/ Прочитано:

1.856

ДЕН НА ЗАШТИТАТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ: Заштитата на личните подaтоци и на приватноста – основнo човековo правo и демократска придобивка

На глобално ниво денеска започна одбележувањето на Денот за заштита на личните податоци. Целта на одбележувањето на денешниот ден е да се зголеми глобалната свест за правото за заштита на личните податоци и за правото на приватност како основни човекови слободи и права признати и предвидени во клучните конвенции кои се однесуваат на човековите права и на нивната заштита.

akademik foto 1

Правото за заштита на личните податоци и правото на приватност се гарантирани со Европската конвенција за човекови права од 1951, со Конвенцијата за основни права на Европската Унија од 2000 година, како и со Универзалната декларација за човекови права на ОН, во која се вели дека никoj нeмa дa бидe излoжeн нa прoизвoлнo вмeшувaњe вo нeгoвиoт привaтeн и сeмeeн живoт, дoмoт или прeпискaтa, ниту пaк нa нaпaди врз нeгoвaтa чeст и углeдот.

На 26 април 2006 година Комитетот на министри при Советот на Европа донесе одлука со која го прогласи 28 јануари за Ден на заштитата на личните податоци. Оттогаш секоја година 28 јануари се слави како Ден за заштитата на личните податоци.

Во рамки на Советот на Европа, важноста за прашањето за правото на заштитата на личните податоци и правото на приватност е потенцирано и во Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи како прв и основен документ на Советот на Европа за заштита на човековите права и слободи.

Заштитата на приватноста е декларирана во членот 8 од Европската конвенција, каде што се пропишува дека секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, на домот и на преписката.

Според оваа конвенција, јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите во едно демократско општество.

Во рамки на Советот на Европа, исто така, клучен документ во кој се нагласуваат принципите за заштита на личните податоци е Конвенцијата за заштита на физичките лица, која се однесува на автоматската обработка на личните податоци на Советот на Европа, која Македонија ја ратификува во 2006 година.

Поаѓајќи од демократските определби за заштита на приватноста, а со тоа и на личните податоци, и во македонскиот Устав се пропишува дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. На законодавен план, клучен пропис во областа на заштитата на личните податоци во Република Македонија е Законот за заштита на личните податоци, со кој се регулира заштитата на приватноста на поединците при обработката на личните податоци.

Врз основа на Законот за заштита на личните податоци е формирана и Дирекцијата за заштита на личните податоци, како самостоен и независен државен орган надлежен за вршење надзор над законитоста на преземените активности при обработување на личните податоци и нивната заштита на територијата на Република Македонија.

Организирањето на Ден на заштитата на личните податоци е една од активностите на оваа институција која и годинава ќе го одбележи овој ден. Поаѓајќи од потребата за подобрување на законодавството од областа на заштитата на личните податоци, а во насока на нејзините идни активности, од Дирекцијата за заштита на личните податоци ја најавуваат Нацрт-стратегијата (2017 – 2020) за спроведување на правото за заштита на личните податоци.

Во Стратегијата е предвидено ревидирање на македонското законодавство во контекст на Регулативата на ЕУ од 25 мај 2016 година на Европскиот парламент и на Советот за заштита на лицата во поглед на обработката на личните податоци и слободен проток на тие податоци, која треба да се применува од 25 мај 2018. Во Стратегијата се нагласува и потребата од хармонизација на македонското законодавство со законодавството на ЕУ.

М.В