/Прочитано:

2.232

Димитар Ѓеорѓиевски (ДЗЛП): Познавањето на Законот за заштита на личните податоци е најдобрата превентива од злоупотреба

Експанзијата на Интернетот и Фејсбук носат голема можност за злоупотреба на приватноста и на личните податоци. Очигледно според бројот на претставки поднесени до Дирекцијата за заштита на личните податоци, злоупотребата кај нас најчесто се одвива преку социјалните мрежи. Досега пристигнале 4 кривични пријави до обвинителството за злоупотреба на личните податоци и закани на Фејсбук. Две се однесуваат на лажен профил, една е поради закани за објавување на фотографии без дозвола, а последната е за објавен список на Фејсбук со име, презиме, адреса и политичка определба на група граѓани. Граѓаните мора да се запознаат со Законот за заштита на личните податоци за да знаат каде треба, а каде не треба да ги оставаат личните податоци, вели за Академик директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Димитар Ѓеорѓиевски. 

Димитар Георгиевски – директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци

Банкарскиот сектор, маркетинг службите, телекомукациите и судството се области кадешто се случува да се злоупотребат личните податоци на граѓаните. Често пати работодавците во интервјуата бараат да се наведе брачната состојба, број на деца, фотографија, здравствени податоци иако не се во согласност со начелата за заштита на личните податоци. Дирекцијата апелира до работодавците на конкурсите за работа да се придржуваат до податоци кои се тесно врзани со критериумите за избор и професионалните квалификации на кандидатите.

Има ли приватност на Интернет?

  • Колку ќе ја штитиме нашата приватност на Интернет во голема мера зависи само од нас. Не постои разлика во дефинирањето на личните податоци во дигиталниот и во реалниот свет. Дигиталниот свет станува се повеќе наша реалност. Воспоставените правила во реалниот свет, едноставно мора да се применуваат и во дигиталниот свет. Развојот на информациските и комуникациските технологии со себе носи и поголема можност за злоупотреба на правото на приватност и заштита на личните податоци. Голем е бројот на претставки на граѓани кои пристигаат во Дирекцијата, а кои се однесуваат на крадење на идентитети или претставување во туѓо име на порталите за социјално вмрежување, објавување фотографии и видео материјали без согласност на лицето кое се наоѓа на фотографијата, односно видео материјалот, злоупотреба на лозинка на профили и електронски адреси.

Може во кратки црти да ни ја објасните постапката по поднесена претставка за Фејсбук?

  • Дирекцијата единствено постапува за злоупотреби на лични податоци чија што обработка се врши на територијата на Република Македонија, односно чиј што контролор има претставник во Република Македонија. Иако надлежноста на Дирекцијата е само над контролорите во Република Македонија, во случаи на злоупотреба на личните податоци на интернет Дирекцијата секогаш се обидува колку што може да им помогне на граѓаните. Пред се, се  доставува барање до подносителот на претставката за дополнување на документацијата, која е потребна за да се побара бришење на злоупотребениот профил. Дирекцијата подготвува барање за отстранување на злоупотребениот профил и истото го доставува до администарцијата на Фејсбук, на понатамошно постапување. По добивањето на одговор од страна на администрацијата на Фејсбук истиот се доставува до подносителот на преставката.

Колку фирмите и институциите се запознаени со начинот на обработка на податоци, односно какво е искуството на инспекцискиот надзор?

  • Согласно Законот за заштита на личните податоци, правните лица или фирмите и институциите се контролори на збирки на лични податоци кои самостојно ги утврдуваат целите и начинот на обработка на личните податоци. Дефинирани како контролори, тие имаат законски обврски за подготовка и имплементација на внатрешни акти за заштита на личните податоци. Од донесувањето на Законот па до денес, може да се забележи дека свеста на фирмите и институциите за заштитата на личните податоци е подигната на значително ниво. Континуираната едукација која ја врши Дирекцијата за заштита на личните податоци преку одржување на обуки, како и спроведувањето на редовни инспекциски надзори при кои главниот акцент се става на усогласувањето на контролорите со прописите за заштита на личните податоци придонесуваат во подигнувањето на свеста кај контролорите за нивните обврски за заштита на личните податоци.

На што се однесуваат кривичните пријави кои ги имате поднесено до сега? Колку пријави имате поднесено?

  • Согласно Кривичниот законик на Република Македонија во членот 149 злоупотребата на личните податоци е утврдена како кривично дело. Дирекцијата може по службена долност да поднесе кривична пријава до Основното јавното обвинителство на Република Македонија во случаи и кога е утврден, но и кога не е утврден точниот идентитет на сторителот на злоупотребата на личните податоци. Досега Дирекцијата има поднесено четири кривични пријави за злоупотреба на личните податоци на Интернет. Две од нив се за континуирано креирање на лажни профили во туѓо име на порталот за социјално вмрежување Фејсбук, една се однесува на објавување на фотографии без согласност на субјектот на личните податоци, а четвртата е за објавување на список со личните податоци – име и презиме, адреса на живеење и политичка определба исто така на порталот за социјално вмрежување Фејсбук.

