ДИК ги отфрли 47-те приговори за Ресен и го поништи гласањето на едно место во Охрид
Четврток, 28 март 2013 – Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница ги одби 47-те приговори на опозицискиот „Сојуз за иднината“ за првиот круг од локалните избори во Ресен, со образложение дека се поднесени без докази. Исто така, ДИК попладнево го поништи гласањето на едно избирачко место во Охрид. Врз основа на записник и базата на податоци што ја има Комисијата е утврдено дека во избирачката кутија имало едно ливче повеќе од заокружените во избирачкиот список кои гласале.
Службите на ДИК треба да проверат дали бројот на гласови од ова избирачко место во Охрид ќе влијае на резултатите за избор на градоначалник. Приговорот за гласањето во Охрид беше поднесен од СДСМ. Седницата на ДИК се уште трае и се одлучува по поднесените преговори.
Рокот на ДИК за разгледување на над 400-те приговори завршува денеска во 19 часот, но се уште е неизвесно дали Комисијата ќе ги разгледа приговорите до тогаш имајќи ги предвид жестоките расправии меѓу членовите на највисокото изборно тело.
По завршувањето на овој рок политичките партии ќе имаат повторно 48 часа да поднесат тужби до Управниот суд чии одлуки се последни и конечни и по кои ќе се знае дали и каде ќе има прогласување.
Рокот на Управниот суд завршува во понеделник, а веќе во вторник или среда треба да се изврши печатењето на избирачките ливчиња за вториот круг од изборите што треба да се одржи на 7 април.