/ Прочитано:

985

Депардје повторно не се појави пред судот во Париз,се припрема за улогата на Доминик Строс Кан во Црна Гора

Вторник, 8 јануари 2013 – Француската филмска ѕвезда Жерар Депардје кој деновиве предизвика полемика во јавноста во врска со даночниот егзил во Белгија и здобивањето со руски пасош, денеска повторно е во фокусот на медиумите. Овој пат бидејќи не се појави на суд каде треба да се соочи со прекршочна пријава за возење во пијана состојба. Депардје во моментов се наоѓал во Црна Гора бидејќи во тек се припремите на неговиот нов филм, каде тој ја толкува улогата на посрамотениот поранешен шеф на ММФ, Доминик Строс Кан, потврди неговиот адвокат.
Францускиот актер неодамна падна од својот скутер во Париз и направи тежок сообраќаен прекршок бидејќи возел со 1,8 промили алкохол во крвта односно трипати повеќе од дозволеното. Со ова повторно отсуство во скратената судска постапка, која требаше да замени класична судска постапка, тој сега ќе биде суден пред Суд за прекршоци.

– Иако сакаше да присуствува на сослушувањето и да се соочи со судијата, Жерар Депардје поради професионални обврски мораше да отсуствува, го оправда својот клиент, адвокат Ерик де Комон.

Комон објасни дека неговиот клиент се наоѓа во Црна Гора, каде се подготвува за улогата на Доминик Строс Кан поранешниот директор на ММФ чија потенцијалната кандидатура за претседател на Франција пропадна по обелоденувањето на сексуалната афера во САД која буквално ја уништи неговата кариера.
Францускиот актер викендот го помина во Русија, каде доби руски пасош лично од претседателот Владимир Путин, а вчера присуствуваше на доделувањето на Златната топка во Цирих. Јавното обвинителство веќе предупреди дека ако дојде до повторно отсуство предметот на Депардје ќе се најде пред Судот за прекршоци за неколку месеци. Возењето во пијана состојба во Франција се казнува со парична казна од 4.500 евра и казна затвор до две години и одземање на шест поени од возачката дозвола од вкупно 12.