз основа на пресуди и одлуки на Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП), има обврска да исплати 390.112 евра од Буџетот. Иaко според Годишниот извештај на Бирото за застапување пред ЕСЧП најголемиот број и од пресудите донесени лани се однесуваат на повреди на членот 6 од Европската конвенција за човекови права од аспект на судење во разумен рок, владиниот агент  Костадин Богданов за Академик појаснува дека станува збор за последниот пакет од апликации примени во изминатите години за предмети што се воделе по старите законски решенија. „Поради ова, можам да констатирам дека всушност доминираат предмети што се однесуваат на другите аспекти. Граѓаните стануваат свесни и за другите права што им се заштитени со Конвенцијата“, истакнува тој. Идентичните и стереотипни решенија за притвор остануваат слаба точка на македонските судии – во најава измени на Законот за кривичната постапка.

Судот во Стразбур лани одлучил во 61 предмет што се однесува Македонија – 9 се пресуди, а останатите се одлуки од кои: 23 за пријателско решавање на предметите, 21 по еднострани декларации, 4 за недопуштеност на жалбите и 5 за отфрлање од листатa на предмети. 

„Голем дел од предметите (67%) завршиле со утврдени повреди на правата од Конвенцијата, или, пак, со одлуки на Судот во кои се констатирало пријателско спогодување со странките, во недостиг на аргументација за одбрана на државата. Со признание на државата дека правата биле повредени (еднострани декларации) завршиле 21% од предметите“, се констатира во Извештајот на Бирото за застапување пред ЕСЧП во 2014 година.

Притоа од 9 пресуди во дури 6 се констатирани повреди на правата гарантирани со Конвенцијата. Имено, во 1 пресуда е констатирана повреда на членот 6 од Конвенцијата од аспект на правото на правично судење, додека, пак, во 3 пресуди има повреда на членот 6 од аспект на судење во разумен рок. Во 1 пресуда констатирана е повреда на членот 5 од Конвенцијата – правото на слобода и безбедност. Во една од пресудите, пак, констатирана е повреда на членот 1 од Протоколот 1 од Конвенцијата.

Во 2014 година биле распоредени нови 382 жалби против Република Македонија до одредено тело за одлучување во рамките на Судот. Значаен дел од поднесените жалби отпаѓаат од разгледување од различни, пред и се, процесно-формални причини.

По 25 години судска голгота – правда во Стразбур

Рекордер во неразумно траење на постапката, од ратификацијата на Конвенцијата во 1997 до денес, е предмет за делба на имот кој се влечел низ македонските судови цели 33 години. Најдолго траење на постапката и прекршување на правото на судење во разумен рок во пресудите донесени минатата година, пак, е утврдено во предметот „Штерјов и други против Република Македонија“. По 25 години судење во македонските судови, 15 жалители, вклучени во оваа постапка, правдата ја најдоа во Стразбур. Македонија е  задолжена да им исплати вкупно околу 60.000 евра.

„Ова е последен поголем пакет од предмети што се однесуваат на судење во разумен рок и што се воделе по старите законски решенија. Од информациите што ни пристигнуваат од Судот во Стразбур, нови предмети по новите законски решенија засега нема. Всушност, целта на новите закони за парнична и кривична постапка е забрзување на постапката, што значи дека според структурата на предмети доминираат такви кои се однесуваат на други аспекти на  фер судење, како на пример: еднаквост на оружјата, пристап до суд и сл.“, објаснува владиниот агент Богданов.

Поради идентичните притворски решенија ќе се менува ЗКП

Идентичните и стереотипни решенија за притвор на македонските судии и лани актуелни во Стразбур. За неосновано држење во притвор,  за 2014 година запаметена ќе остане пресудата за Миладинови. Македонија е задолжена на браќата Димитрија и Ѓорѓи Миладинови, како и на Димитрија Голабоски, осудени во случајот „Изгрев“ да им исплати три илјади евра отштета поединечно и 1.350 евра за судски трошоци. Миладинови во притвор поминаа 23 месеци.

И во другите одлуки на Стразбур, кои се однесуваат на притвор, образложенијата за тоа зошто го изгубила спорот Македонија упатуваат на недоволно образложени причини во судските решенија за продолжување на притворот.

Богданов истакнува дека македонските судови не треба да се повикуваат само на законските основи, без притоа да дадат конкретни и доволни причини за секој основ посебно.

„Ние, како Биро, сработивме посебна анализа на членовите на ЗКП кои се однесуваат на притворот со цел во целост да ги усогласиме со практиката на Европскиот суд за човекови права. Таа анализа беше доставена на усвојување до Владата на РМ. Комисијата што работи на измените на ЗКП е задолжена да ги имплементира во новите предлог-измени на Законот“, открива владиниот агент.

