/ Прочитано:

1.217

ДЕБАТА ЗА СПЕЦИЈАЛНИОТ ОБВИНИТЕЛ: Автономијата и стручниот тим се нужност

Автономија и стручен тим се главните адути кои треба да му се обезбедат на специјалниот обвинител, сметаат експертите кои денеска дебатираа на темата „Каков специјален обвинител ѝ е потребен на Република Македонија“.

Најчевскa: Нема потреба да се менува Уставот

Според професорката Мирјана Најчевска за воведување на овој институт во законодавството воопшто нема потреба да се менува Уставот, туку единствено треба да се внесе нова одредба во постојниот закон. Најважно, според Најчевска е специјалниот обвинител да го црпи легитимитетот од граѓаните.

„Јас сум од експертите што сметаат дека не се потребни уставни промени за да може да се смести овој нов институт во рамките на сегашните правни решенија. Доколку се земе предвид дека јавниот обвинител е заштитиник на граѓаните, а не е заштитиник на државата, што го кажува и во заклетвата, тој не вели ќе ја штитам државата, или државните органи, туку вели „Ќе ги штитам слободите, правата на граѓанинот“. Второ, многумина зборуваат дека е тоа единствена институција дефинирана во Уставот и од таму носат заклучок дека било какво внесување на специјален обвинител во законот би го нарушило тоа единство. Не случајно републичкиот јавен обвинител се именува од Собранието, одговорен е пред Собранието, поднесува извештај на Собранието… Тоа значи дека јавниот обвинител е орган на граѓаните и автоматски тоа значи дека сета понатамошна структра на обвинителството не го негира овој елемент на пренесена надлежност на граѓаните. Ако граѓаните дале надлежност на еден јавен обвинител, ништо не ги спречува да дадат надлежност на уште еден јавен обвинител, во рамките на истиот систем“, рече Најчевска

„Потребно е формирње и на специјален суд“

Според Најческа потребно е да се формира и специјален суд, а воедно обвинителот и неговиот тим не смеат во ниту еден случај  да бидат доведени во врска со било кој од случаите што се споменуваат во телефонските снимки.

„Структурата на специјалниот јавен обвинител и специјалниот суд за кој јас се залагам, треба да наликува на меѓународните структури, на пример, на Меѓународниот кривичен суд. Овој специјален јавен обвинител и специјалниот суд треба да се занимаваат со проблеми на кршење на човекови права што ги имаат направено моќници кои ги имаат сите ресурси. Тоа е она со што треба да е бори овој јавен обвинител. Кој  и да биде во тој тим не смее да имаат ниту минимална инволвираност во случувањата што се споменуваат во снимките“, рече Најчевска.

Мандатот на специјалниот обвинител, смета Најчевска,  не смее да биде временски ограничен, туку предметно, работата треба да ја заврши целосно, без разлика дали за тоа ќе му бидат потребни повеќе години.

Калајџиев: Клучен е тимот

Според професорот Гордан Калајџиев, акцентoт во овој момент треба да се стави на тимот кој ќе застане зад специјалниот обвинител, неговата екипираност.

„Во таа смисла мислам дека чекорите што претстојат, јавноста не треба да влезе во стапица дека рокот до 15 септември е даден од Господ, за жал и опзицијата влегува во стапицата, па и кандидатот што ќе го предложат не треба да го прифати легитимитетот на политичките партии. Тие четворица лидери на партии не може да дадат легитимитет на една ваква сериозна институција“, рече Калајџиев.

Според него, на специјалниот јавен обинител ќе му требаат две до три недели да формира тим.

„Ја разбирам позицијата, не ја разбирам опозицијата, јас со кандидатите ќе разговарав уште пред неколку месеци, и од нив треба да зависат некои од условите. Зарем мислите дека така лесно некој ќе ја остави својата работа, и ќе ја стави главата во торба преку ноќ?“ рече Калајџиев, додавајќи дека е поразително што правните здруженија и НВО секторот не се вклучени во процес кога се одлучува за еден суштински закон кој ќе има влијание на историјата на Македонија.

Тасева: Правна, а не политичка дебата

И  Слаѓана Тасева од „Транспарентност Македонија“, е децидна дека на специјалниот обвинител, треба всушност да се гледа низ призма на еден врвен  тим.

„Ние сакаме да најдеме споредба или да преточиме примери каде постоеле вакви случаи, но вакво нешто не постоело никаде досега. Случајот „Вотегрејт“ во САД беше еден случај за кој беше наименуван еден специјален обвинител, кој понатаму го префрли на Врховниот суд, зошто не беше предвидено кој може да постапува кога треба да се испитува претседателот. Значи аферата можел да ја води еден човек. Ниту еден од познатите модели не е содветен во конкретниот случај“, рече Тасева.

„Ние се соочивме со нов проблем, специфика која навлегува во човековите права, кои се загарантирани со Уставот и кои од друга страна ни откриваат маса дејствија за кои треба да се водат посебни истраги“, додаде таа.

Според Тасева, не смее да се дозволи прашањето за специјалниот обвинител наместо на правна да се сведе на политичка дебата.

„Политиката успеа да не вовлече во несоодветна политичка дебата, ова треба да е правна дебата, а не политичка дебата. Треба да се размисли за концептите, за да се стигне до решението. Мислам дека оваа дебата треба да се извади надвор од политиката и да не се ставиме пред свршен чин, политичарите да ни стават на маса нешто кое ќе го имаме како декор на ѕидот, односно да имаме специјален јавен обвинител кој нема да има услови да работи или сите прашања да ги реши кои очекуваме дека треба да ги сработи Треба да се знаат и сите гаранции за таа институција и тие луѓе кои ќе бидат таму, се поставува прашањето што понатаму? Процесуирањето на случаите, судовите, ова е само еден почеток и не е прифатливо сега да имаме некакви четири верзии на закон за специјален обвинител, секоја партија си прави своја верзија и после ќе ги спојуваат нивните ставови и потреби, а тие се како и досега-ништо да не се смени, само да задоволиме некој форма или решение. Затоа не верувам во искреноста на овој процес кој што се води зад затворени врати“, резимираше Тасева.

Tрајановски: Детална истрага во УБК

Според активистот за човекови права Жарко Трајановски, детална истрага мора да се направи во УБК. Тој потсети дека една од препораките од извештајот на Прибе беше запленување на релевантните податоци од УБК и  нивна споредба со издадените судски налози.

„Треба да се побара меѓународна експертиза за наоѓање на избришаните фајлови, ние се соочуваме со една полициска држава која излегла од контрола со една Орвелова приказна, едно масовно прислушување и ни треба орган со капацитет кој ќе влезе во УБК и да дојде до трагите на криминално дело“, рече Трајановски.

На дебатата во организација Фондацијата Отворено општество – Македонија меѓу присутните немаше  преставници од обвинителството, иако како што беше посочено биле поканети.


Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk Објавeно: 9.9.2015