/ Прочитано:

1.403

Богов: Банките работат нормално и нема никаква причина за загриженост

Понеделник, 29 јуни 2015 – Ситуацијата во банкарскиот сектор во Македонија е нормална. Банките, дури и оние во сопственост на доминантни грчки акционери, работат нормално и редовно и нема никаква причина за загриженост, изјави денеска гувернерот на Народната банка, Димитар Богов. 

На прес-конференцијата свикана попладнево во Народната банка, Богов нагласи дека банкарскиот сектор во Македонија е отпорен на секаков шок што може да се случи поради ситуацијата во Грција.

„Во минатото преземавме неколку мерки, односно како прво во Законот за банки имаме ограничување според кое домашните банки не може да се изложуваат кон матичните групации повеќе од десет отсто од својот капитал. Пред две години донесовме и една макропрудентна мерка со која за секоја изложеност кон земји што имаат кредитен рејтинг понизок од Б- банките веднаш ќе мораат да издвојат 50 проценти резервација “, рече  Богов.

Вчера донесена е уште една мерка која целосно ги затвора вратите за можен одлив на капитал од Македонија кон Грција.

„Иако не очекуваме дека ќе има такви обиди, сепак, за да бидеме на сигурно, ја донесовме таа одлука со која продолжува нормалното работење меѓу македонски и грчки фирми како и досега. Единствено, сега нема да може да се даваат позајмици и вложувања од Македонија кон Грција“, истакна Богов.

Тој потенцира дека нема повлекување на депозити и оти сите банки и банкомати во државата работат нормално. Што се однесува до македонските граѓани кои во моментот летуваат во Грција, Богов рече дека тие можат да повлечат пари од банкоматите онолку колку што им е лимитот зададен од матичната банка.

„Тие може да подигнуваат пари од банкоматите во Грција, во согласност со лимитите што им ги има поставено нивната матична банка, односно издавачот на картичката. Лимитите што важат во Грција не се однесуваат на нив“, појасни гувернерот на Народната банка.

„Доколку дојде до крах на банкарскиот систем во Грција, тоа нема да се одрази во Македонија“

Според Богов, доколку пропадне банкарскиот сектор во Грција, тоа нема да се одрази врз домашниот банкарски сектор.

„Доколку дојде до крах на банкарскиот систем во Грција, тоа ќе биде многу лоша ситуација за грчката економија, меѓутоа во Македонија тоа нема да се одрази воопшто. Нашиот банкарски систем ќе продолжи да функционира без никакви последици. Оние банки кои се во грчка сопственост, се домашни банки кои работат според нашата регулатива и тие ќе продолжат да работат. Единствено може да го променат сопственикот“, потенцира гувернерот Богов.

Народната банка на Република Македонија објави дека презема неколку заштитни мерки со привремен карактер. Мерките се воведуваат со рок на траење најмногу од шест месеци, а се однесуваат на ограничување на капиталните одливи од резидентите на Република Македонија (физичките и правните лица) кон грчките субјекти врз основа на новосклучени капитални трансакции, но не и на ограничување на одливите врз основа на пристигнати плаќања за веќе склучени капитални трансакции. Мерките се преземени по одлуката на Европската централна банка да го замрзне нивото на вонредна ликвидносна поддршка, имајќи го предвид непродолжувањето на Програмата на ЕУ за приспособување на Грција и ризикот за неизвршување од страна на Грција на отплатите по долгот кои достасуваат на 30 јуни, откако грчката влада одлучи да одржи референдум за условите на нејзината програма со кредиторите, што значи исклучување на банките од Република Грција од Програмата на Европската централна банка за итна ликвидносна поддршка.

>> НБРМ ВОВЕДЕ ПРИВРЕМЕНИ МЕРКИ: Банките да ги повлечат депозитите од Грција!

Стопанска банка: Сигурноста и стабилноста на депозитите останува на највисоко ниво

Стопанска банка АД Скопје денеска соопшти дека како независно правно лице кое работи во рамки на македонската законска регулатива, целосно почитувајќи ги мерките на Народната банка на РМ, продолжува со извршување на редовните банкарски активности.

Oд Банката потенцираат дека  сигурноста и стабилноста на депозитите останува на највисоко ниво.

„Високата капитална и ликвидносна позиција на Банката, која е изградена во досегашниот период како гарант на сигурноста и стабилноста на Банката, ќе биде зајакната со најавената одлука за зголемување на капиталот за дополнителни 35 милиони евра. Со тоа Банката продолжува да биде еден од основните столбови на банкарскиот систем и економијата во земјата“, се вели во соопштението.