Човекот што фрлаше јајца врз автомобилот на Груевски, ќе се брани од слобода
Понеделник, 26 ноември 2012 – Таулант Цапа, кој во петокот фрлаше јајца врз автомобилот на премиерот Никола Груевски за време на посетата во Тирана, е пуштен на слобода со обврска редовно да се јавува во судот за евиденција, јавува агенцијата „Балканвеб“. Судијата Бесник Хоџа, на денешното рочиште во судот во Тирана, при донесувањето на ваквата одлука го зел предвид барањето на Цапа да биде пуштен на слобода и ветувањето дека ќе биде во земјата и редовно ќе се јавува во судот.
Цапа е обвинет за „насилни дејствија врз меѓународни функционери“.
Тој за албанските медиуми веднаш го призна делото кое како што изјави го направил во знак на револт заради „непочитувањата на правата на Албанците во Македонија и дискриминаторската политика на Груевски кон нив“. Албанската полиција го уапси десеттина часа по инцидентот.
Според неговите изјави за тамошните медиуми, потекнува од Дебар, а студирал и сега живее во Тирана, каде е член на Граѓанската партија.