/ Прочитано:

1.726

Судење „Детонатор“: Прво и второобвинетиот имаат судски спор, негираат дека се здружиле и создале криминална група

Среда, 12 септември 2012 – Стартуваше судскиот процес кој се води против 16 обвинети кои беа уапсени во првиот наврат во акцијата на МВР, „Детонатор“, двајца од нив се наоѓаат во бегство. Обвинетите негираат дека се дел од криминална група која што дејствувала во источна Македонија и ги отфрлаат сите кривични дела што им се ставаат на товар. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Прво и второобвинетиот имаат меѓусебен судски спор, негираат било какво здружување, бидејќи како што велат имале нарушени односи.  

Дел од  обвинетите се сопственици на дискотеки, барови како и нелегални објекти за игри на среќа, преку кои остварувале профит, а според обвинителството ги користеле и за прикривање на своите криминални активности.

Во акцијата ширум Македонија беа запленети 1.000 покер апарати. Според обвинителниот акт, оваа група ја оштетила државата за 18 милиони денари.


Тек на рочиштето

15:20 – Главниот претрес заврши. Процесот ќе продолжи со распит на четвртообвинетиот на 14.09.2012 година во 10:30 часот. Она што можеше да се забележи е дека во судницата освен странките, рочиштето со големо внимание го следеа новинарски екипи, роднини и пријатели на обвинетите. Меѓу одбраната се најдоа неколку звучни имиња и тоа адвокатите: Дончe Наков, Антонио Апостолски, Сашо Дуковски. Првообвинетиот го застапува адв. Љубомир Михајловски – Џанго

13:30 – По паузата, цели 2 часа исказ даваше третообвинетиот Жан Железарски. Се произнесе одделно за секој обвинет, делумно ги познава, со некои другарувал уште од детсвото, а некои како што вели ниту ги знаел, ниту контактирал со нив. Во однос на првообвинетиот рече дека со него немал никаква пријателска ниту бизнис зделка, го потенцираше судскиот процес кои се води во Основен суд Кочани, во кој првообвинетиот го тужи за настаната тепачка во дискотеката „Ефект“ во Виница, чиј сопственик е токму првообвинетиот. Во однос на трите критични денови за кои обвинителството го гони за обид за убиство, обвинетиот Железарски рече дека има алиби за сите денови, а во доказна постапка ќе приложел докази и сведоци. Нагласи дека не е организатор на никаква група, а особено не би правел група со првообвинетиот со кој наводно има нарушени човечки односи. Како што вели, давал пари на заем, но ја негираше високата камата што стои во обвинението. Во однос на штипската агенција за обезбедување „Титан“ се огради, повикувајќи ги наведените оштетени лица во обвинението за свои сведоци и потенцирајќи дека од никого не изнудувал пари, ниту пак на некого му се заканувал. 


13:15 – Пауза до 13:30.


11:50 – Почна распит на обвинети. Првообвинетиот Игор Горански, во целост ги негира наводите во обвинението. Вели дека дел од обвинетите лично ги познава како пријатели, а дел од нив воопшто не ги познавал. Се изјасни по однос обвинувањата за убиство. За првите два обиди за убиство слушнал од чаршиски муабети во Виница, а за третиот пат половина час ја објаснуваше бркотница со автомобили меѓу него и оштетениот Стоименов низ скопските булевари, но како што вели  воопшто не дошло до пукање.

11:10 – Обвинителот го отвори рочиштето со читање на обвинителниот акт. Според обвинението, се работи за првата група уапсени со акцијата на МВР ширум Кочани, Виница, Штип и Крива Паланка. 16-те обвинети се товарат за: обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. 6 лица се организатори, а 10 припадници на злосторничката групата. Двајца од обвинетите се наоѓаат во бегство.

6-те организатори во три наврати се обиделе да го лишат од живот оштетениот Драганчо Стоименов,  два пати со подметнување  на експлозивна направа, а третиот со ловечка пушка. Организаторите и припадниците, односно сите обвинети изнудувале пари преку агенција за обезбедување во нивно сопствеништво. Растурале фалсификувани пари преку купување на деловни објекти и автомобили. Переле пари, но главниот приход им бил од покер апарати, стои во обвинението.

11:00 – Со доцење од половина час, старт на рочиштето. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.