Освен за социјалните мрежи, за што друго имате претставки?

  • Претставките за социјалните мрежи се најчести но секако, заштитата на личните податоци е задолжителна и во останатите сфери од секојдневното живеење. Дирекцијата досега има добиено претставки за собирање и обработка на податоци за цели на пополнување на апликации и директен маркетинг во банкарскиот сектор, директен маркетинг и склучување на договори во туѓо име во секторот телекомуникации, објавување на податоци од страна на судството, преобемна обработка на лични податоци во образованието, откривање на здравствени податоци, собирање и обработка на лични податоци во работните односи…

Како граѓаните да ја прават разликата каде мора да се остават личните податоци, а каде не мора?

  • Сопствената заштита е секако поврзана со информираноста и познавањето на нашите права. Граѓаните пред се треба да се информираат за тоа кои се нивните права кои им ги гарантира Законот за заштита на личните податоци и на кој начин можат самите да влијаат за да се спречи некоја злоупотреба. Законот дава право на пристап до базите на податоци, право на исправка на погрешни или бришење на податоци за кои роковите на чување истекле. Може да се забележи дека граѓаните почнуваат да се интересираат за заштитата на нивните лични податоци кои ги откриваат на различни места и за различни услуги. Се разбира, никој од нас не може да ги познава сите закони и да знае врз основа на што му се бараат лични податоци. Освен информирањето на граѓаните во овие случаи и контролорите треба да делуваат едукативно и да им појаснат на граѓаните за која цел им се потребни нивните лични податоци, согласно кој пропис и на кој начин ќе ги обработуваат. Законот за заштита на личните податоци дава право на граѓаните да пристапат до збирките каде што се чуваат нивните лични податоци. Ова свое право граѓаните можат да го искористат секогаш кога се сомневаат во заштитата на личните податоци од страна на одреден контролор.

Дали е дозволено снимање на работното место, имате ли претставки за камери на работни места?

  • Видео надзорот во службените или деловните простории е дозволен кога е исполнета една или повеќе цели утврдени со член 9 б, од Законот за заштита на лични податоци, при што контролорот, односно работодавецот мора да внимава на правата на приватност на вработените, односно не може да се постави видео надзор заради следење на ефикасноста на вработените. Во однос на обработката на личните податоци кои се однесуваат на семејниот живот при спроведување на инспекциските надзори Дирекцијата за заштита на лични податоци забранува работодавците да ги обработуваат овие податоци, бидејќи нивното собирање, обработка и чување е преобемно  во однос на целите за кои истите се потребни. Од кога ќе се утврди дека контролорот, односно работодавецот ги обработува овие податоци, нивната понатамошна обработка се забранува и конторолорите се должни да постапат, а праксата покажува дека се почитуваат  наодите на Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Имате ли претставки за интервјуата за работа, во однос на тоа што честопати од конкурентот се бара да одоговори за  неговата семејна состојба итн?

  • Точно е дека компаниите често пати не внимаваат на обемот на личните податоци кои ги бараат од кандидатите за вработување. Дирекцијата има спроведено инспекциски надзор во неколку агенции за вработувањеи генералната забелешка е дека обемот на податоците кои се собираат како што се брачна состојба, број на деца, фотографија, здравствени податоци, не во согласност со начелата за заштита на личните податоци. Работодавецот може да собира и обработува само лични податоци кои се тесно врзани со критериумите за избор и професионалните квалификации на кандидатите. Колку ќе ја штитиме нашата приватност на интернет во голема мера зависи само од нас. Не постои разлика во дефинирањето на личните податоци во дигиталниот и во реалниот свет. Дигиталниот свет станува се повеќе наша реалност. Воспоставените правила во реалниот свет, едноставно мора да се применуваат и во дигиталниот свет.  Развојот на информациските и комуникациските технологии со себе носи и поголема можност за злоупотреба на правото на приватност и заштита на личните податоци. Голем е бројот на претставки на граѓани кои пристигаат во Дирекцијата, а кои се однесуваат на крадење на идентитети или претставување во туѓо име на порталите за социјално вмрежување, објавување фотографии и видео материјали без согласност на лицето кое се наоѓа на фотографијата, односно видео материјалот, злоупотреба на лозинка на профили и електронски адреси.

Личен податок  – е секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува, а лице кое може да се идентификува е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на матичен број на граѓанинот или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, ментален, економски, културен или социјален идентитет.

Посебни категории на лични податоци – се лични податоци кои го откриваат расното или етничко потекло, политичко, верско, филозофско или друго уверување, членството во синдикална организација и податоци што се однесуваат на здравјето на луѓето, вклучувајќи ги и генетските податоци, биометриски податоци или податоци кои се однесуваат на сексуалниот живот.


Разговараше: Паула Божиновски

Објавено: 04.07.2012