/ Прочитано:

578

Дипломатите должат 16 милиони долари за казни за паркирање во њујорк

Четврток, 25 септември 2014 – Градот Њујорк има ненаплатени казни за паркирање во вредност од над 16 милиони долари што ги добиле возила на странски дипломати. Одделот за финансии на градот вели дека Египет е на врвот на листата од околу 180 земји, со неплатен долг од речиси 2 милиони долари заклучно со летово.

Весникот „Волстрит џурнал” објави дека пет земји должат над 500.000 долари: Нигерија, Индонезија, Бразил, Мароко и Пакистан.

Голем дел од неплатените сметки се за казни издадени пред 2002 година.

Оттогаш сумата драстично беше намалена со акцијата на градот за наплата на заостанатите казни за паркирање.

Портпаролот на египетската мисија на ОН рече дека нема детали во врска со ова прашање. Претставниците на Индонезија, Мароко и Пакистан одбија да дадат коментари. Портпаролот на Бразил рече дека побарале повеќе информации. Немаше одговор на пораката до мисијата на ОН на Нигерија со барање за коментар.