Д-р Марин Мрчела, претседателот на ГРЕКО: Може да се има доверба само во судија кој со своето однесување покажува најголеми морални доблести
За да им веруваат граѓаните на судиите, мора да имаат доверба во нив, им порача судијата во Врховниот суд на Хрватска и претседател на Групата држави против корупција (ГРЕКО), Марин Мрчела на слушателите на почетната обука од 6-та генерација на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“.
Не е важно само како судијата се однесува во судницата, туку и надвор од неа
„Судиите се чувари на законитоста и граѓаните им се обраќаат на судиите како на последни кои одлучуваат за нивните права и слободи. Затоа постои изреката ’ако не можеш на судиите да им веруваш, тогаш на кого’. За да му веруваш на судијата, мора да се има доверба во него, а доверба може да се има во судијата единствено ако тој со своето однесување покажува не само почитување на законитоста, туку и непристрасност и најголеми морални доблести“, им порача судијата во Врховниот суд на Хрватска и претседател на Групата држави против корупција (ГРЕКО), Марин Мрчела, на слушателите на почетната обука од 6-та генерација на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“.
Судиите, истакна Мрчела во своето прeдавaње, мора во потполност да бидат одвоени од политиката и не смеат да искажуваат никакви свои политички определби, бидејќи со тоа го губат впечатокот за непристрасност.
„Од големо значење за судиите и обвинителите е непристрасноста. За непристрасноста не е важно само како судијата се однесува во судницата, туку и надвор од неа. Тука не е само во прашање односот со луѓето што се појавуваат, како што се, на пример, адвокатите, туку и појавувањето во јавноста во кој било облик“, истакна Мрчела.
Претседателот на ГРЕКО во своето предавање го посочи и проблемот со коментирањето на судиите на социјалните мрежи и на „Фејсбук“ за политичките случувања. Според Мрчела, судиите не треба да го прават тоа, затоа што, како што подвлече, веднаш се ставаат на една или на друга страна.
Повеќе посветеност во проучувањето на етиката
„Ние во ГРЕКО препорачуваме континуирано образование и континуирано усовршување затоа што сфативме дека правните факултети не го покриваат доволно тоа подрачје, а и ако го покриваат – светот се менува, доаѓаат нови ситуации, тие бараат ново образование. Доаѓаат нови технологии или нови ситуации. Кога сме студирале ние, немаше ‘Фејсбук’. Значи, немаше проблеми околу тоа дали судијата може да користи ‘Фејсбук’. Сега се поставува прашањето и за судиите и за обвинителите и за адвокатите и за парламентарците – во која мера може да користат ‘Фејсбук’ и дали е воопшто примерно за судијата да објавува јавно – ‘Еве, сега јас сум на плажа, се сончам и еве ме во слика со костим за капење’. За политичарите е разбирливо – тие сакаат да ѝ се допаднат на јавноста и на избирачите, но прашањето дали треба да се промовираат судиите на начин да се допаднат некому е прашање за проучување. Според тоа, секоја едукација е добредојдена. Ако имаат такви едукативни можности правните факултети, каде што ќе се изучуваат не само етички прашања, туку и прашања што можат да повлечат судир на интереси, тоа би било од голема корист и би имало големо значење. Правната филозофија и етика се нешто што би требало да го знае секој правник“, истакна Мрчела во интервјуто за Академик.
М.В