Богданов додава дека за неколку месеци Бирото ќе започне со издавање на билтен наменет за судиите и обвинителите во кој подробно ќе се анализираат одредени пресуди на Судот за човекови права, а се со цел ослеснување во примената на праксата на Стразбур од страна на македонските судии.

Голем дел од жалителите се спогодиле со државата

Во 2014 година најголем дел од предметите против Македонија завршиле со пријателска спогодба, во согласност со можностите што ги дава Европската конвенција за човекови права. ЕСЧП, покрај тоа што ја иницира постапката за разрешување на предметите на овој начин, едновремено ја утврдува и предлог-сумата за спогодбата, која лани се движела во рамки од 850 до 5.000 евра по жалител. Од вкупната сума што треба да се исплати за одлуки на Стразбур во 2014 година, 231.720 евра отпаѓаат на пријателски спогодби.

„Важно е да се спомене дека како и низ изминатите години така и во 2014 година, ЕСЧП е оној кој ја иницираше постапката за спогодбено решавање на предметите. Имено, Судот на двете засегнати страни во случајот, уште на самиот почеток на постапката за предметите кои се однесуваа на повреда на правото на судење во разумен рок, им излезе со понуди за пријателско спогодување. Притоа со потпишувањето на изјавата страните се обврзуваат:

а) Владата: дека ќе му ја исплати наведената парична сума на жалителот на име пријателска спогодба,

б) жалителот: дека од своја страна ќе се откаже од какви било барања кон Република Македонија по однос на кои било факти – предмет на жалбата, и прифаќа дека ваквата спогодба претставува конечно решавање на спорот“, се појаснува во Годишниот извештај.

Според анализите на Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП, утврдените суми соодветствуваат на компаративната практика во досегашните пресуди што се однесуваат на Македонија, каде што во основа се земаат предвид времетраењето на постапувањето пред домашните судови, сложеноста на случајот и засегнатиот интерес на жалителот во предметната постапка.

„Тргнувајќи од нагорниот тренд во користењето на пријателското спогодување за разрешување на предметите против РМ пред ЕСЧП, важно е да се потенцира дека општиот аргумент што му оди во полза на ваквиот начин на разрешување на предметите е дека конечната одлука на Судот во овие случаи е одлука со која предметот се симнува од листата на предмети на Судот, при што не се констатира повреда на правата од Конвенцијата од страна на државата“, се вели во Извештајот

Еднострани декларации

Во случаите во кои жалителите ја одбиле предлог-пријателската спогодба Владиниот агент, користејќи ја претходно востановената пракса на Европскиот суд, по пат на еднострана декларација, во име на Владата ја признава повредата на правото на судење во разумен рок и му понудува одредена сума како компензација за жалителот.

Во текот на 2014 година Владата изјавила 21 еднострани декларации за кои биле исплатени 101.942 евра.

При изјавувањето на овој вид декларации, износот на претходнопонудената сума за пријателската спогодба (а врз основа на овластување на Владата) се намалува за 10% (за едностраните декларации изјавени по 1 септември 2012 година), ценејќи дека тоа е нужно со оглед на признанието за сторената повреда на правата на жалителот, кое се изјавува од страна на Владата.

Значаен дел од  жалбите отпаѓаат уште при разгледување

Од ратификација на Европската конвенција за човекови права, а заклучно со 31.12.2014, Владиниот агент на Република Македонија, постапувал по вкупно 681 предмети по поднесени жалби до Европскиот суд за човекови права Судот. До лани завршени се 512 предмети, а во постапка пред ЕСЧП останале  169 активни предмети. 

Во 2013 година Македонија беше обврзана да исплати 482 илјади евра за одлуки на Стразбур. Најголемата сума, 638.025 евра, е утврдена во 2010 година.

Бројот на жалбите кои секоја година стигнуваат пред Судот во Стразбур е многу поголем од предметите кои всушност се земаат во работа, бидејќи значаен дел од поднесените жалби отпаѓаат при разгледување од различни, пред и се, процесно-формални причини. 

За 2014 година биле распоредени нови 382 жалби против Република Македонија до одредено тело за одлучување во рамките на Судот. 

>> „Поради слабата правничка едукација се губат спорови во Стразбур“ – ТРАЈЧЕ ТОРОВ, адвокат со над 30 случаи добиени пред Европскиот суд за човекови права


Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk

Oбјавено: 03.04.2015