/ Прочитано:

4.286

Д-р Наташа Најденова-Левиќ, адвокатка, за проблемите во остварувањето на правото на видување на детето со родителот со кој не живее

Имајќи ги предвид слабостите и проблемите кои се јавуваат во постапката на уредување на личните односи и непосредни контакти на детето со родителот со кого не живее, сепак најголем проблем претставува извршувањето на решенијата за видување на центрите за социјална работа. Со измените на Законот за семејството од 2004 година беа воведени членовите 14-а и 14-б, со кои беа предвидени службени лица – извршители кои беа овластени за спроведување на извршувањето на решенијата на центарот за социјална работа. Легитимацијата за нивната работа беше предвидено да ја издава министерот за труд и социјална политика. Меѓутоа, овие одредби не заживеаја бидејќи беа укинати со измените од 2006 година., вели во интервјуто за Академик, Д-р Наташа Најденова-Левиќ, адвокатка.

akademik foto

Адвокатке Наташа Најденова-Левиќ, остварувањето на видувањата на малолетното дете со родителот со кого не живее е право што му припаѓа на секое дете и право и обврска на секој родител. Што покажува практиката, со какви проблеми се соочуваат лицата што имаат потреба да го остварат ова право?

Прашањето за уредување на видувањата меѓу малолетното дете и родителот со кого не живее детето се поставува во случаите кога родителите се во брак, но живеат одвоено, или кога бракот е разведен, или кога е детето родено надвор од брак, а родителите не живеат заедно и сл., а родителите не можат да се договорат околу одржувањето на личните односи и непосредни контакти со детето. Во таков случај решение за определување на динамиката за остварување на личните односи и непосредни контакти донесува надлежниот центар за социјални работи.
Случаите од праксата покажуваат дека има проблеми во реализирањето на ова право, на пример: во брзината на постапувањето на надлежниот центар за социјални работи и регулирањето на видувањата, потоа во динамиката, односно зачестеноста на контактите меѓу детето и родителот со кого не живее детето, потребата од јасно дефинирање на надлежностите на сите органи и институции што работат на оваа проблематика, особено од аспект на извршувањето на решенијата на центрите за социјална работа и слично.

Како адвокат, би ни посочиле ли некои примери од практиката?

Како адвокат со повеќегодишна приватна пракса, имам искуство во оваа проблематика, работејќи во неколку вакви предмети. Преку мојата практична работа, но и преку искуствата на други родители кои го имале конкретниот проблем, знам дека постојат реални проблеми во реализирањето на ова право на детето, а право и обврска на родителот.
Во 2009 година во јавноста доста се пишуваше за случајот на Спаска Митрова од Гевгелија, на која ѝ беше изречена казна затвор од 3 месеци за кривично дело- одземање малолетник бидејќи не му дозволувала на поранешниот сопруг да го посетува нивното дете. Исто така, познат е и случајот на пензионираниот судија на Врховниот суд на Република Македонија, Александар Бошњаковски, кој неовластено ја одзел својата внука Александра Бошњаковска од нејзината мајка, на која со правосилна пресуда ѝ било доверено детето на чување и воспитување. Овој случај предизвика внимание, но и реакција на домашните и меѓународните организации за правата на децата. Малолетната Александра беше посочена како жртва на неразумните постапки на родителите и на бавниот и слабофункционален институционален систем. Тука е, секако, и пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во случајот Митови против Република Македонија од 16 април 2015 година.

foto akademik

Кои се институционалните слабости кај надлежните органи во овој дел?

Во оваа смисла, најпрво мора да се потсети на многу важната улога на центрите за социјална работа во вршењето надзор над вршењето на родителското право. Тоа подразбира дека центрите се целосно опремени, во персонална и во техничка смисла, за да можат да одговорат благовремено и соодветно на сите предизвици во нивната работа. Меѓутоа, случаите во практиката покажуваат дека центрите за социјална работа се бавни во постапувањето и во донесувањето на решенијата; потоа, се чини дека предвидените термини се прилично арбитрарно определени, односно не постојат јасно дефинирани критериуми и потреби кои треба да се задоволат при определувањето на термините за видување (дали тие термини за видување ќе бидат двапати во неделата по четири часа или трипати со преспивање во викендите), во смисла дека треба да постои индивидуализирање во секој конкретен случај, што ќе биде образложено на јасен и аргументиран начин; потоа, не постои доволна координација и дефинирање на надлежностите на институциите кои треба да постапуваат при реализирањето на решенијата, пред сѐ, на центрите за социјална работа и на МВР итн. На дел од овие проблеми укажа и Европскиот суд за човекови права во пресудата во предметот Митови против Република Македонија.

Кои се законските слабости? Постојат ли недоречености и нејасности во семејното законодавство?

Имајќи ги предвид слабостите и проблемите кои се јавуваат во постапката на уредување на личните односи и непосредни контакти на детето со родителот со кого не живее, сепак најголем проблем претставува извршувањето на решенијата за видување на центрите за социјална работа. Со измените на Законот за семејството од 2004 година беа воведени членовите 14-а и 14-б, со кои беа предвидени службени лица – извршители кои беа овластени за спроведување на извршувањето на решенијата на центарот за социјална работа. Легитимацијата за нивната работа беше предвидено да ја издава министерот за труд и социјална политика. Меѓутоа, овие одредби не заживеаја бидејќи беа укинати со измените од 2006 година.

И Европскиот суд за човекови права во својата пресуда во предметот на Митови посветува големо внимание на образложување на заклучокот дека „властите не презеле никакви мерки во создавањето на потребните услови за извршување на овие решенија’’. Тоа значи дека прашањето за извршување на решенијата за видување, донесени од центрите за социјална работа, и понатаму постои како проблем што треба да се реши со соодветни решенија во законската регулатива.

akad 4

Како адвокат со значајно искуство од семејно-правната проблематика, дали сметате дека концептот на заедничко старателство и одговорно родителство и по развод, проследен со соодветни законски измени, би придонел за менување на ваквата состојба во позитивен контекст?

Според моето мислење, треба да се направат определени измени во законската регулатива. Иако и сега во Законот за семејството постои одредба што предвидува дека „родителите имаат еднакви права и должности кон своите деца (родителско право)’’, сепак, раководејќи се од сите предизвици кои се јавуваат во праксата во оваа смисла, веројатно, со тоа би им се олеснила и работата на надлежните органи -центрите за социјална работа – при донесување на решенијата за определување на видувањата, но исто така би постоела и определена гаранција дека, сепак, и двајцата родители во еднаква мера ќе учествуваат во животот и развојот на своите деца.

М.В / veljanoskim@akademik.mk