/Прочитано:

2.308

ДА СЕ ВРАТИ „СТАРОТО“ РАБОТНО ВРЕМЕ ИЛИ ДА СЕ ВОВЕДЕ ФЛЕКСИБИЛНО РАБОТНО ВРЕМЕ – УПОЗ ја реактивира Иницијативата

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија повторно ќе ја реактивира Иницијативата за враќање на „старото“ работно време, велат за Академик од УПОЗ. Претседателот на УПОЗ, Пеце Груевски, вели дека постојано од нивните членови, како од и граѓаните добиваат бројни прашања во врска со реализацијата на Иницијативата, како и барања што поскоро да се воведе работно време од 07:30 – 15:30 часот (летно работно време) и од 08:00 – 16:00 часот (зимско работно време) или да се определи флексибилно работно време во зависност од потребите на институциите.

Во иницијативата, Синдикатот на УПОЗ бара да се промени работно време, односно да се воведе работно време од 07:30 – 15:30 часот (летно работно време) и од 08:00 – 16:00 часот (зимско работно време) или да се определи флексибилно работно време во зависност од потребите на институциите. Од УПОЗ објаснуваат дека доставиле до Владата иницијатива за промена на работното време, откако претходно се расправало на работната група формирана од Економско – социјалниот совет на РМ.

Постигната согласност од сите заинтересирани страни

„За оваа иницијатива се расправаше на работната група формирана од Економско – социјалниот совет на РМ (составена од претставници на ресорните министерства, синдикатите и работодавачите). На седницата одржана на 21.11.2011 година едногласно е донесен заклучок дека промената на работното време согласно Иницијативата на Синдикатот на УПОЗ позитивно ќе влијае на усогласувањето на деловниот и приватниот живот на работното место. И покрај тоа што беше постигната согласност од сите заинтересирани страни, Владата на РМ не го зема ова во предвид и понатаму работното време во РМ остана непроменето, но негативностите од сегашниот распоред на работното време не исчезнуваат ниту пак се намалуваат со текот на времето, а нивните последици се се повидливи“, вели претседателот на УПОЗ, Пеце Груевски.

Во врска со прашањето за промена на работното време, УПОЗ направил и анкета меѓу членовите на Синдикатот на УПОЗ со главна цел да се идентификуваат проблемите во работната средина и истите да добијат приоритет.

„Новото“ работно време е контрапродуктивно

„Резултатите не беа изненадувачки – работното време (и потребата од промена на истото) и понатаму е на врвот на листата на барања на членовите на Синдикатот на УПОЗ, нормално, заедно со потребата од зголемување на платите“, истакнуваат од УПОЗ.

Според податоците на анкетата, над 75 проценти од испитаниците опфатени со анкетата, се изјасниле за менување на работното време, односно, како што велат од УПОЗ, сметаат дека „новото“ работно време е контрапродуктивно.

„Пристојно работно време“

Прашањето за флексибилното работно време се елаборира и од страна на Меѓународната организација на трудот, во публикацијата „Пристојно работно време – Урамнотежување на потребите на работниците со барањата на работното место“.„Нефлексибилното“ работно време и ограничената грижа за децата одат во насока на зајакнување на традиционалната поделба на трудот во семејството, а пристојното работно време им помага на работниците да постигнат подобра рамнотежа меѓу работата и приватниот живот, се вели во Публикацијата.

ПРИСТОЈНО РАБОТНО ВРЕМЕ: Флексибилно работно време како рамнотежа помеѓу работата и семејството

М.В / veljanoskim@akademik.mk